Мој став

За мојот и ваш Ресен!

Во светот има многу, илјадници градови. Ги има и во Македонија. Сите убави на свој начин. Ама јас го сакам Ресен. Градот во кои се родиле моите родители,се родив јас. Градот каде што учев, растев. Градот во кој создадов семејство и работев. Градот во кој живее моето потесно и пошироко семејство. Тука се моите најдобри другари и пријатели. И сите тие овде се родиле, растеле, учеле, основале семејства и тука живеат. Заедничка ни е љубовта кон Ресен и Преспа. Скоро идентично размислуваме дека Преспа по својата природна убавина потсетува на паун. Пленува со својата природна убавина, како паунот со раскошноста на боите. Толку различни, а толку складно подредени. Сината боја-бојата на Преспанското езеро. Зелената-преспанските шуми и јаболкови насади. Кафеавата-бојата на Баба планина со моќниот Пелистер, Галичица, Бигла и Горбеч на југ. Белата-боја на преспанскиот пеликан. Помали и поголеми црни точки-бојата на 44-те преспански села на мапата на Преспа. Овде живеат добри, одважни и достоинствени луѓе. Дури и оние кои маката и борбата за гол живот ги однела некаде надвор по светот, знам, дека Преспа ја носат во душата.
Ама денес, некогаш неприкосновената убавица Преспа е остарена и со збрчкано лице. Некогаш стројната убавица се престори во збрчкана старица. Град во кој нема насмеани и ведри ликови. Градот во кој се зборува или за непродадени јаболка, или за ниска откупна цена, или за изманипулирани земјоделци кои јаболката ги продале, ама пари не зеле….или пак за издупените улици и патишта. Често се зборува за тоа, зошто нема струја, зошто нема вода. Кој за што го казниле, кој на кого зијан му направил?! И сето тоа,со намера да го нервираат, да го разболат……Зошто и како се престоривме во злостори?
Некогаш убавиот град, еден од најбогатите во Македонија во минатото, се престори во град кој не можат да го препознаат луѓето кои тука се родиле, растеле, го сакале. Го нема стариот пазар, го нема саботниот, пазарен џагор, ги нема случајните средби и муабет низ чаршијата. Едноставно нема луѓе!Си заминаа!
Ќе решиш да излезеш, да прошеташ……и на никого да не налеташ. Куче да те нападне, нема кој да ти помогне. Излегуваш со автомобил, чекаш на семафор…..на сто метри, пред тебе, зад тебе, лево, десно, никој нема…..
И така, како од нигде никаде, ти доаѓа мисла…….каде да бегам?Да, да….баш така, каде бегам? Не каде да одам? Зошто никој не си оди од мерак, од градот во кој се родил, растел, работел, создавал. Никој од мерак не бега од градот кој му тече во вените!!!

Автор: Дивна Јовковска Ефтимоска
Авторката е новинарка и поранешна Пратеничка во Собранието на Република Македонија