Вести

11 Февруари – Меѓународен ден на жени во наука

Со цел да се постигне целосен и еднаков пристап и учество во науката за жени и девојки, и дополнително да се постигне родова еднаквост и зајакнување на жените и девојките, Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 11 февруари како Меѓународен ден на жените и девојките во науката. Пречките кои стојат на патот на научната работа на жените се многу, почнувајќи од стереотипите за социјалниот и семејниот живот, предрасудите со кои се соочуваат во текот на нивната професионална кариера, преку недоволниот број установи кои ќе им овозможат балансирање на приватниот и професионалниот живот до недоволните финансиски средства кои државата генерално ги вложува во науката.
УНЕСКО конструираше интерактивна дата база за состојбата со бројот на жени кои се одлучуваат да се бават со наука и истражување. Од резултатите се гледа дека иако жените го започнуваат високото образование, во многу помал број одлучуваат да продолжат со научна кариера. Иако податоците за централна и источна Европа покажуваат дека меѓу 45% и 55% од запишаните на факултет се жени, бројките на жени кои работат во истражувачка дејност се помали. Така на пример, во Полска 38% од истражувачите се жени, во Русија 41%, во Словенија 36%, во Унгарија 31%, во Австрија 29%, во Германија 27%, Данска 35%, Шпанија 39%.
Она што е интересно, а е воочливо во дата базата, е дека Балканскиот регион предничи во родовата еднаквост во истражувачка дејност. Имено, во Србија и Црна Гора 50% од истражувачите се жени, во Хрватска 48%, во Бугарија и Македонија 49%.