Мој став

РепортерКа – Зошто мајките не се на мекици?!

Традицијата вели дека кога ќе се роди бебе, се замесуваат мекици и се канат најблиските за заедно да се прослави среќниот момент. Порано во секоја куќа скоро имало брашно, вода и масло, па затоа било најпогодно за сите да се прават мекиците. И останало до ден денес… Во некои краеви мекици се прават веднаш по пораѓајот кај свекорот и свекрвата, а утре дента кај бабата и дедото, а во некои краеви три дена после пораѓајот. Се изнесува сирење, шеќер и мекици, а се носи благо на мекици, за животот да му биде благ на детето.
Тоа вели традицијата, која ние малку ја модифициравме. Сега се прави во ресторани, најчесто како втора свадба и веднаш по пораѓајот. Покрај шеќер и сирење, се почесто се вадат и сувомеснати и млечни производи, салати и сл. И тука мислам дека е најголемата неправда за жените. Често забораваме дека во минатото кога настанала традицијата, жените се пораѓале дома со бабица и без оглед дали мекиците биле првиот или третиот ден од пораѓајот тие биле присутни. Денес се пораѓаат во болници и секако не можат да стигнат првиот ден по пораѓајот, до третиот можеби некако.
Секоја мајка би сакала да е присутна на моментот кога семејството го прославува доаѓањето на новиот член. Се почесто тоа и се случува, бидејќи семејствата одлучуваат да чекаат додека мајката излезе од болница, но не секаде. За жал, сеуште голем дел од мајките седат сами во болничката соба, знаејќи дека целото семејство некаде го слави доаѓањето на новороденчето, новороденче во чие создавање и таа учествувала исто колку и таткото.