Општо

Интервју – спец. д-р Билјана Маневска, специјалист по ортодонција

Секогаш се обидуваме да најдеме инспиративни и успешни жени во различни области, жени што мотивираат, жени што се докажале во својата област, жени кои имаат што да кажат. Поради тоа денеска разговараме со Спец Д-р Билјана Маневска, специјалист по ортодонција.

Еднакви.мк: Повод за нашето интервју е претстојниот специјализантски курс по ортодонција на кој сте предавач. За што точно станува збор и што ќе можат учесниците да научат?

Билјана Маневска: Станува збор за стручно предавање за доктори кои се на специјализација, колеги почетници во ортодонцијата. Целта на предавањето е пред се да се пренесат емпириски искуства, од начин на систематизација на работата, пристап кон дијагностика на аномалиите во лицево-виличната регија, соодветно планирање на терапијата, и што по нејзиното завршување. Сакам да им пренесам практични искуства и работи што јас би сакала да ги знаев на почетокот на мојата пракса како ортодонт, со цел полесно и без страв, со што помалку компликации, но со внимание да  навлезат во практична работа со пациентите. Од лично искуство знам дека на вакви предавања за учесниците најважна е мотивацијата, еланот што ќе го понесат од предавањето, и желбата нешто од тоа што се слушнало и видело веднаш да се стави во пракса. Секогаш ми е драго кога после ваков настан добивам повратна информација од учесник, дека барем нешто од тоа што сме зборувале нашло практична примена во секојдневната работа. Oстанувам во контакт со повеќето учесници, точно од тие причини на апликација на сегменти од предавањето во пракса, за консултации или заедничко решавање на некој посложен случај.

Еднакви.мк: Важите за еден од најдобрите специјалисти по ортодонција. Каков беше патот до оваа титула?

Билјана Маневска: Благодарам за епитетот! Патот до успехот, како што секогаш бива, е луд и незаборавен 🙂 Почетокот секако беше најтежок, a оној што малку знае многу ризикува, за да избегнам многу ризици уште на сам почеток од специјализацијата почнав паралелно да посетувам едукативни курсеви и симпозиуми, повеќето надвор од државава. Почетокот на ортодонтската кариера беше паралелен со градењето семејство, па ортодонцијата и семејството се менуваа на приоритетната листа. Не е лесен балансот помеѓу семејна хармонија, градење кариера и социјален живот, сепак не е невозможен. За среќа на тој пат не сум сама, сопругот ми е колега, Орален хирург, и најголемата поддршка секогаш ја добивам од него, и на приватен и на професионален план, затоа што знае колку значи континуирано унапредување во струката, а и на двајцата ни значат семејните вредности, па балансираме. Најинтересното е дека патешествието сеуште трае, секој ден, секоја година, сакам да искачам по некоја скала на тој пат кон успех, бидејќи верувам во старата поговорка „Ако не станеме подобри, ќе станеме полоши“.

Еднакви.мк: Секојдневните обврски ги обавувате во Dental Cosmetic Studio. Што највеќе Ви се допаѓа во таа работа?

Билјана Маневска: Искрено, најмногу ми се допаѓа тоа што сама може да си одберам музика додека работам 🙂 а тоа ми е баш важно. Работата во нашата ординација е вистинско задоволство, поради секогаш ведрата атмосфера и одлични колегијални односи. Д-р Ана  и д-р Павле, освен што се одлични доктори,  се најдобрите колеги на светот, и за многу решенија за пациентите се консултираме, и донесуваме заеднички најдобри решенија. Од друга страна ефикасноста во нашата работа не би била иста без нашите асистентки Цаци, Анастасија и Фросина! Конкретно во ортодонцијата како стоматолошка гранка, ми се допаѓа тоа што не е монотона. Нема шема по која може сите аномалии да ги решиме, па за секој пациент имаме индивидуален пристап кон третманот. Тоа е освежувачки во работата и затоа е секогаш возбудлива. Од друга страна ортодонцијата е за луѓе со добро трпение, затоа што прилично споро стасуваме до резултатите. Ако во другите стоматолошки гранки веднаш, или за две недели е готово решението, ние резултатот го имаме за 10 месеци, година, три години некогаш, зависно од аномалијата. Но трпението е доблест со која некогаш постигнуваме повеќе отколку со сила.

Еднакви.мк: Покрај професионалните обврски мајка сте на две деца. Како успевате да ги ускладите професионалните и приватните обврски?

Билјана Маневска: Така што навреме ги поставив приоритетите, а најгоре на таа листа е семејството, кое е изградено на здрава основа, па енергија и поддршка, вистински ветер во едрата за сите други полиња добивам од него. Со тинејџер и пре-тинејџер, реалното присуство во секодневието со нив ми е најважно. За нив секогаш имам време како за важни настани, помош за во школо, така и за играње карти или гледање филм. Секако нешто мора да се жртвува, за да се постигне се, па веројатно низ годините, станувам посилна од обврските или можеби поспретна во секојдневниот „слалом“ – семејство, работа, едукација, социјален живот. Како што спомнав погоре, сопругот ми е примарната поддршка, заедно планираме и работни обврски и семејни обврски и првиве 15 години добро ни оди 🙂 Ако позади секој успешен маж стои успешна жена (тоа би била јас хахахха), позади успешната жена стојат две баби што и помагаат и ова е вистина!  Да не се лажеме, помошта од баба, дедо, е непроценлива во дадени моменти, како од мојата свекрва, така и од моите родители, тука би биле двете баби од поговорката 🙂  жени кои исто имале свои кариери и семејства, па ги разбираат предизвиците со кои се соочувам на дневна основа како жена, мајка, доктор…

Еднакви.мк: Што би бил Вашиот совет за девојките кои сакаат да се бават со ортодонција?

Билјана Маневска: Ги охрабрувам!! Ортодонцијата е волшебна, некогаш поместуваме само неколку искривени заби, но некогаш трансформираме нечиј живот! А тоа е бесценето!!  Ги советувам да прочитаат колку што можат повеќе стручни книги, да посетуваат стручни едукативни настани, да работат со добри и сертифицирани материјали, да ги следат новините во струката, и да внимаваат на себе и своето здравје, и физичко и психичко – професионален burn out е тренд со нагорна линија во стоматологијата последнава деценија. Како ортодонти, да негуваат добри односи со колегите, да се консултираат со нив, да побараат мислење во дилема. Односот со колегите е тема на која посветувам доста внимание на специјализантските предавања, затоа што сметам дека колегите кои работат во други установи, не ни се ривали, туки пријатели со кои може и треба взаемно да си помагаме, за успех во работата и доброто на пациентите.

Мојата омилена фраза деновиве

„If I have seen further than others, it is by standing upon the shoulders of giants“

Isaac Newton