Интервјуа

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ-Гордана Јованоска, Директорка на ЈП „Билјанини Извори“ Охрид

Во рамките на серијалот „Секојдневни Хероини“ објавуваме интервјуа со жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Овој пат ви го пренесуваме разговорот со Гордана Јованоска, директорката на ЈП „Билјанини Извори“ од Охрид, магистерка по човекови ресурси.

Јованоска завршила Економски факултет во Прилеп и се стекнала со звањето дипломиран економист – кибернетичар. Пред тоа  на Електромашинскиот факултет во Битола дипломира на отсекот електро и се стекнува со диплома електро инженер енергетичар VI /1 степен.

По завршувањето на високото образование прво вработување и е во некогашниот гигант ЕМО – Охрид. Таму работи девет години и во ДООЕЛ Трансформатори била финансиски раководител. По транзициското разнебитување на ЕМО се  вработува  во ЈП „Билјанини Извори“  како финансиски раководител, па  две години е на челната позиција, магистрира човекови ресурси и моментално пак ја извршува функцијата директор на ова комплексно јавно претпријатие. Таа е сопруга и мајка на 18 годишна ќерка. 

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Кога учите, студирате  постојано мечтаете за работа и кариера. Ви се чини дека сте ги допреле ѕвездите. Но тој премин од еден вид обврски и вработувањето мене комплетно ме променија како личност. Станав општествено и политички активна, а бев гласна и во најтешките транзициски времиња во фирмата во која почнав со работа. Тогаш сфатив дека стабилното време во кое работеа моите родители е минато и дека дојде некое друго, далку понеизвесно време, кое ме измести, но ме отрезни дека човек постојано треба да се стреми кон откривање нови хоризонти и да се бори за својата иднина, а не да чека друг да му ја одредува судбината на професионален, а ако сакате и на приватен план. Бракот и раѓањето на ќерката се нештата кои навистина целосно ми го променија погледот кон светот.  

По втор пат сте на чело на ЈП Билјанини Извори, висока менаџерска позиција. Што сметате дека е поразлично овојпат и со какви предизвици се соочивте?

За моја предност го сметам фактот што во ова Јавно претпријатие сум од неговото формирање во 2008 година. На почетокот работев како финансиски раководител, а од 2010-2012 година бев директор и од 2017 година, па и во мигов сум на чело на претпријатието. На моја страна се искуството, приодот кон работата и зацртаните цели.  Слободно можам да речам дека претпријатието го чувствувам како дел од мене. Ги сакам дејностите за кое е формирано. Го сакам спортот, езерото, градот, а токму тие работи се мое и секојдневие на над 80 вработени во претпријатието. Под наша надлежност се спортските терени на СРЦ „Билјанини Извори“, потоа го регулираме усидрувањето на пловила во каналот „Студенчишта“. Но, наша најобемна дејност можам да речам и најтешка е управувањето со јавните паркинзи на ниво на Охрид. Кога по втор пат дојдов на оваа функција финансиската сосотојба во претпријатието беше далеку од розова. Ми тежеа заостанати плати, со месеци неплатени сметки за електрична енергија, а со тоа често исклучување на струјата во целиот комплекс и заостанат долг од 8 000 000 денари, како и многу други долгови по разни основи во близу 23 000 000 денари. Зад мене се денови и денови макотрпна работа со голема лична самодисциплина и барање останатите да го следат мојот пример. Не беше воопшто лесно. За  само една година ги надополнивме заостаните плати, го исплативме долгот кон ЕВН, го воведовме СМС системот на градските паркинзи и за 100% во просек ја зголемивме наплатата од корисниците. Како резултат на тоа вработените земаат редовни плати и тоа покачени во просек од 15% од периодот пред јас да менаџирам со претпријатието.

Еднакви.мк: Кои се најновите проекти на кои работите во претпријатието?

