Мој став

Македонска очајна домаќинка!

По вчерашната ексклузива на Нино Неприкосновени,нити спиев како што треба, нити станав како што треба, се од мисла дека Нино повеќе води сметка за нашето здравје, од колку ние, самите.Човекот ни брои колку антибиотици и антидепресиви пиеме, брои рецепти по глава на пациент, воведе квоти за прегледи по број на жители, а сега богами ќе ни брои и калории. На толку и толку калории, толку и толку данок-вели.
По ваква изјава не можеш, а да не го сонуваш. Одиш во сонот во продавница, го погледнуваш производот, читаш енергетска вредност, протеини, јаглехидрати, масти …ова, она и шлап по рака. Тоа Нино те опоменува дека тој производ ти шкоди на здравјето и затоа повеќе ќе платиш. И ти го враќаш на рафтот. Чунки тој е законот, а законот ти кажува што да јадиш.
Одиш понатаму и во корпата ставаш сок, а во него сахарин. И пак шлап по раката. И така молчешкум го оставаш и него….и продолжуваш по рафтовите.
По препорака на Алфа Тв (или Хета) бараш тунешко или рибешко со Омега 3. Или америчко хормонизирано пиле (смрзнато со се пердуви), спанаќ растен покрај Фени, па мандарини со имазалин…..овој пат како гаранција го имаш зборот на Агенцијата за храна.
Се враќаш дома, почнуваш да готвиш и си викаш……ај пуст да би останал животот кучешки кога ќе мораш коски да глодаш, за да останеш тенок. Или ти, или џебот!
Петар Велики останал запаметен по данокот за носење брада (ова како идеја де)!

Автор: Дивна Јовковска Ефтимоска
Авторката е новинарка и поранешна Пратеничка во Собранието на Република Македонија