Мој став

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Анче Туфекчиева

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со  Анче Туфекчиева од Струмица.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Анче Туфекчиева: Најпрво би сакала да Ви се заблагодарам за отстапувањето на простор на Вашиот портал. Најголемата пресвртница е соочувањето со дијагнозата на мојата ќерка. Секој зачеток во утробата на секоја мајка значи најпрво надеж за донесување на свет здраво бебе.

Како мајка на девојче со Даун синдром со нејзиното раѓање лекарите не беа наклонети да ја објаснат вистинската ситуација-дека всушност ќе биде исто дете како сите деца, дека подоцна ќе прооди и ќе проговори но многу повеќе од сите нас ќе му се радува на животот. Неколку месеци немав одговор зошто токму јас. Најчесто се обвинував сама себе, но сфатив дека треба да соберам сила за да продолжиме понатаму заедно со неа, да се бориме заедно и да му покажеме на овој свет дека сите треба да имаат свое место во оваа општество без разлика на својата потреба.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Анче Туфекчиева: Како „посебна“ мајка и жена би зборувала за тоа што им е потребно на мајките односно жените кои за мене се херои и кои имаат деца со попреченост.

На сите ни е потребна психолошка поддршка во моментите кога се соочуваме со дијагнозата на нашите деца, потребно е да слушнеме некое искуство од друг родител.

Ние како мајки на деца со попреченост немаме никаков статус во оваа општество, иако постои закон со кој можеме да се вработуваме на 4 часа во претпријатија а останатите 4 часа да ни ги плаќа државата сепак тоа го нема во пракса. Има мајки кои поради попреченоста на своето дете неможат да одат на работа и од државата земаат посебен додаток само 5000 денари. Ни недостигаат рехабилитациони центри за нашите деца, ни недостига систем кој ќе ни помага во одгледувањето на нашите деца.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Анче Туфекчиева: Во животот многупати ќе паднеш, затоа внимавај кој те држи за рака.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Анче Туфекчиева: Да се изедначат правата на биолошките со згрижувачките семејства, да ги уживаме истите права и ние како згрижувачките семејства.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Анче Туфекчиева: Секоја мајка на дете со попреченост, доколку детето е вклучено во образовен циклус, да добие персонален и образовен асистент.

Да се промени возрасната граница за стекнување со правото на персонална асистенција и да можат сите лица без оглед на својата попреченост да го имаат правото на персонална асистенција и трето најважно после смртта на родителите се реши згрижувањето на тие деца односно да се регулира со закон.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Анче Туфекчиева: Би сакала да им порачам на сите мајки кои имаат деца со попреченост да не ги кријат своите деца и да не се плашат да ги покажат своите деца на светот. Заедно да се соединиме и да се избориме за еден поубав свет, едно поубаво општество во кое нашите деца ќе ги уживаат правата како сите граѓани и ќе бидат еднакви.

Само заедно можеме да поместиме планини.