Интервјуа, Мој став

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Билјана Галовска

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со м-р Билјана Галовска, НЛП тренер и коуч, предавач во Бизнис Академија Смилевски во областа на организациско однесување и комуникации

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Има два моменти од мојот живот посебно освестувачки. Првиот е кога имав одредени предизвици со моето здравје на возраст од 18 години. Тогаш сфатив колку длабоко во себе имам верба во животот, Бог, универзумот. Вториот  момент е кога помислувајќи на мојата старост, на смртта и животот кој сум го поминала, сфатив дека не сум задоволна, затоа што многу работи не сум ги направила, функционирајќи под превезот на уверувањата  “не заслужувам” и “не сум доволно добра”. Согледав дека стравот не може да го спречи она што доаѓа негативно  во животот, но затоа пак ми ја зема радоста многу често. И затоа единствената работа кон која се движев беше храброста и пронаоѓање на начин како да ја развиеме во себе. И тоа сеуште трае и секогаш може повеќе.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Жените во Македонија се храбри, имаат толку многу потенцијали, истрајност и упорност. Она што им недостига е поддршката и разбивањето на стереотипот дека жените се понежен пол, во смисла послаби или не толку вредни. Тие треба да добијат информации за машкиот и женскиот принцип и да научат дека не мораат се сами. Потребни се едукации од областа на личниот развој кои ќе им бидат погонско гориво за се она што тие можат и сакаат, а не знаат како и не си дозволуваат. Ние треба да научиме дека се можеме, ама ништо не мораме. Македонските жени се толку проникливи и креативни што од ништо прават нешто. Она што им е потребно е тоа да одговорноста за својот живот ја земат во свои раце.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Обично не делам совети (од пред неколку години) затоа што коучингот е поставување на прашања за доаѓање до сопствените одговори. Но, се сеќавам на еден ,,аха,, момент кога во текот на еден пријателски разговор,  ја прашав мојата пријателка “што те научи тоа”? Прашањето што не учи нешто кое ни се случува е бисерот во школката што ретко се обидуваме да го пронајдеме.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Да го воведат НЛП (неуролингвистичкото програмирање) и коучингот во Високото образование, како задолжителен предмет.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

1. Здравствениот систем (да се обезбедат сите потребни ресурси за непречена работа на медицинскиот кадар -да можат нашите доктори да работат во нормални услови и да имаат со што)

2. Поквалитетно образование

3. Емпатија кај оние кои им недостига

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Каде и да одиш себе со себе ќе се понесеш. Затоа каде и да си, работи на тоа да стануваш најдобрата верзија од себе. Ти си единствена на овој свет и пополнуваш место кое не може да го заземе некој друг. Имаш нешто што треба да му го дадеш на овој свет. Откриј што е тоа….