Секој човек носи во себе сон –идеја, желба или визија за тоа што би можел да биде. Но меѓу тоа „би можел“ и „сум“ често стои една невидлива, а сепак моќна пречка: сомнежот. Сомнежот во себе, во своите способности, во вредноста на сопствените идеи.
Френклин Д. Рузвелт некогаш рекол: „Единствената граница за остварување на нашето утре се сомнежите што ги имаме денес.“ Оваа реченица не е само мудра мисла, туку и вистина што ја чувствуваме во срцето. Колку пати сме се откажале пред да пробаме, само затоа што не сме верувале дека можеме? Колку шанси сме пропуштиле, мислејќи дека не сме доволно добри, доволно спремни, доволно вредни?
Сомнежот не доаѓа со викање – тој шепоти. Нè убедува дека не вреди да се ризикува, дека е побезбедно да се остане во удобната зона на стравот. Но вистината е дека ништо големо не е создадено без храброст.
Храброста не значи отсуство на сомнеж, туку избор да се продолжи и покрај него. Иднината не е резервирана за совршените, туку за оние што се охрабруваат да тргнат, дури и кога не се сигурни.
Да веруваме во себе не значи дека нема да паднеме, туку дека ќе имаме сила повторно да станеме. Секоја реализација почнува со еден избор – да го замолчиме гласот на сомнежот и да му дадеме простор на гласот на можноста.
А можноста? – Можноста секогаш почнува денес. Секој нов ден ни дава шанса да изградиме нешто поинакво – не затоа што сè надворешно ќе се промени, туку затоа што ќе се промениме ние. Ќе се исправиме пред сопствените сомнежи и ќе си кажеме: „Да, имам стравови, но имам и соништа.“ И токму тие соништа се поважни од стравот.
Во светот кој често нè учи да се споредуваме, лесно е да се изгубиме во несигурноста. Но не постои универзално мерило за вредност. Вистинската мерка е колку сме подготвени да се потрудиме, да учиме од падовите и да не се предаваме. И најуспешните луѓе некогаш биле на раб на откажување –разликата е што одлучиле да продолжат.
Секоја победа, без разлика колку е мала, почнува со внатрешна одлука. Одлука да се верува. Да се направи чекор напред, дури и кога патот е маглив. Да се зборува кога тишината изгледа побезбедна. Да се проба, иако постои ризик од неуспех. Бидејќи неуспехот не е крај – туку чекор поблиску до раст.
Затоа, следниот пат кога ќе се разбудиме со страв и сомнеж, да се сетиме на оваа мисла. Да го прифатиме сомнежот како човечки, но да не му дозволиме да ни ја одземе иднината. Да веруваме – не затоа што сме совршени, туку затоа што имаме срце што не се откажува.
Некогаш сè што ти треба е еден тивок, но храбар глас во тебе што ќе каже: „Пробај уште еднаш.“ Бидејќи токму таму каде што почнуваш да се сомневаш, често се крие моментот каде што почнуваш да растеш.
Авторка: Маја Атанасовска
Најнови коментари