Ние не сме жртви на својата судбина – ние сме нејзини творци
Често зборуваме за судбината како за невидлива сила што ни го пишува патот пред да тргнеме. Како приказна што веќе е завршена, а ние сме само ликови во неа. Но вистината е поблиску до нас: животот ни дава празна хартија со неколку нежни контури, а палетата – изборите, мислите, навиките – е во нашите раце. Сè друго го доцртуваме ние. Тоа е и убавината и тежината на постоењето – да знаеш дека не постои готова формула, туку секој чекор е боја што ќе остане засекогаш на платното на твојот живот.
Да не бидеме жртви на својата судбина значи да ја препознаеме сопствената моќ и да ја прифатиме одговорноста што таа ја носи. Секое утро е нов почеток, иако често забораваме. Будилникот не нè буди само за нов ден, туку за нова можност. Можност да се кренеме и кога сме уморни, да мислиме со љубов наместо со страв, да му подадеме рака на човек наместо да ја свртиме главата. Тие мали „да“ и „не“ ја градат архитектурата на нашата иднина – тивко, но неминовно.
Неможеме да ги контролираме сите околности. Судбината ќе ни донесе болка, непредвидливи пресврти, па дури и загуби што ќе нè потресат до срж. Секој човек барем еднаш почувствувал како земјата под него се руши, како сонот се распарчува во парчиња, како надежта станува товар наместо светлина. Но она што никој не може да ни го земе е нашата способност да избереме како ќе одговориме. Токму таму, во миговите на кршење и двоумење, се раѓа нашата насока: дали ќе се скриеме зад маската на жртва, или ќе станеме градители на сопствена приказна.
Судбината ретко се менува со еден голем гест; почесто се прекројува со низа мали, постојани чекори. Начинот на кој ќе го започнеме денот – со благодарност или со негодување. Реченицата што ќе ја кажеме на себеси кога ќе се сомневаме – „не можам“ или „ќе пробам“. Одлуката да вложиме време во навика што нè носи напред – книга наместо празно лизгање по екранот, разговор со саканите наместо бегство во тишина, движење што го чува телото, внимание што го храни умот. Тоа се ситните завртки во машинеријата на иднината.
Кога ги обликуваме своите вредности и поставуваме цели – не декларативно, туку со секојдневни постапки – ние престануваме да бидеме пасивни набљудувачи на случајноста. Стануваме архитекти што трпеливо, со тег и либела, ја градат сопствената куќа на смислата. Минатото носи лекции, не ланци. Да создаваш сопствена судбина не е магија. Тоа е тивка, свесна дисциплина – да ги препознаеш старите обрасци и да ги замениш со нови, да простиш – на себе и на другите – за да ослободиш простор за иднината, да прифатиш дека некои врати засекогаш се затворени за да собереш храброст да потропаш на нови.
Храброста не секогаш изгледа гласно. Понекогаш е тивок здив пред нов почеток. Понекогаш е одлука да останеш добар кога има причина да огрубиш. Понекогаш е да признаеш: „Не знам – ќе научам.“ Храброста е и способност да сонуваш со отворени очи, а потоа да ги впрегнеш рацете за сонот да стане план, а планот – постапка. Животот можеби ќе ни донесе врати што никогаш не сме ги побарале. Но само од нас зависи дали ќе ја допреме кваката.
Судбината е дијалог меѓу она што ни е дадено и она што го создаваме. Не е готова песна – туку мелодија што ја компонираме со времето, со изборите и со бојата на нашите мисли.
Лесно е да се падне во стапицата на изговорите: „Таква ми е судбината“, „Немам среќа“, „Ништо не зависи од мене.“ Но вистинската промена започнува кога ќе го замениме изговорот со насока. Наместо „не можам“, да прашаме: „Што можам денес?“ Наместо „сите така прават“, да прашаме: „Кои се моите вредности?“ Наместо да чекаме совршен момент, да создадеме доволно добар почеток.
И уште нешто важно – никој не ја создава својата судбина сам. На патот се среќаваат луѓе – некои остануваат кратко, други долго – но секој остава боја на нашето платно. Ние не сме острови, туку мрежа од влијанија. Да избереме чие влијание ќе го примиме е исто толку важно како и да избереме што ќе дадеме. Таму каде што нашите вредности се пресретнуваат со туѓата добрина, судбината станува заедничко дело.
„Судбината ми подава алатки, но јас сум таа што го црта патот. Секој мој избор е чекор, секој мој сон е насока, а животот – платно на кое оставам боја што никој друг не може да ја повтори.“
Не сме сенки што ги движи случајноста. Ние сме автори, сликари и градители.
Секој збор, секој чекор, секое наше „ќе успеам“ или „ќе се обидам“ е потпис на платното што ќе остане зад нас. И кога ќе погледнеме наназад, најмногу ќе нè радува не тоа што сè било лесно, туку тоа што сме одбрале – секој ден – да бидеме сопствени творци. Затоа, нека секој наш ден биде тивок, но упорен избор за насока. Да не бидеме само патници во возот на судбината, да бидеме и возачи и патокази и творци на патеката што ја оставаме за оние што доаѓаат по нас.
Авторка: Маја Атанасовска
Најнови коментари