Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Надица Дамова, советничка за преучилишно образование во општина Кавадарци.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Надица Дамова: Кога требаше да се одлучам дали да продолжам со образованието или да се омажам. Се одлучив за образование и не се каам за направениот избор, затоа што иако со задоцнување ја најдов љубовта на мојот живот. Денес пак гордо можам да кажам: Јас сум среќна сопруга, мајка на две малолетни деца, работам на струката и го користам знаењето стекнато низ образованието. Успеав да ги реализирам и двете поставени цели кои сега се споија во едно: независна, семејна, исполнета жена.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Надица Дамова: Поголема храброст и самодоверба за кандидирање на високи општествени функции, економска независност, женска солидарност и поддршка една со друга. Жените се еднакво способни и успешни ако им се даде можност, но ретко се одлучуваат да се кандидираат за највисоки позиции од најразлични причини. Треба да се работи на зајакнување на нивната самодоверба, пред се преку поддршка и солидарност од други жени.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Надица Дамова: Се е за луѓето. Се што требало да биде ќе биде. И се поминува. Биди насмеана затоа што некому твојата насмевка му е се.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Надица Дамова: Да ги поддржуваат повеќе жените затоа што тие навистина знаат и умеат. Треба да овозможат начини преку кои жените ќе добијат можност да ги покажат своите знаења и да работат, без притоа да се соочат со дискриминации и пречки на секој чекор. Самиот факт дека жените се застапени онаму каде што има квоти (совети на општини и Собрание), а ги нема онаму каде не постојат квотите (градоначалнички и министерки) укажува дека жените сеуште немаат можности за рамноправен пристап до сите позиции. Слична е состојбата и во менаџерските позиции во компаниите, а сето ова е заради фактот дека жените сеуште го носат најголемиот товар на домашните обврски, грижата за децата и старите лица во семејството и одржувањето на хигиената во домот.
Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Надица Дамова: Многу работи би менувала, но ако треба да одберам три би се задржала на образованието, солидарноста и економските можности. Образованието е сегмент кој ги поставува основите во животот на секој човек и сметам дека треба да се работи на образование кое ќе овозможи секое дете да си ги пронајде своите силни страни, наместо само да учи работи на памет. Солидарноста е нешто на што сум била сведок додека сум растела, луѓето се поддржуваа и си помагаа меѓусебно на многу начини. Сметам дека треба да се работи таа свест за меѓусебна поддршка да се врати и тоа посебно кај жените. И последно економските можности можат да бидат многу поголеми со користење на новите технологии и треба да се работи на олеснување на регулативите за онлајн работење.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
Надица Дамова: Да имаат поголема самодоверба, да се борат силно за она што веруваат. Среќно девојки
Најнови коментари