Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Весна Шапкоски, Здружение СТАНИЦА П.Е.Т. Прилеп.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Весна Шапкоски: Не сум сигурна дека може да се каже дека само еден момент бил конкретен пресврт во мојот живот – повеќе се тоа ситуации, сплет на околности или одлуки кои ме донеле на местото каде што сум сега. Од афинитетите кои сум ги имала како дете, преку изборот на образование односно професија – правник, моето семејство –сопругот и синот, па се до условите за вработување за младите во помалите градови и мојот професионален ангажман како граѓански активист и работата од онаа страна на правото и правдата – сите овие фактори, околности, ситуации ме изградиле во она што мојата личност го претставува денес.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Весна Шапкоски: Отворени умови. И тоа не само од страна на мажите туку и од страна на самите жени. Голем дел од жените за жал не можат да се остварат согласно своите склоности, желби и афинитети поради затворените и ограничени ставови кои постојат во рамки на општеството и семејството. Што е уште пострашно, голем дел од ограничувањата им се поставуваат токму од жените во нивните семејства или околината. Многу жени особено оние од помалите средини и заедници се оставени на маргините на општествениот напредок, генералните трендови и анализи ниту го опфаќаат, ниту го земаат во предвид нивниот специфичен контекст, а општествената слика најчесто се креира и прикажува преку намерно избран примерок кој на некого му носи повеќе поени.
Родовата рамноправност за мене не значи само исполнување на бројки и квоти со што се постигнува вештачко прикажување на баланс; таа претставува еднакви можности за напредок и личен развој на сите нивоа и во сите сфери.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Весна Шапкоски: Образованието и едукацијата се сопственост која никој не може да ти ја одземе.
Силно верувам дека вложувањето во својот развој, образованието и постојаното надоградување на личните знаења и вештини, како формално така и неформално, се клучни за постигнување на напредок. Иако во нашето општество многу вредности се изместени и секојдневно сме сведоци на неразумни и преку ноќ содадени успеси на луѓе со ограничени знаења и способности, јас сепак цврсто верувам дека успехот ги следи оние кои силно се посветени на своите идеи, кои искрено се залагаат за постигнување на она во што веруваат и кои не отстапуваат од своите сопствени убедувања заради привремени лични придобивки.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Весна Шапкоски: Прво – и одлучувачите треба да имаат жени во своите редови. Традиционално кај нас родовите квоти се исполнуваат само на пониските позиции, но многу малку жени се застапени на одлучувачки позиции. Понатаму, вклученоста на жените не треба да се претвора во статистика – родовата еднаквост да не се бирократизира, туку да се осмислуваат политики и мерки за фактичко и реално постигнување на баланс во општествениот живот. Напредокот и вклученоста на жените е напредок на целото општество, а не е само поле за штиклирање во листата.
Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Весна Шапкоски: Јас сум тип на човек кој верува дека промената треба да се постигне во секој од нас, па дури потоа да се преслика во општеството во кое живееме. Најчесто кај другите најмногу ни сметаат особините и околностите кои и сами ги имаме или од кои доаѓаме. Оттука, јас би сакала во секој поединец да ја видам промената на ставот кон местото и улогата на жената во општеството како еднакво важен чинител од кој зависат многу работи.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
Весна Шапкоски: Целосна и апсолутна сигурност во себе никој никогаш и не треба да има. Секоја успешна жена и секој успешен човек генерално се одликуваат со една особина – често се сомневаат и се преиспитуваат себеси. Нека не ве збунува неискуството и младоста – личниот избор и став кон одредени работи, вашите афинитети и склоности не можат драстично да се променат со годините, туку само се модифицираат и недоградуваат согласно околностите. Не дозволувајте никој друг да прави избор во ваше име. Бидете одлучни и цврсто застанете позади вашите одлуки, но останете приземни, чесни и добри луѓе, не заборавајте од каде сте дошле и кој ви помогнал да станете тоа што сте.
Најнови коментари