За мене зборот не можам не постои.  За сѐ има решение и никој не смее да се задоволи со еден предизвик, туку отворањето на една врата ти дава нови погледи кон нештата и отвора  нови хоризонти и предизвици кои треба да се прифатат.  Па, така и во мојата работа. Во моментов работиме на повеќе проекти. Во завршна фаза е изградбата на нова трибина на градскиот фудбалски стадион и на новиот автоматски систем за наводнување на теренот. И двата проекти се финансирани од ФФМ. Влеговме во годишниот план на Агенцијата за спорт и млади за поставување комбиниран систем за фотоволтаици за производство на електрична енергија и техничка топла вода за потребите на спортската сала. Потоа во кругот на старата касарна во моментов работиме на оспособување на фудбалско игралиште, а заедно со голф клубот „Охрид“ сме во фаза на изградба на голф терен кој ќе ја збогати туристичката понуда во нашиот град.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

На жените во РСМ им е потребна поголема меѓусебна поддршка за да се изборат за подобар статус во општеството. Потребно е жените повеќе да си веруваат во  својата способност, и да се изборат за повеќе раководни функции. Мислам дека во нашата земја ќе има по радикални придвижувања кон европските вредности само со повеќе жени на главни движечки функции. Зошто? Затоа што жените се помудри и далеку порационални од мажите. Жена знае кога и како да тргне кон некој успех, кога да попушти и кога да ги стегне конците во своите раце и да ита кон целта. Дури сметам дека ние жените сме помалку егоистични од мажите. И затоа тие би биле успешни лидери. Како доказ за способноста на жената ја земам Ангела Меркел која успешно ја води Германија цели 20 години низ многу бури и предизвици, но остана скромна, храбра, пожртвувана и верна на својата држава и народ. Такви раководители ни се потребни, а не институциите и претпријатијата да ги гледаат само како простор за само промоција и како гранапче, да влезат, да се збогатат и да си заминат. Во една реченица:  македонската жена може, знае, умее и заслужува да ѝ се даде поголема шанса за да се покаже во ова општество.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Личност сум која ако ме прашаат за некој совет или мислење, го кажувам искрено она што го мислам дека е најдобро за тој што бара помош од мене. Секогаш сакам да ги поддржувам пријателите, колегите или роднините во нивните идеи или планови. Но едно нешто секогаш го кажувам: Колку и да одиш напред, да грабаш од славата никогаш не заборавај ги пријателите и најблиските, затоа што тие се нашите поддржувачи и кога човек ќе се подлизне на скалата на успехот тие се тука да те задржат, да те охрабрат и да ти дадат сила за напред. Имам уште една мисла која секогаш ја кажувам која за мене секогаш важи: Ако некој се обиде и успее привремено да те сопне, стани, затреси се и продолжи и не барај го виновникот, ако го бараш ќе ја загубиш сегашноста и идината.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Не би сакала друг да одлучува за жената, независно дали тоа е во политиката, економијата, културата…  Време е  кога веќе се бориме за рамноправност во сите сфери, така и да се однесуваме , но и да се однесуваат со нас. Впечатокот дека мажите во сѐ се подобри од жените треба да се надмине, за и понатаму да не сме потценети. Нормално мажите нема лесно да се предадат, но затоа жените треба храбро да тргнат во поход со знаење и сенс во освојување нови територии во политиката, во стопанството, општеството… Жената сама треба да се избори за повисока плата, подобро работно место, подобар статус во политиката, општеството и во семејството. Мажите раководители треба да сфатат дека жената умее и дека треба да ѝ се даде шанса.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Ред, работа и дисциплина. Постојано се обидувам да ги поттикнувам луѓето околу себе. Да почнат да се менуваат себеси, а со тоа и околината.Треба да ги смениме погледите, гледајќи ги работите од позитивна страна, а не настроени кон омраза и навреда еден кон друг. Би сакала да им ги сменам погледите кон општествените добра, а не само кон своите лични добра. Ние наместо да гледаме што сами сме сработиле постојано гледаме мериме и цениме што прави тој другиот до нас.  

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Нормално да уживаат во благодетите на младоста, затоа што таа не се враќа. Да се градат како комплетни личности, образовани и сигурни во себе, доаѓа времето кога на цена пак ќе биде знаењето, зашто кај да е ловот во матно и изместените вредности ќе остане зад нас. Затоа, да не се откажуваат од своите цели и соништа. На прв план да ги стават своите амбиции и смирено да чекорат низ животот кој не е така едноставен.