Интервјуа

Емили Јовановиќ Локвенец – Генерален Менаџер на НЕОДАТА

Дипл.ел.инг Емили Јовановиќ-Локвенец е Генерален менаџер на НЕОДАТА –Скопје, компанија која 20 години се занимава со развој на деловен софтвер. Скопјанка со космополитски гледишта, никогаш не гледала бариери во тоа што може да го постигне. Јовановиќ-Локвенец е и бивша професионална кошаркарка во Првата Б југословенска кошаркарска лига, сопруга и мајка на двајца тинејџери. Во нејзината едукација се вбројуваат најдобрите образовни институции во земјата, гимназијата РЈ – Корчагин, смер математика – информатика и Електро-техничкиот факултет во Скопје, каде се здобива со своето звање дипломиран електро инженер. Со гордост ќе каже дека работела софтвер за најголемите државни институции, но и во најјаките компании во сите индустрии во Македонија.
Еднакви.мк: Вие сте Генерален Менаџер на НЕОДАТА, компанија која се позиционира во ИТ бизнисот веќе 20 години.(компанија во која 80% од вработените се жени, што е реткост во ИТ бизнисот). Како се справувате со предизвиците во тој машки свет?
Емили Јовановиќ Локвенец: Светот не е машки, ако јас се прашувам. Јас мислам дека бизнисот генерално е игра за најдобрите играчи.
Неодата  веќе 20 години се занимава со развој на софтвер за деловно работење и постојано се трудиме да ги следиме и имплементираме сите светски трендови во развојот на софтвер, но и сите законски измени во деловното работење. Мислам дека тоа е единствената формула за да се опстои во нашиот бизнис.
Можеме да се пофалиме со клиенти во најголемите државни институции: , осигурителни компании и банки, како „Триглав Осигурување“, „Кроација Осигурување – Живот“ и „Халк банка“, но наши клиенти се и најголемите компании од сите индустрии во Македонија како: Цементарница „Усје“ – Скопје, Империал Тобако, ОКТА, Мермерен комбинат- Прилеп, Макстил Скопје, Горење Скопје и други.
Сакам да нагласам дека во НЕОДАТА не сме склони кон негување на старата слава. Да, горди сме на сработеното, но секогаш сме свртени кон иднината.
Определбата на НЕОДАТА е секогаш да биде компетитивна на светскиот пазар на софтвер за деловно работење, па мислам дека тоа е единствениот начин да се остане во бизнисот. Во нашето портфолио ќе најдете  интегриран пакет на модули за ЕРП софтвер,  Софтвери за материјално – магацинско работење и продавница, Софтвер за човечки ресурси и правна служба, Софтвер за пресметка на плата кој е адаптиран за сите индустрии, Софтвер за безбедност и здравје при работа, но и многубројни кастамизирани софтвери кои ги изработуваме по нарачка за нашите клиенти.
НЕОДАТА е регионален партнер на белгиската компанија ODOO која нуди софтвер за деловно работење во облак.
Базиран на оваа технологија, за македонските мали и средни компании, нудиме пакет за комплетно деловно работењеdataKing Cloud, кој опфаќа модули за Односи со корисници (CRM) – Продажба(Sales) – Фактурирање (Invoice).
DataKing Cloud го нудиме по исклучително конкуретна цена за клиент од 799,00 ден без ДДВ.
DataKing Cloud се базира на најактуелната технологија, која на клиентот му овозможува да почне да работи веднаш само ако има интернет конекција, без инвестиција во хардвер, без инвестиција во лиценци (Windows, бази на податоци или др. ) , без грижа и трошоци за backup, со можност за модуларна надградба на софтверот со нови функционалности – како расте бизнисот и софтверот ќе расте со него.
Еднакви.мк: Вие сте Генерален Менаџер на НЕОДАТА, компанија во која 80% од вработените се жени, што е реткост во ИТ бизнисот. Како регрутирате кадар и што мислите која е причината за вака висок процент на запослени жени во Вашата компанија?
Емили Јовановиќ Локвенец: Статистиката вели дека во Македонија поголем процент од дипломираните ИТ инженери се жени, значи во стручноста нема родова поделеност.  Тоа што во моментов во НЕОДАТА се повеќе жени, можеби е случајност, но јас сакам да верувам дека тоа се луѓето кои ја препознале и ја негуваат  нашата деловна филозофија.
Во НЕОДАТА има постојано отворен конкурс за прием на нови вработени, но и можности за изведување на пракса.
Циркулираат многу луѓе со различни квалификации, знаења, желби и очекувања.
Сакам да нагласам дека предзнаењата кои некоја личност ги поседува, не секогаш се пресудни за да добие позиција во нашата компанија. Ние сме во постојано растечки бизнис и многу позначајно е личноста која ќе работи кај нас да е спремна постојано да учи.
Она што мислам дека е поважно да се каже за НЕОДАТА е дека кај нас работат професионалци кои се посветени на својата работа и мислам дека заеднички негуваме филозофија на личноста која во неколку кратки точки би гласела вака:

  • Вложувај во себеси, беспоштедно
  • Учи. Постојаната едукација, формална и неформална, е задолжителна
  • Доблест е да се признае дека нешто не знаеш
  • Прошири ги своите перспективи. Само така ќе ги согледаш вредностите на другиот и ќе ги искористиш во сопствениот напредок и напредокот на бизнисот
  • Не си нуди оправдувања за својот неуспех. Осмели се да се обидеш повторно

