Пулексенија Јованоска е најдобрата македонска каратистка каташка во историјата. На Европското првенство во Гвадалахара, Шпанија го освои 5-тото место. Таа е стипендистка на МОК, а во 2019 година од граѓанската организација Такт беше избрана и за најдобра спортистка на Македонија во индивидуални спортови. Годинава учествуваше на Олимписките Игри во Токио, а во слободно време е голема хуманистка и поддржувачка на неколку хуманитарни организации.
Еднакви.мк: Годинава за првпат учествувавте на Летните Олимписки Игри во Токио, во дисциплината на кати. Што за Вас претставуваше овој предизвик?
Пулексенија Јованоска: Олимписките игри за нас како спорт пред се значат многу. Бидејќи каратето првпат настапуваше на Олимпијада, а јас настапив како единствен претставник од карате. Овој “машки’ спорт, на олимписките игри го претставуваше жена Ми претставуваше привилегија што бев таму, но и голема одговорност. Самото учество да бидеш помеѓу најдобрите 10 каратистки во светот е неописливо чувство
Еднакви.мк: Што и колку требаше да се вложи за да стигнете до овој момент, кои ви беа главните пречки?
Пулексенија Јованоска: Мене каратето ми стана начин на живот уште од 2010 година кога со мои 16години бев дел од Сениорската Репрезентација. Од тогаш до денес приоритет секогаш ми бил тренингот. Влогот е голем. Спортот бара да се вложиш максимално. Да се задржиш на врвот во континуитет навистина бара голема жртва. Максимална посветеност, безброј тренинзи, анализи, режим на исхрана. Последниве 4 години учествував на огромен број натпревари каде што мојата форма беше во постој прогрес. Јас сум по природа борец, пречките не ги приметував,од желбата преку успеси да покажам колку можам.
Еднакви.мк: Вие сте поборничка и за вклучување на жените во раководењето на спортскиот сектор. Што ве мотивира на тој план и за што се залагате?
Пулексенија Јованоска: Мотивот го црпам од секојдневното соочување со критика за жената како спортистка. Револтот што се буди кај мене кога ќе омаловажат наш успех. Кога ќе се соочам со не еднаков публицитет, кога сум не соодветно третирана. Моја цел е да охрабрам многу млади спортистки да не се откажуваат, да бидат гласни и храбри. Да се информираат кои се нивните права, да се едуцираат за начинот на кој што треба да постапат кога се дискриминирани.
Еднакви.мк: Што би им кажале на младите жени кои сакаат да влезат во областа на спорт?
Пулексенија Јованоска: Децата кои од најрана возраст почнуваат да се занимаваат со спорт стекнуваат здрави навики преку процесот на воспитување, учат за почит, хиерархија. Учат за дисциплина и одговорност. Навистина спортот нуди голем број предности за правилен психофизички раст и развој на едно дете. Преку спорт учиме за пораз, за издржливост, стекнуваме самодоверба и самоконтрола. На младите жени би им препорачала да бидат упорни во спортот, да не се откажуваат, веќе се осеќа подобра клима, има расположение за промени, веќе сме на 30% застапеност на жената во спортскиот сектор. Со надеж заедно да се избориме за 50% еднакви права и можности
Еднакви.мк: 2020 година беше исклучително тешка година за сите нас. Како се соочивте со сите предизвици кои ги донесе секојдневието?
Пулексенија Јованоска: За мене 2020 година беше мал “рестарт” Буквално се одморив од натпревари и патувања. Продолжив со тренинзи, вежбав и на отворено, имав време за долги анализи. Ставив јасен фокус на моите цели. Темпирав форма. Беше навистина тешка година за сите нас, мене лично ми донесе многу убави промени,донесов важни животни одлуки, со позитивна мисла и јасна цел на крај се си дојде на свое место. Можеби и беше потребна таква “пауза” за сите нас. Да се сконцентрираме на најважните работи,да елиминираме негативни вибрации и да продолжиме напред кон создавање нови поквалитетно-продуктивни исполнети денови.
Најнови коментари