Интервјуа, Општо

Секојдневни хероини – Александра Митровска

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“
започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се
фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со  Александра Митровска, професорка по англиски јазик и наставничка во ООУ „Петар Поп Арсов”  во Скопје, жена која со многу љубов, посветеност и енергија го носи знаењето до младите. 

Еднакви.мк: Кој момент во вашиот живот го сметате како пресвртница, односно кој момент оставил најголемо влијание врз вас?

Александра Митровска: Да се биде наставник за мене не е само професија – тоа е начин на живот. Никогаш не сум го гледала ова како обична работа каде што доаѓаш, предаваш и си одиш. Наставникот е дел од животот на своите ученици, не само во училницата, туку и надвор од неа.

Во моето семејство наставничкиот повик се пренесува од генерација на генерација. Мајка ми e професор по англиски јазик, дедо ми беше професор по историја, баба ми и дедо ми исто така беа просветни работници, а и тетка ми е професор архитект. Целото мое детство беше исполнето со разговори за ученици, за часови, за тоа како најдобро да им се пренесе знаењето на децата. Гледав како мајка ми до доцна ноќе подготвува материјали, како тетка ми со страст раскажува за своите ученици, и некако природно ми дојде да посакам и јас да бидам дел од таа приказна.

Но, вистинската пресвртница во мојот живот не беше само моментот кога решив да станам наставник, туку моментот кога сфатив дека тоа не е само работа, туку моја мисија. Кога видов дека можам да инспирирам дете да поверува во себе, да му помогнам да се изрази, да открие нешто ново – тогаш знаев дека сум на вистинскиот пат. Посебно ме трогнува кога мои ученици, години подоцна, ќе ми кажат дека нешто што сум им кажала или покажала им променило перспектива или ги насочило во животот. 

Еднакви.мк: Кој е најнезаборавниот момент што сте го доживеале како наставник?

Александра Митровска:  Има многу моменти кои ми останале во срцето, но еден од најспецијалните беше кога еден ученик, кој на почетокот беше многу тивок и несигурен, по неколку месеци ми пријде и ми рече: „Teacher, благодарение на вас сега сакам да зборувам англиски!“ Тоа беше момент кога сфатив колку големо влијание можеме да имаме врз децата.

Исто така, никогаш нема да го заборавам чувството кога дознав дека сум добила награда за најдобар наставник од екс-ЈУ просторите. Тоа беше признание кое не го видов само како лично постигнување, туку како потврда дека секој труд, секој дополнителен час поминат во подготовка, секоја насмевка упатена кон ученик, навистина прави разлика.

Но, најубавите моменти се оние мали нешта – кога ќе ви се насмее ученик, кога ќе видите како некој што се борел со некоја тешка лекција конечно ќе каже: „Teacher, сега сфатив!“. Токму тие моменти ми ја полнат душата и ми даваат сила да продолжам.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е најпотребно на жените во Македонија?

Александра Митровска: Најмногу ни е потребна вистинска поддршка – да нè охрабруваат, да нè почитуваат и да ни дадат простор да блеснеме. Жените во Македонија се неверојатно способни, паметни и вредни, но многу често нивната
работа останува незабележана. 

Сметам дека жените треба да добијат повеќе можности за напредок, но истовремено и да се охрабрат да се борат за себе. Понекогаш се случува самите да се ставиме на второ место, да мислиме дека не сме доволно добри или дека треба да се жртвуваме за другите. Но, јас верувам дека можеме да бидеме и добри професионалци и мајки, и сопруги, и пријателки – сè што сакаме да бидеме, без да мораме да бираме. 

Еднакви.мк: Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат наставниците во Македонија?

Александра Митровска: Би можела да набројам многу, но за мене, најголемиот предизвик е мотивацијата на учениците. Денешните деца живеат во еден поинаков свет, исполнет со технологија, брзи информации и социјални мрежи. Традиционалниот начин на настава веќе не им е доволно интересен, па мора постојано да бараме нови начини како да ги вклучиме и да ги направиме дел од
процесот. 

Исто така, сметам дека е предизвик тоа што нашето општество не ја вреднува доволно наставничката професија. Често луѓето не сфаќаат колку труд, љубов и енергија вложуваме во секој ученик. За мене, ова не е само работа – јас мислам на моите ученици и кога сум дома, смислувам нови идеи, се грижам за нивниот напредок. Би сакала наставниците да имаат повеќе поддршка, затоа што ако нас нè поддржат, ние ќе можеме уште повеќе да дадеме на идните генерации. 

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому? 

Александра Митровска: На моите ученици секогаш им велам: „Не плашете се од
грешки! Најмногу се учи кога ќе погрешите.“ Сакам да ги охрабрам да бидат љубопитни, да истражуваат, да поставуваат прашања. 

На младите наставници им кажувам: „Не плашете се да бидете иновативни.“ Наставата треба да биде разновидна и интерактивна, исполнета со реални искуства кои ќе ги подготват децата за предизвиците на животот.

А на жените им велам: „Верувајте во себе!“ Никој нема да ви ја даде вашата вредност, вие треба самите да ја препознаете. Бидете храбри, истрајни и не дозволувајте никој да ви каже дека не можете. 

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Александра Митровска: Прво, би сакала наставата во Македонија да биде  попрактична и пореална. Учениците треба да учат преку искуство, да решаваат проблеми, да создаваат нешто свое, а не само да меморираат факти. 

Второ, би сакала наставничката професија да добие поголемо признание. Без добри наставници, нема ни добри лекари, инженери, уметници… но, за жал, често се заборава колку е важна нашата улога. 

И трето, би сакала секое дете да има еднакви можности за успех, без разлика од каде доаѓа. Образованието треба да биде достапно за сите и да им даде шанса на сите да го достигнат својот максимум. 

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои сè уште се несигурни во себе?

Александра Митровска: Секој почеток е тежок, но тоа не значи дека не сте способни. И јас сум имала моменти на несигурност, сум се прашувала дали сум на вистинскиот пат. Но, со тек на време научив дека самодовербата се гради чекор по чекор. 

На сите млади жени им порачувам – верувајте во себе, опкружете се со луѓе што ве поддржуваат и не дозволувајте стравот од неуспех да ве спречи да пробате. Не мора да бидете совршени, само треба да бидете храбри.