Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Весна Кузмановиќ, сериски претприемач и мајка на близначиња.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Весна Кузмановиќ: Многи ситни и наизглед незначајни случки и настани не менуваат без да забележиме затоа што поуките извлечени од сите нив се таложат како фундамент на поведението. Но, сепак има и такви силни и значајни случки кои навистина од корен го менуваат животот, улогите кои си ги прифаќаме на личен, професионален и социјален план и после кои самите увидуваме колку многу не промениле овие настани. Тие настани не се секогаш позитивни, за жал и многу негативни настани силно влијаат врз нас и не менуваат, а во кој правец одбираме сами.
Токму затоа јас би избрала два настана кои го променија мојот живот од корен.
Првиот момент е моментот кога станав мајка. Прекрасното сведоштво на креирање и раѓање на нов живот е искуство кое ме промени и кои ме соочи со многу егзистенцијални прашања, ставови и гледишта. Процесот на растење и воспитување на деца пак е процес кој е долготраен и нема нагли скокови, ама ме менува постепено и секој ден сфаќам како и јас растам и се развивам заедно со децата и колку тие силно влијаат на мене.
Втората случка за жал е негативна, а тоа е кога ми дијагностицираа канцер. Тоа е момент кој не посакувам никој да го искуси. Моментот во кој гледате во докторот и се молите да не ги изрече страшните зборови и дијагнозата за која насетувате дека е таа од која се плашите најмногу. Тоа е страшен, потресен момент во кој дури чувствував дека не ми се случува на мене, туку дека сум јас само набљудувач и дека тоа сега се однесува на некоја друга Весна. Но, за жал по изговорувањето на страшните зборови од страна на докторот, првата реакција моја беше несвесна, брза и само едно ме загрижуваше, кој ќе се грижи за моите близначиња кои беа во тој момент 2 и пол години. Тоа беше момент кој ми го преврте животот, погледите и односот кон нештата што велат “наглавачки”.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Весна Кузмановиќ: На жените во Македонија им треба институционална подршка во смисла на креирање систем каде секој подеднакво ќе може да се избори за позицијата врз основа на квалитет, способности и морални и етички принципи. Кај нас жените се во втор план. И можат да зборуваат колку сакаат дека ситуацијата се менува на подобро но само погледнете фотографии од седници, состаноци на највисоко ниво и избројте колку од присутните се жени. Ни една петина не се жени. Ако земам пример од областа во која јас фунцкионирам, бизнисот, погледнете колку од топ компаниите во Македонија на позицијата Извршен директор имаат жена. Не велам дека нема успешни жени, но тие жени што успеале се жени кои сами се борат без никакво општествено признание и рекогниција туку само заради задоволството од корисниците или клиентите. На жените ништо не им се дава на тацна (освен на ретките примери на непотизам).
Токму затоа мислам дека жените мора да се борат заедно да имаат влијание и да бидат клучен и вреднуван фактор при креирање на политиките. Не може жената да биде ставена во позиција да мора да бира дали професионално ќе напредува или ќе гради семејство, а мажот да не мора да се откаже од професионалниот успех додека основа и гради семејство. Едноставно тоа не смее да биде принцип кој ќе се користи како објаснување и оправдување за пониските професионални и општествени позиции за жената.
Многу други политики влијаат на положбата на жената и тие мора да се менуваат. Од искуство зборувам и тврдам дека жените се полесни жртви и на корупцијата и неефикасниот систем затоа што мажите се осмелуваат да вршат притисок врз жените знаејќи дека им се ограничени можностите и силите за отпор.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Весна Кузмановиќ: Знаете како велат: “не давајте совет кога некој не Ви бара”, но јас многу сакам да давам совети посебно на млади затоа што мислам дека ако не го споделиме личното искуство како да не сме ја пренеле најважната порака од него. Затоа како што кажав, не давам експлицитни совети и не навалувам да кажам некому што мислам дека е добро, но преку споделување на лично искуство им покажувам на младите, на пријателите, на моите деца и најблиските какви можат да бидат резултатите од одредени одлуки кои ќе ги донесат а сум ги донела и јас.
Сепак она што јас го имам како животно искуство и мудрост стекната е дека ништо на светов не вреди толку многу за да се откаже некој од својот сон, од она што ќе му пружи можност да почувствува самозадоволство од нешто дека го сработел одлично. Затоа тој совет го споделувам секогаш па еве и сега: “немојте да се откажете од својот сон за реализација на Вашите способности, таленти, интереси. Не си го ускратувајте чувството – УАУ, значи навистина сум одличен/а во ова што го направив и правам”!
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Многу е едноставно тоа што треба да го направат одлучувачите во Македонија – да вклучат жени во сите процеси, да ги прашуваат жените и да го имплементираат тоа што тие ќе им го советуваат. Но, искрено верувам дека жени кои треба да бидат вклучени во тие процеси треба да бидат жени професионалци во областите за кои треба да одлучуваат, а не жени кои се бават со политика долго и се членови на политички партии. Тоа може да биде принцип во некоја не толку блиска иднина каде жените во политика ќе се градат наметнувајќи ги женските принципи на менаџирање на работите а не да ги прифаќаат и имплементираат машките принципи и во политиката и во областите за кои треба да одлучуваат.
