Интервјуа

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Ивана Темелковска

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со  Ивана Темелковска.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Ивана Темелковска: Покрај фазите во образовниот процес, како што се кариерното и професионалното усовршување (завршување на магистерски студии во странство, промена на работно место, отворање на сопствен бизнис, а сега и докторски студии во една од соседните држави), веројатно една од клучните пресвртници во мојот живот е моментот кога се остварив во улогата на мајка. За мене исклучително важна, бидејќи истата не донесе само промени во смисла на животно реструктуирање, туку беше и пропратена со постпартална депресија, дополнително нагласена со загубата на родител, набрзо по рагањето на детето.

Денес, шест и пол години подоцна, благодарна сум за секој аспект од тоа искуство, бидејќи со надминување на состојбата и активна секојдневна борба, открив многу нешта за себе, за фазите низ кои може ( но не е секогаш случај) да поминат родилките во првата година по раѓањето на своето дете, научив многу за дисциплината врз самата себе и активната посветеност кон контролирање на своите мисли, кои креираат емоции, и емоции кои водат кон превземање на конкретна акција за подобрување на секој сегмент од животот.  Оттаму, произлегува секако и активно и посветено учење, растење и совладување на родителството, како една од улогите кои ги има жената, која во суштина со себе носи и најдлабока и најсериозна одговорност за стабилен раст и развој на нов човечки живот, комплетно зависен во прво време од нас.

Воедно, во сите овие фази, речиси секогаш без исклучок не само јас, туку верувам дека и многу жени кои минуваат низ нешто слично, се соочуваат со бројни стереотипни размислувања на оваа тема, затоа сум благодарна за можноста заедно посветно и активно да работиме на рушење на овие стереотипи и предрасуди и да го олесниме патот на останатите жени кои постои можност да се соочат со вакви или слични предизвици.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Ивана Темелковска: На жените во нашето општество сметам дека пред се им е потребно активно и посветено работење кон подигнување на свеста за личнта вредност, важност и значајност како активни чинители. Потребно им е акцентирано укажување за важноста на финансиската независност и дисциплина, како и важноста за континуирано инвестирање во образованието и кариерното усовршување. Воедно, им се потребни институции и организации кои гласно ќе ги артикулираат нивните потреби и ќе ги штитат активно нивните права. 

Не велам дека нема активен процес и придвижување во сите наведени аспекти. Но, сметам дека треба сите да посветено да работиме на поттикнување на онаа креативна (создавачка страна) која секоја жена ја има во себе, да се вложува во градење на свеста за себе и сопствените вредности, можности и капацитет, да работиме активно кон надминување на стереотипните улоги кои трансгенерациски се пренесуваат од баба на мајка од мајка на ќерка, бидејќи живееме во многу различни стандарди и услови, во еден динамичен свет, кој е подложен на секојдневни промени. Сепак, неодамна сведочевме на низа немили настани поврзани со фемициди, негирање на правото за активна дебата од страна на носителка на јавна функција кон друга пратеничка во Собранието итн. како настани кои ни сигнализираат дека жените самите немаат свесност за сопствената важност и вредности, а потоа и сите други активни чинители кои допринесуваат кон градење на улогата на жената во општеството.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Ивана Темелковска: Со оглед на тоа дека работам со млади и динамични луѓе, особено во делот на кариерно советување за млади, а потоа и како консултант за менаџмент со човечки ресурси, на младите девојки со кои имам чест да работам секогаш им потенцирам да се стремат кон лична финансиска независност, бидејќи лично сметам дека тоа е еден од најбитните фактори кои спречуваат секаков тип на компромисни односи кои не се поставени врз основа на почит, разбирање и толеранција, а и многу останати главоболки со кои жените во денешниот свет се соочуваат. Секако еден од советите е да ги следат своите соништа, но и да ја развиваат емоционалната интелегенција и никогаш да не престанат да инвестираат во себе во смисла на образование, стекнување нови сетови на вештини и професионално да се усовршуваат за да можат да се адаптираат лесно на динамичните промени во светот во кој живееме и секако активно и посветено да работат на својата самодоверба и свесност за самите себе.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Ивана Темелковска: Дефинитивно да се посветат на работа кон враќање на довербата кон институциите кои секогаш би требало да ги заштитуваат правата на жените, да користат и имплементираат веќе воспоставени успешни пракси ( а не само на хартија) за ефективна и успешна заштита на женските права. Пред да носат законски решенија да ги консултираат сите засегнати страни и активни чинители од областа, бидејќи организациите кои имаат долгогодишно искуство во оваа област имаат и научни и практични познавања и можат само да допрнесат и помогнат во креирање на апликативни и лесно спроведливи политики кои ќе го заштитат статусот на жената во општеството. Исто така, при практицирање на јавните функции со активности да покажат дека посветено и активно работат кон заштита на правата на жените во државата на сите нивоа.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Ивана Темелковска:

  1. Бесплатно достапни хигиенски средства за жените во менструалниот период,
  2. Активни и добро вмрежени прифатни центри за жените жртви на семејно насилство и/или законско решение за напуштање на семејниот дом на насилникот, а не на жртвата и
  3. Законски решенија за утврдување/детектирање, а потоа и санкционирање на насилници кои вршат психолошко и финансиско насилство врз жените.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Ивана Темелковска: Сите ние без разлика на возраста во одредени период од живот сме несигурни во себе. Самодовербата не е на копче on/off  туку е процес на кој активно и посветено, а најважно од се дисциплинирано се работи во континиутет.

Би препорачала апсолутно напуштање на комфорната зона и активно изложување конкретно на ситуации кои им предизвикуваат нелагодност, страв или некаква несигурност, се додека не го надминат истиот, а со тоа не се надминат и самите себе и сопствената несигурност.  Тоа „патување“ не е секогаш пријатно, баш напротив најчесто е непријатно, ниту пак е праволиниско.

Но, не е битно колку пати сме паднале, туку она што секогаш се брои е колку пати сме станале и сме продолжиле да се залагаме за самите себе, да создадеме можности за реализација на нашите желби и соништа.