Општо

Прва трансплантација на срце во Македонија

Ноќта помеѓу 22 и 23 ти Мај во нашата земја се случи за прв пат трансплатација на срце. Тоа беше и сеуште е актуелна тема насекаде како еден огромен подвиг на целиот тим кој работеше на пресадувањето на срцето на младата Емилија Динева од Дојран во телото на Иван, каде сега здраво чука и продолжува да живее. Интересно е што тимот се состоеше од 4 жени.

Еднакви.мк : Др. Мијовска, како овој тим се спреми за оваа трансплантација?

Др. Мијовска: Тимот за трансплантација во суштина е еден голем тим кој се состои од стотина лица, медицински и немедицински персонал од неколку клиники кои заедно работат за да успее овој процес. Секој ја знае својата улога во постапката и е посветен е на неа. Конкретно тимот на болнички координатори, а тоа се лекари кои го процесираат донорот и разговараат со семејството на пациентот во мозочна смрт, се состоеше од жени. Од први јуни тој тим е проширен за неколку нови лекари меѓу кои и еден наш колега хирург. Болничките координатори ја имаат таа улога да алармираат секој пат кога има пациент во кома кој може да влезе во мозочна смрт, да го следи тој пациенти и да ги направи сите потребни испитувања. Ако се докаже дека пациентот е во т.н мозочна смрт, односно дека нема активност на мозочното стебло, тогаш се пристапува кон разговор со семејството за можноста да се донираат органите и се организира истите тие органи да се проценат дали се погодни и здрави за трансплантација. Во исто време се сработува целокупната документација поврзана со донорот и согласностите, и се алармираат останатите тимови дека имаме органи за трансплантација. Во Министерството за здравство се Националните листи за трансплантација по кои се прави изборот на пацинетите кои треба да добија орган заедно со лекарите кои тие пациенти ги следат. Така некако почнува секоја трасплантација, па и оваа каде за прв пат се направи пресадување покрај бубрези и на срце. Наша цел е во иднина, во некоја следна трансплантација да направиме пресадуваање и на црн дроб, на коски и на делови од ткива кои реално можат да се трансплантираат.

Еднакви.мк : Каква беше атмосферата додека семејството на Емилија се решаваше на овој голем хуман чекор, како беше да се биде сведок на тоа?

Др. Мијовска: Тие моменти се секогаш тешки за сите. Им соопштувате на семејството дека загубиле близок и тоа се силни емоции. Од друга страна, барате од нив да размислуваат да спасат друг, туѓ живот. Тешка е атмосферата секогаш. Некои семејства не прифаќаат и тоа дополнително ве прави немоќен пред останатите пациенти кои чекаат орган. Од друга страна, кога ќе прифатат да се донираат органите, во целата болка имате искри на надеж. Тоа се страшно емотивни моменти. Какви беа вашите чувства во текот на операцијата и после тоа? – Во текот на целата постапка од почеток до крај, најмалку се водевме од емоции. Го работевме она за што сме обучени. Секој својот дел. Се трудевме се да заврши без проблеми. Во тие моменти не им давате предност на чувствата туку на рационалност на одлуките кои ги носите затоа што тие се пресудни за успешноста на целата постапка. Кога ќе заврши, ете тогаш ве преплавуваат емоции.Среќа, радост, возбуда, тага..

Еднакви.мк :   Кое е вашето мото и што би им порачале на младите студенти по медицина како и на целото човештво после оваа голема победа каде се спасија 3 животи?

Др. Мијовска: Да бидат упорни и да го следат својот сон. Да спасуваат животи. Да го работат она за што учеле. Да го сакаат тоа што го работат. Некогаш ќе успеат, некогаш не. Не можете да ги спасите сите. Не можете да го спасите целиот свет, но оние кои ќе ги спасите ќе ви бидат благодарни и ќе ве поттикнат да работите уште повеќе. И што и да се случи, никогаш не се откажувајте.н