Центарот за истражувања и креирање политики, со поддршка на Град Скопје спроведе истражување на тема „Средношколците и природните науки: анализа на ставовите и перцепциите од родов аспект“.
Дел од резултатите на анализата се следните:
- Нема позначајни родови разлики во најголем дел на ставовите во врска со математиката. Нешто повеќе од половината ученици (55.6%) изјавиле дека сакаат математика, додека 43.7% дека се чувствуваат нервозно кога решаваат задачи по математика и 45% сметаат дека не се надарени за математика.
- Родовите разлики се делумно изразени во прашањата со кои се испитува самодовербата во врска со способностите по математика. Конкретно, кај повеќето од половина од учениците постои загриженост од добивање на слаби оцени по математика, таа е нешто поизразена кај ученичките, од кои 61% изразуваат анксиозност во поглед на можноста да добијат слаби оцени, во споредба со 54% од учениците, иако разликата не е статистички значајна. Дополнително, поголем број од машките ученици (43.7%), во споредба со женските (33.8%) изјавиле дека на часовите по математика ги разбираат и најтешките проблеми.
- Родовите разлики се најмногу нагласени во поглед на ставовите за информатиката. Конкретно, иако 60% од сите анкетирани ученици изјавиле дека сакаат информатика, најголем број (76.4%) од нив се машки, додека 46.8% се женски. Согласно овој став – за 80% од средношколците работата на компјутер е една од нивните омилени активности, во споредба со 60.7% од средношколките.
- Постојат умерени разлики помеѓу учениците од двата пола во врска со ставовите за физиката. Помалку од половина од учениците (46.2%) изјавиле дека сакаат физика и речиси ист број се чувствуваат нервозно кога учат физика. Повеќе од половина од испитаните средношколци сметаат дека знаењето по предметот ќе им биде корисно понатаму во животот. Сепак, додека за половина од девојките работите кои ги учат по физика се интересни, овој став го делат 60% од момчињата, иако разликата не е статистички значајна
Анализата беше презентирана на настанот „Инспирирај за компјутерска иднина“, кој се одржа денес и во текот на кој за првпат се користеше и интернет алатка за вклучување на јавноста при креирање на јавни политика преку Facebook страната на Град Скопје.
Најнови коментари