Вести, Интервјуа

„Мене секогаш може да ме гушнеш“ е книга за љубовта кон себе

Да пишуваш за децата е како да го имаш најстрогиот и воедно најлесниот критичар покрај себе. Најстрогиот затоа што тоа бара внимателно избрани зборови кои ќе бидат соодветни за нивната возраст, а најлесниот заради радоста со која тие се врзуваат за книгата. Тоа другарување со книгата, на почетокот со сликовници, а подоцна и со текстот, треба да започне уште од најраната возраст на децата. Тие преку книгата учат, осознаваат, спознаваат и споделуваат емоции. Во последно време и македонската детска литература може да се пофали со нови дела, а од неодамна и со книгата „Мене секогаш може да ме гушнеш“, првенче на авторката Маја Стефков. Со неа разговаравме за целиот проект, од замисла до реализација и кои се нејзините очекувања за прифаќање на книгата од страна на децата. Книгата за прв пат ќе биде промовирана на штандот на издавачката куќа ПНВ Публикации, на претстојниот Саем на книга, што ќе се одржи од 18 до 24 април, во арената „Борис Трајковски“.

Се ближи еден од најпосетените Саеми на книга кај нас. Таму читателите ќе имаат прилика да ја видат за прв пат и Вашата книга „Мене секогаш може да ме гушнеш“. Може ли накратко да објасните за што станува збор во книгата?

„Мене секогаш може да ме гушнеш“ е книга наменета за деца кои веќе знаат сами да читаат. Богата е со илустрации, доволно да ги задржат детската љубопитност и внимание до самиот крај. Илустрациите ги подготви креативната Мирјана Бубевска, со која доста внимателно работевме. Инаку, темата на книгата е љубовта кон себе, која е мошне важна за детскиот развој и која може да му помогне на детето да ги надмине сите тешки моменти со кои се соочува. Таа раскажува за животот на Марко, кој благодарение на таа љубов, повторно е среќно и насмеано дете.

Дали за време на саемот се планира официјална промоција?

Официјалната промоција ќе ја оставиме за понатаму, но тоа не значи дека нема да се видиме за време на Саемот. Ќе бидеме таму и ќе се дружиме со најмалата публика. Се надевам дека покрај возрасната публика, која е многубројна, ќе им помогнеме и на децата да одберат нешто за себе и ќе им создадеме убави навики за читање. Па покрај љубовта кон себе, ќе ја имаат и љубовта кон книгата.

Од каде идејата и мотивацијата токму за ваква тема?

Идејата произлезе од еден дијалог со мојата постара ќерка, која тогаш имаше 9 години. На таа возраст децата стануваат се повеќе самостојни и веќе родителот не може да ги држи под своја заштита како порано. Па одеднаш се соочуваат со свет кој не им е познат, со релации со другарчињата кои ги повредуваат, па и со различни семејни приказни, кои будат нови емоции кај децата, а тие не можат да се справат со нив. Сосема неочекувано, мојата ќерка ме научи мене дека прво мора да се сакаш себеси, за да можеш да ги сакаш другите. Велам неочекувано, затоа што мислев дека е моја работа како родител, особено на таа возраст, јас да ја учам ќерка ми за вредностите во животот.

Колку време и какви ангажмани беа потребни до моментот на издавање на книгата?

Кога ја пишував книгата, јас само ги пренесов емоциите кои ги почувствував од разговорот со ќерка ми. И материјалот стоеше подолго време како идеја. Во меѓувреме стапив во контакт со луѓето од ПНВ публикации, на кои им се допадна идејата и ми помогнаа да ја реализирам. Реализацијата на целиот проект траеше подолго време. Но, не сакав ниту јас да брзам, затоа што мислам дека креирањето на било каков материјал за децата, треба да е внимателен процес, бидејќи тоа е работа со особено чувствителна публика. Со илустраторката Мирјана се споивме сосема случајно и мислам дека завршивме одлична работа. Книгата ќе биде преведена и на англиски јазик, па така ќе биде достапна и глобално. Се надевам дека книгата ќе ги поттикне децата да размислуваат на темата, да го откријат тоа чувство кон себе и во него ќе гледаат решение за надминување на различните потешкотии.

Што Ви се плановите за во иднина? Дали да очекуваме нови изданија?

Јас веќе имам нови идеи. Почнувам да правам планови и за нив, но прво да видиме како децата ќе ја прифатат „Мене секогаш може да ме гушнеш“, па потоа ќе се посветам на нив. 

Љубовта кон пишувањето ја негувам од најмалата возраст, но тој материјал останувал за мене. Морам да признаам и дека не сум творела како детски автор. Сега како родител и одблиску ги доживувам тие чувства и емоции и тоа уште повеќе ме инспирира да создавам за децата. Со издавањето на ова мое прво дело, се охрабрив, па мојата лична архива сакам да ја збогатам, не само со напишани, туку и со издадени дела.