Вести, Општо

Се одржа Саем на женско претприемништво EXPO2025

Саемот за женско претприемништво #ЕКСПО2025 – Скопје ги обедини жените претприемачки, инвеститорите и клучните партнери со цел да се поддржи растот и развојот на женските бизниси и да се создадат нови можности за иновации.

Организиран во рамки на регионалната иницијатива на UN Women, со поддршка од Европската Унија, Европската банка за обнова и развој, Women in Tech, Европската мрежа на бизнис ангели, и локалните партнери Абилитист и Здружението на бизнис жени, овој настан ја истакна клучната улога на женското лидерство во создавањето на одржлива економија. „Министерството за економија и труд како водечка институција и заедно со Владата, промовираат и поддржуваат женско претприемништво преку бројни активни мерки за раст и развој на женските бизниси,“ рече заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, и ги повика сите заинтересирани да ги користат активните мерки со цел континуирана стимулација за жените да развиваат сопствени бизниси, а со тоа и да влијаат кон зајакнување и на економијата.„Промовирањето на женското претприемништво е во срцето на визијата на Европската Унија за инклузивен и одржлив развој. Искусивме низ Европа и Западен Балкан дека кога жените подеднакво учествуваат во економијата, општествата побрзо растат, иновациите се забрзуваат, а заедниците стануваат поотпорни,“ подвлече Бен Нупнау, заменик-шеф на мисијата и раководител на политичкиот и информативниот сектор при Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија. „Јас ја гледам иднината како економија во која женските бизниси не се исклучок, туку правило. Треба да продолжиме да ја јакнеме мрежата на поддршка – да ги поврземе институциите, приватниот сектор и инвеститорите со жените претприемачки. Кога жените напредуваат, целото општество напредува,“ истакна Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на канцеларијата на UN Women во Северна Македонија. На тоа се надоврза и претседателката на Здружението на бизнис жени, Валентина Дисоска, дека „само со заедничка работа на сите чинители во општеството и со поактивно ангажирање на самите жени претприемачки можеме да постигнеме искористување на потенцијалот за економско јакнење на целата заедница, а пред се на жените претприемачки.“„Успехот не е праволиниски. Има подеми и падови. Не плашете се ако паднете. Ако сте упорни и верувате во тоа што го правите ќе станете поисправени од претходно,“ порача Елизабета Јовановска, извршна директорка на Абилитист.