Мој став

Кога целта мириса на пепел

Секој сака да стигне до целта. Но колку од нас навистина се запрашуваат по кој пат тргнуваме?

Во свет каде победниците ретко ја бираат чесноста, старата изрека „целта ги оправдува средствата“ не е мудрост. Таа е изговор. Изговор за лаги. Изговор за манипулации. Изговор за предавства. И тие „успеси“ секогаш полека но сигурно трујат. Победниците не прашуваат за патот. Искреност? За наивни. Чесност? За губитници. Морал? За колоквиум по етика. Во реалноста победуваат оние што знаат да манипулираат, да пресметуваат и да играат валкано. Иронично е тоа што токму тие ја продаваат својата нечистотија како „успех“.  Секојдневно гледаме примери како се восхитуваат на „резултати“ постигнати со лукавство. Компании што слават профит без да прашуваат кои морални граници се прекршени. Лидери што добиваат аплаузи, иако патот до моќта бил полн со игри на задкулисие. Во политиката, лагата е „ветување“, предавството е „компромис“, а манипулацијата е „стратегија“. Народот аплаудира, камерите снимаат, фотелјата е освоена. Средствата? Заборавени. Целта? Славена.

Иронијата е тоа што оние што се осмелуваат да прашаат за патот се прогласуваат за „неразбирани“ или „наивни“.  Истата „мудрост“ што ги оправдува постапките на силните се продава како лекција за успех.

Во деловниот свет, фер-плејот често е бајка за деца. Конкуренцијата не се победува со чесност, туку со остар лакат, украдена идеја и добро спакувана реклама. Клиентот е средство, профитот е цел, и сите се задоволни – додека бројките растат. Но додека бројките растат, довербата тоне. Колку повеќе се стремиме кон успехот со сите средства, толку поголема е празнината што останува зад нас. Публиката го гледа успехот, но никој не ја гледа човечноста што исчезнува со секој компромис. И во приватниот живот сценариото е слично. Љубов добиена со манипулација, пријателства одржани со полувистини, бракови спасувани со премолчувања. Важно е сликата да изгледа совршено. Но што ако совршеното е од стакло? Едно мало пукнување, и сè се распаѓа на илјада парчиња. Сликата е беспрекорна, но реалноста е полна со компромиси, тајни и непријатни вистини.

Големата иронија е дека целта достигната со валкани средства секогаш ја губи својата магија. Титулата носи сенка, парите – празнина, љубовта – горчина.

Фразата „целта ги оправдува средствата“ звучи како: „Не е важно што изгорела куќата, важно е што ја запалив цигарата.“ Да, ќе има чад, ќе има пламен, но ќе стоиш сам. На пепел. Колку од нас навистина се запрашале дали успехот што го славиме е навистина победа или само илузија создадена врз туѓи грешки и нашата сопствена оправданост? Да, постојат компромиси што можат да се проголтаат. Но нема цел што вреди ако ја избрише совеста и човечноста.

Вистинското прашање не е дали сме стигнале до целта. Вистинското прашање е кои сме станале додека одиме натаму. Ако патот нè претворил во лицемери и манипулатори, тогаш не сме победници, туку само актери во евтин театар што публиката ќе го заборави штом светлата ќе се изгаснат.

Секојдневно гледаме како „победниците“ ја делат својата мудрост како мед. Секој збор е сладок, секој аплауз со цена. Ние аплаудираме, тие се потсмеваат на наивните. Си мислат: „ова е успех“. Се тркаат за видлива победа, додека човечноста исчезнува како чад. Следниот пат кога ќе ви речат „целта ги оправдува средствата“, запрашајте се: дали целта е вредна ако мириса на пепел?  Ако магијата исчезнала, титулата носи сенка, парите се празни, а љубовта горчлива? Ако одговорот е „да“ – честитки, ја продадовте својата човечност за илузија. Ако е „не“ – сè уште постои свет каде чесноста, емпатијата и достоинството не се бајка, туку избор.

Целта без пат, целта без совест, целта без човечност не е цел. Таа е пепел. И додека сите трчаат по свои „цели“, запомнете: не секој што стигнал таму е победник. Многумина од нив само собираат чад. Сè друго што останува е пепел.

Кога сите светла ќе згаснат, остануваме самите со прашина од изборите што сме си ги направиле, со прашања без одговори, со сенки од она што можеше да биде, и со мирис на пепел што нè потсетува дека не секоја победа вреди.

Маја Атанасовска