Мој став

РепортерКа – Дали навистина е до мажите?

Некако во последно време многу актуелно е да се окривуваат мажите дека не им дозволувале еднаквост на жените, ги спречувале да напредуваат во бизнисот, во политиката итн. Но дали е така?
Општеството има развиени стереотипи кои ги спречуваат жените да напредуваат или во најмала рака им го прават патот до успехот потежок. Но ај да збориме реално кој ги развива тие стереотипи. Според мене тие почнуваат уште кога гинекологот ќе го извади бебето и ќе каже „женско е“. Веднаш се размислува за розево креветче, розеви и црвени шпинкозли, шнолички и капчиња со цветчиња итн. (Додуше во денешно време тоа почнува уште кога на првото соопштување какво дете носи мајката). Истот се прави и за машките деца. И знаете кој најчесто ги форсира таквите стереотипи? За жал, мајката.
Тоа продолжува и во текот на детството. Ние, жените, ги учиме децата дека девојчињата се мирни и послушни, а машките бесни и бунтовни, дека девојчињата не смеат да не знаат да готват, а момчињата не треба да плачат. И еден куп вакви слични стереотипи (можете и да ме потсетите на некој), кои за жал највеќе ние жените им ги пренесуваме. И потоа одиме по состаноци и конференции на кои бараме поголема еднаквост меѓу мажите и жените.
И тоа продолжува во средно училиште, на факултет и на работното место. Мојот впечаток е дека ние жените успеваме толку добро да иссмееме друга жена, што дури и мажите ни завидуваат на инвентивноста. За време на школувањето одлични сме да им најдеме маани на другите девојчиња, само за да ние бидеме поинтересни кај другите. На работното место (без оглед дали е приватна фирма или јавна институција) нема женска солидарност, туку женско лактање, се разбира само затоа што сме и ние свесни дека полесно е да избуткаш жена од некое место отколку маж. Истото е со жените во политиката или жените во бизнисот. Таму многу полесно жените им лепат етикети на други жени отколку што тоа го прават мажите. А не дај боже па една жена да излезе да брани друга, тука тргаме од позицијата „гарант си го барала, мене не може да ми се случи тоа“. И после кога ќе ни се случи, се чудиме зошто никој не не брани.
Затоа, да не должам, мислам дека е крајно време да престанеме да бараме виновници во мажите и да почнеме да работиме да се менуваме себеси. Да се обидеме да и помогнеме барем на една жена што е во наша близина, без оглед дали почнува со бизнис, се обидува да успее во политика, добила тешка задача на работа или само и треба некој да и го причува детето за да заврши некоја работа. Кога ќе почнеме ние да правиме сами за себе повеќе, тогаш ќе можеме со право да ги напаѓаме мажите.