Од досегашното искуство во Македонија повеќето жени кои се вклучиле во политика веројатно борејќи се за позиција во политичките партии кои се апсолутно креирани според машки принципи како освојување, конкуренција, борба за позиција, не емпатичност, ги губат женските принципи, кои се различни а убедена сум и похумани од машките принципи а тоа се соработка наместо конкуренција, емпатија вистинска, грижа за другиот, ставање на колективните бенефити пред сопствесните интереси итн.; па дури и ги потиснуваат овие принципи и ги наметнуваат и промовираат машките принципи. И така одеднаш жените стануваат најголеми неподржувачи на жените и женските права затоа што тврдат дека еве тие се пример за половата еднаквост. Но, не е така.
Исто така нешто кое многу ми пречи и ме ограничува во оваа држава е третманот на самохраните мајки. Во ситуација во која и се заканува бела смрт на македонската нација и каде вербално се охрабрува раст на наталитетот, нашиот систем во пракса ги обесправува самохраните мајки, им ја доведува егзистенцијата во опасност затоа што не покажуваат никаква емпатија кон нивната положба, условите во кои функционираат, како и некреирањето можности за реализација на самохраните мајки во услови кога мора да се посветат и на децата. Бидејќи сум самохрана мајка верувајте дека премногу често ја чувствувам неправдата која ни се нанесува, а посебно сум ужасната тоа што од жени, самохрани мајки кои се претставници на системот сум слушнала дека тие се самохрани мајки ама не сакаат да се идентификуваат со другите самохрани мајки затоа што тие успешно си ја остварувале својата улога на мајка и професионалец. И како што реков тоа е тој момент во која забораваме на емпатијата, забораваме на сочуствувањето и солидарноста со другите кои во нашиот систем едноставно не можат. Системот мора да креира за сите свои граѓани можности и не смее да се води од принципите на појаките.
Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Искрено да Ви кажам не прифаќам дека не можам да променам нешто, па колку и да бара енергија, време и ресурси истото. Така секојдневно се трудам да ги менувам работите, ставовите, погледите на луѓето но и самиот систем. Сепак она што доколку би имала општествена моќ би ги сменила следниве три работи:
- Процесот на избор и поставување на раководни позиции во државава – би ангажирала професионална ХР агенција од светски ранг да ги истестира, избере и постави личностите на позициите кои ќе се одговорни за носење политики и одлуки за сите граѓани на оваа држава, а тоа не би смеело да бидат членови на политичка партија
- Би го променила образовниот систем во корен. И не би превземала веќе развиен и имплементиран систем некаде во светот туку со сите групи од интерес би се развил систем кој ќе биде најефикасен за нашиот менталитет, култура и историја. Образованието би го менувала во правец да од нашите деца направиме да бидат КРЕАТОРИ а не КОРИСНИЦИ на решенија развиени некаде во светот. И исто така клучен предмет на кој би посветила внимание е карактерно воспитување односно градење на вредносен систем кај децата и младите луѓе во кој секогаш централна улога ќе има ЧОВЕКОТ и неговите добробити а не финасиската или други материјални придобивки
- Трета работа која би ја променила е промена во здравствениот систем. И тоа радикална и коренита промена со која би ги анулирала сите неоправдани предности кои државата ги креираше во интерес на приватниот здравствен систем на сметка на државното односно јавното здравство.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
На младите жени би им препорачала да не се откажуваат од себе и своите соништа за ништо и за никој друг. Споменав и претходно дека она што не дефинира како личности е само перцепцијата, а таа треба да биде изградена врз основа на искуство на себе во однос на социјалното опкружување. Релациите преку кои ќе се реализираат жените и младите девојки не смеат да бидат врз основа на притисок, наметнување и барање од откажување или жртви.
Знам дека многу често и родителите водени од грижа за своите деца сакаат да ги заштитат од неуспех, од тешка и напорна работа, од социјален притисок и затоа ги советуваат да го изберат полесниот пат, или патот во кој полесно и побрзо ќе дојдат до социјален статус, материјална сигурност итн. Но, верувајте се што изгледа како полесно, побрз и побезбеден пат секогаш на крај излегува потежок кој бара повисока цена. Затоа на сите млади девојки и жени им препорачувам да откријат што им претставува вистинска страст во животот, што е она со кое кога се во допир или го проучуваат, работат, забораваат на времето, не чувствуваат ни глад ни жед. Е кога ќе ја откријат таа страст тогаш без оглед на се друго да се посветат на тоа и да се борат за реализација на истото. Тој пат нема да биде лесен, ќе има многу предизвици, непредвидени работи, ќе се доаѓа можеби и во ситуации во кои нема да се гледа излез, но најважно е да не се откажуваат. Затоа што секогаш има решение а тоа решение е можеби тука пред нас само треба да погледнеме од друга перспектива.
Најнови коментари