Ана Петровска е новата директорка на Државниот инспекторат за животна средина. Таа на позицијата доаѓа со долгогодишно искуство во Министерството за животна средина и просторно планирање и веќе после само месец дена се забележуваат подобрувања во работењето на инспекторатот.
Еднакви.мк: Долги години работите во областа на живтната средина. Што мислите дека во моментот е најприоритетно во оваа област?
Ана Петровска: Природните ресурси се трошат како да се неограничени. Според мене, издавањето концесии за минерални суровни, изградбата на мали хидроцентрали, дивата сеча, нелегалното копање песок од речни корита, се прашања што бараат строга регулација.
Во градовите, од друга страна, се уништува зеленило и се зголемува густината на изграденост вршејќи промени во микроклинатските услови и давајќи сериозен придонес на загадувањето на виздухот. Развојот на градовите мора да се планира водејќи сметка за животната средина. Процесите што се спроведуваат животната средина ја третираат формално, наместо суштински.
Отпадот е исто така сериоозно прашање. Има многу финансиски и институционални прашања што недоволно се решаваат. Свеста на граѓаните е клучна и сметам дека тие треба да го вршат притисокот на институциите да си ја завршат работата. Притоа мислам и на националните, но и на локалните власти.
Инспекцискиот надзор е исто така важна алатка за спроведување на законите. Јакнењето на имспекторатите е императив.
Еднакви.мк: Инспекторатот за животна средина веќе покажува подобрени резултати откако го водите. Кои се Вашите планови за наредната година?
Ана Петровска: Неопходно е да се вработат повеќе инспектори, да имаме подобра координација со овластените инспектори на локално ниво, да се отвориме кон граѓаните, да бидеме постојано на терен кога ќе добиеме пријава и да мериме загадување со акредитирани лаборатории, наместо само да проверуваме документација. Ова се моите приоритети, но ќе работиме и на подобрување на стручните квалификации на инспекторите, што е исклучително важно кога треба да се уочи неправилност во технолошките процеси и пречистувањето на отпадните гасови и води.
Еднакви.мк: Дали фактот што сте жена Ви донесе пречки или предности во Вашата борба за заштита на животната средина?
Ана Петровска: Кога се вработив како млад инженер во 1988 година ја чувствував разликата што раководните лица ја правеа помеѓу мажите и жените, без оглед на образованието. Ми требаше многу напор да наметнам мои предлози и идеи. Откако започнав да работам на проекти на меѓународно донатори, имав различни искуства. Главно, фактот што сум жена не беше пречка да напредувам, но некои од меѓународните експерти имаа предрасуди и покрај тоа што доаѓаа од развиени земји. Во државната администрација има мнгу жени што се на раководни места, всушност тие се мои најголеми соборки за чиста животна средина во Владата и надвор од неа. Мислам жените се особено сензитивни кон животната средина и здравјето.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во Вашиот живот односно оставил најголемо влијание во животот?
Ана Петровска: Пресвртници се случуваат кога човек осознава дека има контрола врз сегашноста и иднината. И тоа не мора да биде специфичен настан, туку тоа е кога преземате одговорност за своите постапки, ги признавате своите грешки и учите од нив. Кога сваќате дека сам/сама не можете многу, но дека давањето добар пример може да резултира со поддршка и во секоја борба влегувате со поголем оптимизам.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Ана Петровска: Жените од сите возрасти имаат потреба од искрена љубов, разбирање и почитување. За тоа да го добијат, тие треба да бидат самосвесни и да имаат самодоверба. Во современото општество не се негуваат вистински вредности и затоа жените се изложени на различни непријатности и пречки, па дури и насилство. Неопходно е жената да престане да биде жртва и да ја преземе контролата врз својот живот, а тоа е можно само со финансиска независност. Затоа ова општество мора да работи на создавање услови за финансиско осамостојување на жената.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што сте го дале некому?
Ана Петровска: Обично давам совети кога луѓето во моја близина имаат проблем што е решлив со фрлање поглед од друга перспектива. Мислам тие совети се најдобри, кога на некого што смета дека проблемот не е решлив, му давате други можности и надеж.
Еднакви.мк: Доколку може да промените три работи, кои би биле тоа?
Ана Петровска: Би издала наредба за ограничување на времето што децата го минуваат со компјутер, мообилен телефон и телевизор и би дала обврска за физичка активност на отворено.
Би забранила живот на млади парови во заедница и би отворила фонд за помош на млади парови за решавање на станбеното прашање и одгледување деца
Би овозможила граѓански апсења на лица што фрлаат отпад и нелегално сечат дрва.
Има и друго, но мислам децата и младите заслужуваат да станат приоритет на политичарите.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени што се сеуште несигурни во себе?
Ана Петровска: Да ги откријат своите таленти, да ги развиваат, да вложуваат во својата наобразба. Знаењето помага секој да се чувствува посигурно. И да уживаат во секој ден, бидејќи животот е тежок но и сладок, кога се откриваат убавините на нас самите и на луѓето што не опкружуваат.
Најнови коментари