Група студенти на ФИНКИ инспирирани од новонастанатата ситуација со цел да се помогне на жртвите од семејно насилство во време на коронавирусот го сработија овој проект. Целта на проектот е да се подигне свеста на граѓаните за стапката на семејно насилство.
Истражувањето на студентите го пренесуваме во целост:
Семејното насилство е проблем кој е длабоко вкоренет во општеството.
Според официјални статистики 14 отсто од жените биле жртва на физичко или сексуално насилство откако наполниле 15 години, од партнер или од друго лице. Околу 44 проценти од жените биле жртви на психолошко насилство од интимен партнер.
Овие загрижувачки статистики биле мотив група студенти на ФИНКИ, да го започне проектот #БезбедниДома со цел да ги охрабри жртвите на семејно насилство да пријават, да се рашири информацијата дека постојат мерки на заштита, и да се подигне свеста на граѓаните за постоењето на овој проблем.
Тие спроведоа анкета чии резултати ги потврдија хипотезите кои ги поставија, односно дека семејното насилство бележи пораст за време на карантинот, дека најголем дел од жртвите се жени, како и фактот дека жртвите најчесто не се одлучуваат да го пријават насилството.
Токму затоа, стапиле во контакт со македонското Здружение на млади правници со цел да се информираат како може да им се помогне на жртвите од семејно насилство.
Кога кај нив ќе се обрати странка која нема храброст да го пријави делото, со цел да ја охрабрат ѝ нудат можност за советување од страна на советник од СОС Детско село. Исто така, објаснуваат дека голем дел од жртвите не ги знаат можностите кои државата ги обезбедува (шелтер центар, бесплатен медицински преглед, психолошка и правна поддршка од Центарот за социјална работа).
По спроведување на кривичната постапка жртвата има право да поведе постапка за надомест на штета од сторителот.
Извор: mkd.mk
Најнови коментари