Реактор-истражување во акција денес одржа прес конференција на која беше презентирана анализата на изборните програми на политичките партии од родов аспект и нивните позиции во однос на економското, социјалното и политичкото унапредување на жените.
На прес конференцијата се обрати Дамјан Здравев-Претседател на Реактор-Истражување во акција, додека наодите од анализата ги презентираше Снешка Илиќ, истражувачка во Реактор.
Република Македонија бележи континуираното влошување на позицијата на жените, нотирано во важни меѓународни извештаи, вклучувајќи го Извештајот за напредок на Европска Комисија и во таа насока анализата дава преглед на тоа колку од специфичните потреби на жените, како и проблемите со кои се соочуваат се земени предвид и адресирани во изборните програми на политичките партии и коалиции.
Родовата анализа на програмите на политичките партии за предвремените парламентари избори за 2016 година е направена со цел да се процени дали и во колкава мера е земена предвид родовата перспектива при изготвување на програмите и да им понуди на политичките партии насоки за сеопфатно вклучување на родовиот аспект во нивните идни програми и политики.
Предмет на анализата беа следните политички партии: ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Либерална Партија, Демократски Сојуз, Левица, Движење Беса и Унитети. Програмите на ВМРО за Македонија, ДПА и ПДП не беа предмет на анализа бидејќи не беа јавно достапни а во контакт со партиите не бевме во можност да ги добиеме.
СУМАРНИ НАОДИ
- Од анализираните програми, СДСМ и ДУИ се партии кои во споредба со останатите партии во поголема мера го вклучиле родовиот аспект во нивните програми. Програмите на овие две партии предлагаат мерки за економско зајакнување на жените, справување со насилството врз жените и поголема вклученост на жените во носење на одлуки, но имаат и различни аспекти кои се опфатени во програмите. ДУИ, на пример, предлагаат мерки со кои ќе им се обезбеди на жените еднаков пристап до наследство, како и воведување на родови студии на приватните и државните универзитети. Програмата на СДСМ системски го адресира унапредувањето на родовата еднаквост и посветува најголем број на мерки наменети за унапредување на родовата еднаквост, како што е вклучување на родовиот аспект во политиките на локално и национално ниво, воведување на родово сензитивен јазик во училиштата и справување со родовите стереотипи во образованието. Програмата на СДСМ предвидува унапредување на институционалните механизми за родова еднаквост преку воведување на Секретаријат за родова еднаквост при Влада на Република Македонија кој ќе се грижи за вклучување на родовата перспектива во креирањето на политиките и буџетите на национално и локално ниво.
- ВМРО – ДПМНЕ во помала го вклучува родовиот концеп во предлог мерките. Од вкупно 17 области само во 4 се споменуваат жените. Во програмата не постојат мерки за зголемување на учеството на жените во донесување на одлуки на сите нивоа, ниту мерки за унапредување на сексуалните и репродуктивни права на жените. Родовиот аспект е делумно предвиден во мерките за економија, еднаквите можности, образование и здравство, но овие мерки не се доволно развиени за да имаат ефект и суштинско унапредување на родовата еднаквост.
- Кај помалите политички партии, Левица најмногу се осврнува на правата на жените работнички, Либерална партија ги идентификува жените како еднакви чинители во општеството и се осврнува на нивните сексуални и репродуктивни права, додека Демократски Сојуз во својата програма се осврнува само на учеството на жените во процесите на одлучување. Во програмата на Движењето Беса, родовиот концепт речиси воопшто не е застапен, додека пак кај УНИТЕТИ родовиот дел на програмата повеќе наликува на декларација за генерална поддршка на концептот за родова еднаквост кој ќе се реализра преку: вклучување на жените во сите сфери на општеството преку образование, справување со дискриминацијата и предрасудите, вклучување во политиката и одлучуваките структури, поддршка на женско претприемништво. Во програмата не постојат конкретни мерки за постигнување на овие цели.
- Од анализата може да се увиди понапредна застапеност на родовата перспектива во програмите на политичките партии кои инвестирале во градење на нивните капцитети за унапредување на родовата еднаквост преку учество на обуки и работилници за родова еднаквост, во споредба со партиите кои во помала мера биле вклучени во родови обуки. Ова покажува дека инвестирање во градење на капацитетите на партиите во однос на родовата еднаквост има ефект. Обуките за родова еднаквост на политичките партии треба да продолжат и да вклучуваат поголем број на мажи.
- Од вкупно 58 поднесени кандидатски листи само на четири листи се носителки жени. Од поднесените лист може да се заклучи дека голем број на жени кои биле дел од проекти и обуки за јакнење на капацитетите на жените политичарки овој пат не се ставени на кандидатските листи. Носителките на кандидатските листи се од СДСМ, Либералната партија, Левица и Демократски Сојуз. Иако законската квота се почитува, на најголем дел од листите жените се сепак изоставени од добитните места и во најголема мера се ставаат стриктно според одредбите во Изборниот законик (3,6,9 и 10 место).
- Од вкупно 9 програми предмет на оваа анализа, само во две програми делумно се користи родово сензитивен јазик (Левица и Либерална партија) додека пак другите програми не користат родово сензитивен јазик.
- Декларација за ратификување на Истанбулската конвенција изготвена од страна на Националната Мрежа Против Насилство врз Жените и Семејното Насилство, со која партиите се залагаат дека доколку дојдат на власт ќе ја ратификуваат конвенцијата е поддржана и потпишана од страна на: Левица, СДСМ, Демократски Сојуз, Либерална Партија и Движење Беса и Унитети. Декларацијата не е потпишана од страна на ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ што е загрижувачки фактор, земајќи предвид што во моментов овие две политички партии се во составот на Владата на Република Македонија.
Декларација за измена на Законот за прекинување на бременоста и обезбедување заштита на здравјето и на репродуктивните права на жената, изготвена од страна на Платформата за родова еднаквост со која партиите се залагаат дека доколку дојдат на власт ќе ги променат рестриктивните одредби во законот со цел слободен избор и пристап до безбеден абортус е потпишана од страна на партиите кои се цел на оваа анализа: Левица, СДСМ и Либералната Партија. ВМРО – ДПМНЕ, ДУИ, Демократски Сојуз, Движењето Беса и Унитети ја немаат потпишано оваа декларација.
Најнови коментари