Интервјуа, Општо

Секојдневни хероини – Јасмина Петковска

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. 

Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Јасмина Петковска. 

 

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот? 

Јасмина Петковска: Моментот кога ја изгубив мојата Мајка. После тоа некако поинаку гледам на луѓето. Јас како личност се променив и прогледав. Се пронајдов себе тогаш кога ја изгубив неа. Тоа е тажно но вистинито.

 Човек учи додека е жив и некои лекции се тешки и ти ја наведнуваат кичмата до под.  Јас учам од сите свои болки. На мојата Мајка и благодарам што ми остави подлога како да бидам подобар човек. После неа учев повторно како да одам, како да зборувам, на што да внимавам. Учев дека среќата нема дефиниција. И дека е многу важно да знаеш дека животот носи се, и да умееш храбро и достоинствено  да се носиш со секој предизвик. И доброто и лошото не се задржуваат многу. Тоа е врата каде што прават едно излези друго влези. Тоа се вика живот, а јас таков каков што ми е се научив да го сакам и прифатам.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Јасмина Петковска: Едукација за правилно расудување и нега. Тука жените се притиснати од самото општество. И под влијание на истото неправилно расудуваат за себе и својот живот , донесувајќи одлуки кои не се во право време а ни со права личност. Стереотипите дека ти мораш да станеш мајка до некоја возраст , дека мораш да имаш брачен партнер, дека треба да ја работиш работата која не ја сакаш и те гуши, дека треба да трпиш психичко и физичко насилство зошто е страмота да напуштиш заедница итн. Кога ја напушташ таа матрица не треба да наидеш на страв и страм. Туку да добиеш нега. Негувана значи да бидеш заштитена, прифатена и разбрана. Машко одело не стои на жена. А жените го носат. За да дадат впечаток дека се достојни ривали, а суштината е дека помеѓу маж и жена не треба да има ривалство. На жената треба да и се дозволи да биде женствена, нежна и кревка. Ако јас морам да се бранам од маж, тогаш тоа е пораз на сите мажи и на институциите кои тоа во поголем случај немо го посматрале и молчеле.

Еднакви.мк: Кој се најважните совети што некогаш сте ги дале некому?

Јасмина Петковска: Сакај се себе. Пружи си љубов и речи си на себе “ фала”, за се што имаш сама издржано. Сакај ги твоите родители не чекај да ги немаш за да ги сакаш. Научи да кажеш “ Не” , на се што не ти се допаѓа и се што не сакаш. Ќе останеш без многу “ пријатели” но ќе се пронајдеш себе. Зборувај кога треба , молчи кога треба.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Јасмина Петковска: Да направат нешто конкретно за да се намалат жртвите на насилство врз жената. Да изгласаат ригорозни казни со кој ќе се спречи или намали процентот на насилство. Да изградат центри за згрижување на жените. Да направат кампањи и бесплатни едукации за жените. Одлучувачите да не бидат робовладетели туку заштитници на жената. Жените да имаат поголемо учество во Законодавниот Дом, да имаат поголемо право на глас во реформите кои се клучни за животот на жената.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Јасмина Петковска: Воглавно би ја променила перцепцијата на народот кон согледувањето на состојбите во нашата држава. Знаете народ заедно што може, ниедна власт не може. Но народот треба да прогледа и да проговори. Ние сами како народ што си имаме направено никој не ни направил досега. Сами се удираме, само со различни камења по глава. Би сакала да сме себе најголеми пријатели а не најголеми непријатели. Да не сме први во набројувањето на туѓите страмови, а дома да имаме еден поголем од сите туѓи заедно. Туѓата черга помалку да не боли. Жена со жена да не се куди, да не си биде непријател. Да си подаваме рака, само така ќе си помогниме едни на други.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Јасмина Петковска: Да му дадат време на времето. Сигурен не се станува преку ноќ. Да се едуцураат, да имаат секогаш своја работа и свој новчаник, и да знаат што сакаат од животот. Тие како индивидуи а не околината. Да знаат што значи успех. Успехот е да бидеш добар но праведен човек, да бидеш среќна жена, успех е да останеш своја, успех е да си доследна на себе и на своите принципи, успех е да станеш се што сакаш да станеш во време кога ти ќе сакаш. Не е успех да си најбогат или најсилен. Врвот нема цена ни тег. Врвот си ти сама во верзија која ти ќе одлучиш да бидеш. Вербата во себе е клуч кој ги отвора сите твои несигурности. А со тој клуч ти можеш да бидеш се што сакаш. Зошто жената е чудо. Ти си тоа чудо.