Се викам Ерлин и сум 29-годишна Македонка која ја напуштила својата земја за да ги постигне своите професионални цели. Откако се стекнав со мастер надвор од земјата, се вратив во Македонија со цел да ја започнам мојата професионална кариера и да придонесам кон моето општество. Мојата енергија и желба да придонесам беа загушени набрзо по пристигнувањето, бидејќи се соочив со тешкотиите поврзани со влегувањето во пазарот на труд. По 6 месеци постојано барање работа, ме вработија. Не беше кариерата која ја посакував, но ми рекоа дека треба да бидам среќна што имам работа. Поминав 2 години во мојата земја. Научив и се развив многу на професионален план, но истовремено, се чувствував дека не треба да се задоволам со помалку од она за кое се стремев. Моето искуство во Македонија е дека капацитетите и мотивацијата на младите често се подриваат. Возраста, родот и најважно контактите кои ги имаш сѐ уште се важни во поглед на тоа каде се наоѓате и колку ќе напредувате во вашата кариера. Набргу потоа, почнав да аплицирам за работни места надвор од земјата и ја добив првата работа во меѓународна организација во странство.
Животот и работата во странство носи мноштво предизвици. Бев далеку од моето семејство и пријатели и од она што го сметав како зона на комфор… но токму таму ја најдов својата професионална, како и лична зрелост. Бев отсутна за родендените, венчавките и прослави на луѓе кои ми се блиски, но си ги исполнував целите во кариерата и тоа ми даваше елан да продолжам. Сега се наоѓам во Либан, земја која е домаќин на најголемиот број на бегалци по глава на жител во светот. Економската криза и присуството на преку милион Сиријци во земјата резултираа со мобилизирање на капацитетите и потенцијалот на млади луѓе во одговорот од земјата – барем во хуманитарниот сектор од кој и јас сум дел и ова беше исклучително искуство на учење за мене.
Од клучна важност е да се разликува моето мигрантско искуство од она на личност која ја напуштила својата земја поради војна или страв од прогон. Меѓутоа, преку разговор со бројни млади бегалци и мигранти низ моето искуство, сфатив дека нашите долгорочни цели и соништа имаат многу заеднички точки. Сите се стремиме за само-реализација – во безбедна и просперитетна средина. Мојата порака до младите луѓе е: никогаш не престанувајте да работите кон постигнување на своите цели, какви и да се истите. Универзумот има свој начин на наградување на оние кои ги следат своите соништа. Во мојот случај, бев наградена со кариерата која секогаш ја сакав и работам со луѓе од кои многу може да се научи за отпорност и сила.
Приказните се собирани од активисти на Легис и се поддржани од GIZ во име на BMZ.
Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammmenarbeit (GIZ) GMBH.
Најнови коментари