Мој став

Животот не фаќа симетрија

Овој текст не е за совршениот свет, туку за луѓето што се снаоѓаат, што се креваат и кога немаат од што. За оние што не играат фер табла – ама сепак играат со достоинство…

Од најрана возраст, сите ние слушаме приказни за животот како авантура полна со можности, место каде што трудот и упорноста секогаш се исплатуваат.
„Сè е можно ако се потрудиш доволно“, ни велат , како универзална вистина што ги отвора сите врати.
Но, како што растеме, сфаќаме дека реалноста не е толку едноставна.

Животот не е игра со фер правила, не е патека со еднакви почетни услови, ниту гарантирана победа за најупорните.
Тоа не е табла со рамномерно поставени коцки – некогаш тие се испреплетени и поместени, па играта бара повеќе мудрост и трпение отколку среќа.

Животот е сложена мрежа од предизвици, нееднаквости и шанси што често се распределени неправедно.
Некои се раѓаат во околности што ги поддржуваат и ги охрабруваат, додека други се соочуваат со немилосрдни ограничувања . Оваа нееднаквост не е нешто што можеме да го контролираме, ниту пак да го избереме. Но, начините на кои одговараме на овие околности го обликуваат нашиот пат и ја градат нашата сила.

Животот е како река што не тече секогаш право – понекогаш се излева,  понекогаш сече длабоки клисури, а понекогаш се крие под тишината на површината. Не можеме да го контролираме текот, но можеме да научиме да пливаме со неговите бранови.

Животот нема упатство, ниту можност да се врати назад и да ги поправи грешките. Учиме додека живееме, често преку падови, тешки избори и болки што остават трајни белези.
Во оваа игра, не секогаш победуваат најспособните или најчесните, туку оние што се најснаодливи, најиздржливи и најсочувствителни. Тие што научиле кога да се повлечат, кога да се борат и кога да продолжат напред, покрај сите препреки  како бродови што го минуваат бурното море.  Не секогаш најголемиот брод стигнува прв, туку оној што знае да ги чита ветровите и да ги избегне карпите.  Тие носат бреме што не се гледа – тешкиот товар на неправдата и болката што се кријат под насмевките.
Но, вистинската сила се мери не според тоа колку бреме носиме, туку како го носиме –со исправена глава и отворено срце, како старец што чекори под силното  сонце, но сè уште ја чува својата мудрост и достоинство.

Тука се наметнува и една друга вистина – дека животната сила не се мери само со надворешни достигнувања. Понекогаш најголемата победа е да не се изгуби човечноста, да не дозволиш  животот да те направи горчлив, повреден или отуѓен. Да успееш да сочуваш добрина  и покрај искушенијата, е подвиг што ретко се забележува, но е суштински за вистинскиот животен успех. Патот на животот не е прекриен со црвени теписи, туку со камења и трње. Но, секој што продолжува да чекори, ги носи тие камења на своите плеќи и така станува посилен.
Понекогаш, како што влегуваме во темни шуми, изгледа дека нема излез – но токму во тие моменти се раѓаат најдлабоките корени што нè држат цврсто на земјата.

Во свет што не секогаш нуди правда и рамноправност, постои тивка храброст – да продолжиш да веруваш и да се бориш. Да станеш глас за оние што не можат да зборуваат, да создадеш љубов таму каде што некогаш имало само болка и празнина. Тоа е храброст што не се мери со бројки или признанија, туку со длабочината на твоето срце.

Нашето срце е како светилка во мракот – гори и кога околината е ладна и темна, таа светлина продолжува да блеска и да покажува пат. Нашето срце е огниште што не се гаси, топлина што не се губи. Нашето срце има моќ да создаде ред во хаосот, светлина во темнината и надеж во безнадежноста.

Животот можеби не фаќа симетрија, но нашето срце може.
Не можеме да ги промениме сите надворешни околности но можеме да го обликуваме начинот на кој гледаме и живееме.

Тоа е вистинската сила – не во светот што нè опкружува, туку во светот што го носиме внатре во себе. 

Авторка: Маја Атанасовска