Мој став

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Маја Лазарова

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Маја Лазарова, вработена во меѓународна организација во областа на демократското управување.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Маја Лазарова: Живееме во околина полна стереотипи, стигматизирања, осуди. Колку и да кажеме дека има прогрес во агендата за родова рамноправност, сеуште несразмерно поголем товар на обврски носат жените во секојдневниот живот. Сеуште се знае кои се „женски работи“ и се очекува жената да биде „жртва“ – да се стави себе си во втор план во однос на мажот.

Бев заглавена во несреќен брак, без љубов и почит. Долги години се борев самата со себе да донесам одлука – што од несакање да си го признаам неуспехот, што од срам од развод, што од страв дали ќе можам сама да се носам со сите обврски приватно и професионално. Но доаѓа момент кога ќе сфатиме дека немаме друг избор освен оној да се биде храбар и да се сврти нов лист од книгата – живот. И не зажалив во ниеден момент. Слободата и душевниот мир немаат цена. Разводот беше најдоброто нешто што можев да го направам за себе и за своите деца, да живееме во мир, а не во токсична средина. Успеав да се издигнам, да продолжам со своето образование до здобивање на докторска титула, да ги завршувам со успех сите професионалните барања на работното место и пред се да бидам среќна мајка на моите две деца. Не заборавам повремено да си се свртам позади себе, да си се потсетам на битките и да си се пофалам за храброста и издржливоста.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Маја Лазарова: Има многу жени кои се секојдневни жртви на физичко и психичко насилство. Лошата финансиската состојба за жал – освен во случаи кога директно им е загрозен животот – најчесто не им дозволува да се одлучат да тргнат по свој пат, да се решат да живеат поинаков живот во мир и достоинство. Некои од нив дури и не знаат за поинаку, сметаат дека треба да трпат и дека е нормално така  да се живее и таков третман да добиваат од мажот. Затоа треба многу едукација и поддршка. Подигањето на свеста преку кампањи и со користење на можностите на социјалните медиуми сметам дека може многу да придонесе за унапредување на улогата на жените во општеството. Да ги охрабриме жените, да им дадеме поддршка наместо критика.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Маја Лазарова: Велат проблемите во животот се идеална можност човек да си го намали егото, да си погледне во себе и да почне да си ја буди свеста. Јас на почеток на своето „будење“ добив драгоцен подарок – книгите „Тајна“ и „Почувствувај го стравот и соочи се со него“. Од денешна перспектива, токму тие книги и советите во нив ми помогнаа да соберам храброст и да тргнам напред во животот. Таков совет би им дала и на оние кои би го побарале тоа од мене. Во животот секој од нас има падови, секој носи и правилни, но и многу погрешни одлуки. Но не секој е толку свесен и храбар да си признае дека згрешил, да си прости и да тргне напред. Најважно од се’, да си останеме доследни на самите себе, да си се сакаме најпрвин самите себеси. Во таа смисла ќе го цитирам Сократ: Спознај се самиот/ самата себе си!

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Маја Лазарова: Најпрвин треба преку институциите на системот да се креираат можности за повеќе жени подолго да останат во образовниот систем, да се изградат професионално, и тоа да придонесе и за поголема економска независност на жените. Постоењето на квалитетни јавни услуги ќе придонесе жените да можат да се потпрат на јавните услуги кои би го супституирале нивниот труд во семејството – како на пример грижата за децата и старите лица. Индексот на родова еднаквост во општините во Република Северна Македонија покажува дека нееднаквоста во вработеноста меѓу жените и мажите е поголема во општините каде нема државни градинки. Во просек, во општините каде нема градинка на секои 10 вработени мажи, има само 4 вработени жени, додека во општините каде има барам една градинка, на секои 10 вработени мажи има 7 вработени жени. Да почнеме од вградување на родовата димензија во локалните политики и на највисоко државно ниво. Да ги вклучиме жените во развојот на политиките и во решенијата кои се носат за да се унапреди нивната положба. Потребна е партиципативност од оние на кои се однесуваат тие решенија.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Маја Лазарова: Зголемена можност за поквалитетно  образование на жени на престижни универзитети заради стекнување на квалификации и отварање на нови видици за работите, приватно и професионално. Зголемување на личните приходи за да се овозможи подостоинствен живот, особено на самохраните мајки. Постојана едукација на жените за нивните права  и охрабрување да се вклучат поактивно во креирањето политики и носењето одлуки.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Маја Лазарова: Да уживаат повеќе во својата младост и да не ја ставаат својата среќа во рацете на некој друг, бидејќи како што рекле „Ако си среќен, тоа е поради тебе. И ако си несреќен, и тоа е поради тебе. Ти си својот пекол и својот рај“. Да се посветат на остварување на своите соништа, но да бидат благодарни и среќни во сегашниот миг за сите „мали и обични“ нешта кои ги имаат во својот живот сега и овде. Тагувањето по нешто што поминало или страдањето заради копнежот за нешто што го посакуваме во иднината, а во сегашноста го немаме, се сигурен рецепт за немир и несреќен живот.  Да најдат причина за среќа секој ден, да си постават високи стандарди, но да не бидат престроги кон себе. Да си се пофалат за секој успех, колку и да изгледа мал и незначителен. Ситници – така ги нарекуваме најзначајните работи во животот!