Интервјуа

Ива Матиќ – првата жена пилотка на воен хеликоптер во Македонија

Ива Матиќ е родена во 1988 година во Скопје. Средното образование го завршува во гимназијата “Раде Јовчевски – Корчагин” во 2007 година, а во 2011 година дипломираше на Факултетот за електротехника и информациски технологии на УКИМ, каде во моментов е на магистерски студии. Во 2012 година се пријавува на конкурсот за пилоти за потребите на АРМ, истата година во август ја отпочнува својата обука за пилот на хеликоптер. Во март 2013 година успешно ја завршува обуката за пилот и подоцна истата година стапува во работен однос во Армијата на РМ.
 
Еднакви.мк: Вие сте првата жена пилотка во Република Македонија. Какво е чувството да бидеш предводник на една нова генерација на жени?
Ива Матиќ: Фантастично чувство со голема доза на одговорност. Сепак сакам да истакнам дека сме една поинаква генерација на жени, различна од нашите мајки, самостојни, отворени за светот, храбри  и лесно приспособливи. Така да се надевам дека во блиска иднина нема да ги славиме веќе првите туку дека ќе биде сосема секојдневно да имаме жени на одговорни позиции.
Еднакви.мк: Какви беа предизвиците со кои се соочувавте и како се справувате со нив?
Ива Матиќ: Во текот на селекцијата, која впрочем траеше Iva Matic 3четири месеци, нови и различни предизвици имаше во секоја нејзина фаза. Физички и здравствени проверки , теоретски и на крајот практични тестирања – летови за селекција во воздух. Голем предизвик на кој успеав, заедно со уште тројца момци од вкупно 95 пријавени кандидати, да одговорам позитивно и да влезам во процесот на обука за пилот на хеликоптер. Обуката сама по себе беше уште поголем предизвик, затоа што ако го немавме бараниот напредок можевме да бидеме исфрлени од процесот во било кое време. Во справувањето со секој од предизвиците ме водеше помислата дека мојот сон ќе стане реалност, знаев што сакам, целев кон тоа, беше тешко ама бев упорна, а и нема поголема мотивација од тоа секој ден да бидете високо на небото, слободни…like a bird 🙂
Еднакви.мк: Што, според Вас, е пресудно за добро балансирање на приватниот и професионалниот живот?
Ива Матиќ: Професијата воен пилот одзема време и надвор од 8-те часа од понеделник до петок, така да пред се треба да се биде посветен и одговорен на професионален план, а за тоа покрај мојата “жртва” потребна е и поддршка и разбирање од најблиските, која секако ја имам. Самата професија е и прилично стресна, па во слободно време не испуштам можност за спортување  и релаксација.
Еднакви.мк: Што, според Вас, е потребно за да се успее во професии каде ретко се среќаваат жени?
Ива Матиќ: Храброст и упорност. Во Македонија, за жал, сеуште има “машки” и “женски” професии, бидејќи генерално такво е воспитувањето кај нас. Моите родители имаат голем придонес во тоа што сIva Matic 5ум јас денес, бидејќи нивните ставови, мотивација, и поддршка беа отворени, не конзервативни, и  секогаш беше: “Ива, можеш ти” наместо “Остави тоа е машка работа”.
Еднакви.мк: Што би им порачале на младите жени, кои сеуште не стигнале до својата цел?
Ива Матиќ: Бидете истрајни, посветени, храбри, затоа што така ќе стигнеме до поставената цел и еднаквоста. Имам многу примери околу мене на самохрани мајки, амбициозни жени, успешни пријателки кои во исто време се и силни и способни лидери, така да најдете го тоа во себе и чекорете само напред и нагоре..to the sky 🙂
За крај Ви благодарам за поканата и една порака до сите родители, воспитувајте ги вашите најмили подеднакво, без розевата боја е за девојчиња, а сината за момчиња.