Еднакви.мк: Во 2000 година бевте кандидатка за Генерален Секретар на КСМ и вашата кандидатура беше одбиена со KSM Emiliдискриминирачко образложение: „Местото генерален секретар бара издвојување на поголем дел од денот за работа, многу патувања, со тоа и многу отсуства од дома, а како што дознавме Јовановиќ има и мало дете, па така мислевме дека Весковски би бил подобриот избор.“ Како влијаеше на Вас ова искуство?
Емили Јовановиќ Локвенец: Во моментот кога одлучив да аплицирам за позицијата, сметав дека сум респектабилен кандидат. Ги поседував сите побарани  знаења, лични и професионални способности. Јас сум дипломиран електро инженер, во моментот веќе имав искуство од 5 години, раководев со бројни стручни проекти, сертифицирана сум во Проектен менаџмент, зборувам 2 странски јазика. Тоа само по себе беше повеќе од она што се бараше за позицијата, а јас згора на се имав професионална кошаркарска кариера од 8 години во Југословенската Прва Б лига.  Аплицирав, спремна да се вложам себе си, моето знаење , професионалниот и личниот кредибилитет со цел институцијата „Кошаркарски сојуз на Македонија“ да ја подигнеме на повисоко ниво.
Во секој случај сметав дека „трката“ за таа позиција ќе ја водат најдобрите кандидати, а се случи да ме исфрлат уште пред почетокот, со смешно образложение, „дознавме дека има мало дете“.
Замислете, јас сум проценила дека можам да одговорам на позицијата, што беше евидентно од тоа што јас секако имав захтевна професија, а некој се дрзнува да процени непознавајќи ме, дека нема да бидам доволно посветена.
Во првиот момент, ова сознание предизвика лутина кај мене, но од оваа дистанца разбирам дека изговор ќе смислеле и за друг кандидат кој не им одговарал и одлуката не ја сметам како лична навреда.
Она што остана засекогаш се насловите во весниците „Машки шовинизам во КСМ“, кој според мене само зборува за немоќта и очајот  на оние кои учествувале во изборот, кога се нашле во позиција да бараат  изговори.
Би сакала да ја пренесам мојата порака, дека неуспесите се природно присутни и треба да ги прифаќаме како скалила кон успехот. Едноставно, не се откажувајте.  Јас по 15 години од мојата кандидатура за Генерален секретар, се радувам и со гордост ќе кажам дека конечно денес на таа позиција е жена.
Еднакви.мк: Што, според Вас, е пресудно за добро балансирање на приватниот и професионалниот? Кои се предизвиците и како се справувате со нив?
Емили Јовановиќ Локвенец: Би ја искористила за пример Марија Кири, која не е само првата жена која добила Нобелова награда, туку и првата ЛИЧНОСТ која добила две Нобелови награди во различни области.
Дали знаете дека и нејзината ќерка е добитничка на Нобелова награда?
marija kiriЗначи за Марија Кири, научник, сопруга и мајка, родена повеќе од 100 години пред мене, немало изговор да биде исклучително успешна во професионалниот и приватниот живот,  како јас да кажам дека денес е тешко?
Според тоа, за мене, за добро балансирање на приватниот и професионалниот живот, пресудна е организацијата.
Верувам дека за добрата организација на сопственото време, научив многу рано, уште од моите школски, па подоцна и студентски денови. Во тој период професионално се занимавав со кошарка, значи тренинзи секој ден, утакмици низ Југославија секој втор викенд, а паралено студии на Електротехничкиот факултет во Скопје.  Успевав да најдам време и да се дружам и да излегувам со пријателите.
Во оваа приказна не се издвојувам само јас, едноставно во тие времиња тренерите инсистираа да имаме успех во училиште. Денес најголемиот број од моите другарки – соиграчки се високообразовани, успешни жени.
Балансирањето меѓу приватниот и професионалниот живот е предизвик за сите,  мислам дека она по што се разликуваме  е со што сакаме да ни биде исполнет животот.
Во мојот вокабулар нема да слушнете „немам време“.
Секогаш имам време да им помогнам на децата во домашните задачи, да одам со сопругот на долга прошетка покрај Вардар, фамилијарно да одиме во кино, три генерации жени со мајка ми и ќерка ми да одиме на кафе, да ја ислушам мојата 90 годишна баба, да прочитам добра книга или да играм со син ми билијард. Јас секогаш успевам да најдам време.
Еднакви.мк: Знаете да кажете дека „Бизнисот е игра за најдобрите играчи“. Какви се според Вас најдобрите играчи?
Емили Јовановиќ Локвенец: Според мене „Најдобрите играчи“ се оние кои сфатиле дека:

  • Бизнисот не е фер. Не треба да се троши време на барање на оправдувања
  • Само најупорните успеваат. Не најдобрите, туку оние кои се посветени и несуетни
  • Светот се менува брзо, фатете приклучок

Еднакви.мк: Што би им порачале на жените кои сеуште се двоумат да влезат во играта?
Емили Јовановиќ Локвенец: Верувам дека секој од нас е надарен за нешто, пеење, цртање, готвење, говорење, учење, трчање…Во оваа смисла ќе ја цитирам Марија Кири, која пред повеќе од 80 години рекла:
Животот не е лесен за никој од нас.
Но како да се справиме со ова?
Ние мора да сме истрајни и над се да имаме верба во себеси.
Мора да веруваме дека сме надарени за нешто и дека тоа нешто мора да се достигне.
Едноставно изберете ја играта во која сте најдобри….и уживајте во патувањето.