Мој став

РепортерКа – Вештините на мајката или што да напишете во биографија

Многу е актуелно во биографиите да ги наведете сите вештини кои сметате дека ги поседувате. И секогаш кога подготвуваме CV размислуваме само за вештините кои сме ги стекнале на работното место. Сепак, доколку сте мајка, треба да размислите во биографијата да ги напишете и следните вештини:

  • Добро менаџирање на време (Good time management) – доказ за ова ви е секое успешно координирање или организирање кој да го земе детето од градинка или училиште; кој да го однесе и земе на вон училишни активности (јазик, спорт, балет и сл.); кој да го однесе и земе од детски роденден, подготовка за училишен базар, 1во априлски маскембал и еден куп други дружби. Може не сте свесни за тоа, ама усогласување на сето ова бара одлични вештини за менаџирање на време
  • Добри комуникациски вештини – доказ за ова ви се сите нови пријателства и релации направени поради другарчињата на детето од градинка или училиште. Сетете се само со колку нови луѓе сте се запознале и комуницирате заради тоа што децата ви учат заедно. Дополнително мора да знаете успешно да се префрлите од објаснување на едноставни теми (одговарање на прашањата на детето) кон комплексни теми (сериозна дискусија со учителката за развојот на детето).
  • Добри презентациски вештини – доказ за ова ви се огромниот број на објаснувања кои му ги давате на детето. Почнувајќи од обичните прашања на најмала возраст (Што е ова?, Што прави ова?, Зошто ова лета? итн) па до математика, биологија, хемија и други предмети за на училиште. И тоа секогаш морало да бидат одлични презентации, бидејќи прашањата нема да престанат ако не се објасниле задоволително.
  • Добри преговарачки вештини – доказ за ова ви се секојдневните преговори за секакви ситници, почнувајќи од тоа дали мора да станам за на училиште, преку сите работи кои може или неможе да ги купите, до каде ќе одите на одмор или колку пати ќе се оди на тренинг. Едни од најсериозните преговарачи се децата, а богами и најупорни. Сетете се само колку пати наутро уште пред да појадувате сте морале да испреговарате барем 2-3 работи.
  • добри истражувачки и аналитички вештини – децата не доаѓаат со упатство за употреба, па секоја мајка треба сама да го направи истражувањето за искуствата на другите , без оглед дали тоа го прави преку другарки, роднини и пријатели или на онлајн форуми и веб страни. Откако ќе ги собере информациите мора да направи анализа што од тоа е применливо за нејзиното дете.
  • посветеност и одговорност – доказ за ова ви е фактот дека не сте избегале од ниеден даден збор, дека мора да сте секогаш тука кога сте потребни (без оглед дали е заради нов заб, болки во стомак, вирус или друштво за сигурност, во 10 наутро или во 3 по полноќ), секогаш се појавувате на време.
  • организациски вештини – сакале или не, сте морале да организирате барем еден пикник, заедничко одење во кино, чување на 4-5 другарчиња наеднаш или слични групни настани. Секој ваков настан дополнително ги зголемил вашите организациски вештини.
  • прилагодливост на промени – оваа вештина сте ја стекнале уште од периодот кога детето било бебе (го менувало времето на спиење, на јадење и сл) и само сте ја развивале со текот на времето (детето ви менувало време на играње, на учење, на гледање телевизија и сл). Едноставниот факт дека сте морале да се прилагодите и вие и вашите обврски на овие различни ситуации ја докажува вашата способност да се прилагодите на различен вид на промени.

Ќе ви набројам уште еден куп вештини за кои сигурна сум дека сами ќе си го најдете објаснувањето, потсетувајќи се што се сте требале да направите додека го раснете вашето дете: решавање проблеми, координација, едукација на други, раљзвој на едукативни програми, внимателно слушање, надзор и мониторинг, давање инструкции, активно учење, собирање информации, донесување на одлуки и придржување кон нив, мултитаскинг, емпатија, советување, истрајност и.т.н