Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Ирина Поцкова, раководителка во Одделението за регистрација и утврдување на даноци во УЈП Регионална дирекција Штип и Претседателка на Граѓанска иницијатива на жени ГИЖ од Свети Николе.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Ирина Поцкова: Во животот имав повеќе пресвртници. Формирањето на Здружението на граѓани Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе и моето ангажирање во него заедно со членките беше вистинска пресвртница. Преку различни активности наменети за зајакнување на жените даваме придонес за нивно влијание во процесите на планирање и донесување на одлуки на локално ниво и нивна интеграција во општеството. За нашите постигнувања добивме признание оваа година од страна на Градоначалникот на општина Свети Николе, кое нешто ме потикнува да работам уште подобро. Моето ангажирање го проширив и на регионално ниво преку активности во Регионалното женско лоби за мир, безбедност и правда во ЈИЕ. Организација чија цел е да помогне во изградба на демократска, просперитетна и евроатлантски иднини на земјите од регионот преку зајакнување на жените за градење мир и нивна интеграција на места каде што се донесуваат одлуки. Оваа година формиравме Академија за лидерство и медијација која нуди прилика на младите политичарки и активистки од НВО да го унапредат своето знаење и да се вмрежат како би се ангажирале за поголема вклученост на жените во градење на мирот и безбедноста и на местата каде се донесуваат одлуки.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Ирина Поцкова: На жените во Македонија им е потребна подобра положба во заедницата, учество во креирање на јавни политики на локално ниво, економска независност преку вклучување на жените на пазарот на труд но и поголема искористеност на активните мерки за вработување. Потребно е мотивирање за нивно учество во креирање на локалните политики и одлучување на ниво на урбана/рурална средина.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Ирина Поцкова: Секојдневно сум со луѓе кои ми се обраќаат за совет или мислење. На жените од руралните средини им давам совет да ги истакнуваат нивните секојдневни проблеми и приоритети и да барат нивно решавање. Со свои предлози активно да учествуваат во креирање на програмите и Буџетот на општината. Само на тој начин можат да влијаат во подобрување на положбата и условите во кои живеат. .
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Ирина Поцкова: На локално ниво редовни консултации со жените. Да се слушнат потребите и приоритетите на жените и рангирани да ги планираат и реализираат во програмите и буџетите на општините.
Имплементација на Резолуцијата 1325 на ОН жените, мирот и безбедноста преку вториот НАП кој треба да послужи како насочувач за постигнување на националната визија за општеството кое гледа на родова еднаквост, инклузивност и транспарентност.
Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Ирина Поцкова: Преку заедничкото дејствување на активистките од НВО и жените од политичките партии измени и подобрувања на изборното законодавство во однос на унапредување на родовата еднаквост со воведување на квота 50:50.
Реформи во образованието кои ќе доведат до зголемување на квалитетот на образовниот систем. Со онлајн наставата ваква каква што е поради пандемијата жените (мајки, баби) се први на удар, тие се приморани заедно со децата да ја следат наставата и да им помагаат.
Реформи во здравството со кое би се воспоставил доктор во секоја рурална средина, сега во руралните средини има амбуланта нема доктор.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
Ирина Поцкова: Младоста е период кога младите жени сакаат да стекнат економска сигурност и економска независност и пронајдат свое место во домот и во општеството. Тоа е период кога донесуваат важни одлуки за нивниот животен пат. Да не се плашат, нека чекорат храбро и одлучно. Тоа се и предуслови да бидат самостојни, зајакнати и да имаат контрола врз сопствениот живот.
Најнови коментари