Пеперутките не летаат додека врне дожд.
Не затоа што заборавиле како, туку затоа што знаат дека секој дожд има крај.
Нивните крилја, тие тенки, речиси транспарентни парчиња чудо, се премногу нежни за да ја издржат тежината на дождовните капки.
И затоа, тие не се борат со времето — се повлекуваат под лист, под цвет, во
засолниште што го познаваат. И мируваат.
Во нивното мирување има мудрост што ние, луѓето, често ја забораваме.
Кога дождот ќе почне да паѓа во нашиот живот — во форма на замор, тага,
преоптовареност или загуба — ние најчесто не застануваме. Се обидуваме да летаме низ дождот, да докажеме дека можеме, дека сме „силни“.
Но, вистинската сила не е во тоа да издржиш по секоја цена.
Таa е во тоа да препознаеш кога треба да застанеш. Да си дозволиш пауза не е слабост.
Тоа е љубов кон себе.
Тоа е доверба дека и кога мируваш, животот не застанува. Само се пренасочува.
Имав таков период — кога сè се чинеше премногу: луѓето, очекувањата, обврските, стравовите.
И во сета таа бура, сфатив дека најтешкото нешто не е да се движиш, туку да
престанеш.
Да признаеш дека ти треба одмор. Дека имаш право на тишина.
Понекогаш, тоа е најдлабоката форма на сила — да седнеш со сопствената тежина и да не бегаш од неа.
Да кажеш: „Да, денес не можам.“
И да знаеш дека тоа е во ред.
Вечерва врне.
И можеби ќе врне и утре.
Можеби дождот нема да престане веднаш.
Но, тоа нека не те плаши.
Пеперутките не се лутат на дождот.
Тие не мислат дека небото ги казнува.
Само чекаат — тивко, трпеливо, достоинствено.
И кога дождот конечно ќе престане, тие не се враќаат во летот поинакви — туку поблагородни.
Со помеки движења, со нова благодарност кон светлината.
Така е и со нас. Секој дожд ни носи лекција, секое мирување ни враќа дел од нас самите.
Затоа, ако сега си во денови кога ништо не оди, кога капките ти тежат на душата, не бори се со невремето. Само најди засолниште во себе. Одмори.
Биди пеперутка што знае дека дождот не е крајот, туку само пауза пред новото небо.
Кога ќе се разведри, ќе почувствуваш — телото полесно, срцето посвесно, а погледот појасен.
И тогаш ќе сфатиш дека не си изгубил ништо, само си научил да леташ побавно,
посигурно и со повеќе љубов.
Нежноста не е слабост.
Таa е форма на храброст.
И понекогаш, таа се раѓа токму во деновите кога врне.
Почекај да престане дождот, нека огрее сонце.
А потоа… полетај!
Рашири ги крилјата со целото свое срце.
Почуствувај ја силата во секое движење.
Животот чека да го пречекаш со светлина, да се издигнеш високо и да го осетиш ветарот на новите почетоци.
Биди жива, биди смела, биди пеперутка што не само што лета, туку светот го
гледа низ твојата светлина, убавина и грациозност со секое свое движење.
Маја Атанасовска
За авторката:
Нејзините текстови се повик за повеќе нежност кон себе и храброст да се живее со срце – дури и кога врне.



Најнови коментари