Вести

Место што треба да го посетите деновиве – галерија Рудиќ и изложбата „Низ објективот на Стефи“

На 18 март годинава се отвори една специфична, многу интересна и пред се инспиративна изложба. Станува збор за изложбата „Низ објективот на Стефи“ која е поставена во Галеријата Рудиќ , на бул. Асном 74.

Во обраќањето на отворањето, Стефани беше опишана како личност со исклучителна искреност и емоција. „Стефи е мала по физикусот, ама голем човек… Нејзиното гледање на светот, нејзиниот внатрешен објектив, е сосема субјективен, спонтан и полн со љубов“, беше кажано вечерта.

Според зборовите на Дијана Обрадовиќ, професорка по германски и англиски јазик „Објективот на авторката, Стефани Стојановска, недискриминаторски е насочен кон човекот и неговата околина со се живо и неживо во неа, како да сака да каже дека не постојат мали и големи теми, банални и возвишени моменти, а тривијалното и благородното се само мисловни категории на умот. Така фокусирана визуелна нарација станува и микроскоп и телескоп кои го внесуваат гледачот во секојдневието на нештата и ги подигнуваат на едно ново ниво на естетика и философија: се може да биде убаво и се има длабока смисла во големиот циклус на постоењето. Така фотографиите на Стефи стануваат мали вињети со лапидарни пораки и приказни.“

Стефи е прекрасна млада личност, која, и покрај сите предизвици со кои се соочува, успева да задржи позитивен дух и многу љубов кон сите околу неа. Иако ужива во фотографијата, тоа не е единствениот нејзин талент. Таа изработува и уникатен накит, на исти начин како што фотографира, со многу љубов и посветеност.

Дел од атмосферата на отварањето можете да видите на сликите подолу, но со сигурност нема да зажалите доколку одвоите време и ја посетите изложбата.