Интервјуа

Лилјана Дамовска – Главна и одговорна уредничка на ТЕА МОДЕРНА

Еднакви.мк: Вие сте уредничка на неделникот „ТЕА модерна“. Што ја прави „ТЕА модерна“ различна од другите неделници на пазарот?

Лилјана Дамовска: Првичниот концепт на „ТЕА модерна“ е создаден пред 18 години и во него стои дека „ТЕА модерна“ е списание за паметни и модерни жени и за нивните семејства, што пак остава широк простор за креативна слобода на членовите на редакцијата. Сепак, основниот концепт на списанието, наменето за унапредување на животот, до денеска е истиот иако континуирано е надградуван во зависност од актуелните општествено-социјални состојби во земјата, односно од амбиентот во кој живее и работи жената, а кој неминовно треба и мора да биде новинарски апсолвиран, во стилот на магазинот. Различноста од некои други магазини е во изборот и во пристапот на обработка на темите (темелно и аналитично со соодветни соговорници, со споредбени анализи со регионот и светот), потоа  во изборот на личностите за соговорници, но и во просторот кој се отстапува за да се

????????????????????????????????????

презентираат нивните идеи, согледби, замисли, критики на значајни прашања кои ја засегаат не само жената. Сето тоа пак, произлегува од професионално-новинарски пристап на обработка на текстовите објавени во магазинот, кој речиси две децении е искрено верен пријател на модерната жена.

Еднакви.мк: Во последниот број на „ТЕА модерна“ беше објавена листа на 55 влијателни жени во Република Македонија, за која имаше различни реакции на социјалните мрежи. Кој Ви беше пристапот при креирање на листата?

Лилјана Дамовска: Изборот на 55 влијателни жени редакцијата го смета како ронка внимание спрема  жените (бизнисменки кои раководат со големи компании, нутриционистки кои го подобруваат квалитетот на животот, лекарки кои се вложуваат себеси во подобрувањето на здравјето на пациентите, уметници од сите дејности кои направиле значаен исчекор од просечноста, итн. итн.) кои успеaле со својата работа  квалитативно да го подобрат животот на други, на различни начини, да предничат во заложбите преминувајќи ја границата на професионален успех. Тоа се жени кои во текот на годината се таргет- интерес  на „ТЕА модерна“ имајќи предвид со што се занимаваат. Политичарки во изборот оваа година немаше, не затоа што тие не влијаеjа на нашите животи. Напротив политиката многу влијаеше на нашите животи, ама негативно.

Инаку, со секој избор од тој на локална убавица до изборот на добитник на Нобелова награда, имало и ќе има некој што на некого не му е по ќеф. Изборот не е трка на 100 метри, па да го соопштиме победникот.

А, освен забелешки зошто некоја жена е во изборот, јас по социјалните мрежи не прочитав предлог од некоја жена за друга. Тие што се во изборот – се постираат, тие што ги нема – бараат влакно.  Еден мал избор, а вистинска слика на амбиентот во државата…

Еднакви.мк: Авторка сте на книгата „Светска женска“, издадена во 2015 година, во која се собрани повеќе од 80 поединечни текстови од Ваши колумни и есеи. Што Ве мотивираше да ја издадете оваа книга?

Лилјана Дамовска: Тоа не беше моја инцијатива. Не сум човек што со ножички ќе ја сече својата прва објава, ќе собира интервјуа или пак ќе сака да е сеприсутен.  Иницијативата дојде од издавачот, од Матица македонска, но и од некои писатели кои сметаа дека колумните кои со години излегуваа во „Дневник“, во кој бев од првиот број и бев уредник , даваат слика за културните околности во државата во периодот во кој се објавувани. Ова го кажаа промоторите, писателот Гоце Смилевски и актерката Лабина Митевска. Се разбира, драго ми е што тоа се случи, што книгата се издаде.  Наскоро од печат треба да излезе книгата „Културната политика на Република  Македонија  2000-2010 година”, односно анализа на културните приоритети на државата во тој период. Многу работа, многу податоци собрани во книга. Подолго време пишувам роман сага кој сакам да го завршам. Е тој особено ме радува, тој е најмногу јас.

Еднакви.мк: Долги години сте во новинарството, кое секако не е лесна професија. Дали сметате дека новинарството е една од професиите во кои е потешко да си жена? Дали сте имале моменти или ситуации во кои сте биле дискриминирани како жена?

Лилјана Дамовска: Новинарството е исклучително тешка професија ако се работи професионално. Бара ментална кондиција, иако критериумите сега се поинакви од тие на мојата генерација. Жена или маж, апсолутно е неважно. Стандардите во новинарството ги нарушија????????????????????????????????????

оние на кои новинарството им стана алатка за добра живејачка или, пак, интермецо додека не ја најдат работата што ја бараат. Професионалното новинарството е голема уметност, бара исклучителна креативност (не е битно дали сте новинар кој следи политика, култура или економија), знаење, писменост, хуманост, елоквентност, како и достоинство и почит кон себе и кон другиот.

Во сиве овие години новинарство не сум доживеала  „чисти“ моменти на дискриминација, повеќе ситуации како „ова не е за тебе“, иако имало обиди од високо позиционирани личности за претенциозна манипулација со нивниот авторитет. Тоа беа само обиди и тоа во периодот на почетоците во новинарството. Факт е, не познавам новинарска куќа која и на брилијантниот новинарски талент ќе му понуди постојан работен однос, во период на бременост.

Еднакви.мк: Имајќи предвид дека сте успешна во професијата, а воедно и мајка и баба, што би им порачале на младите жени кои сакаат да имаат и професионален и приватен живот и се борат да воспостават баланс меѓу нив?

Лилјана Дамовска: Успешните луѓе балансот најпрво го создаваат во себе, со семејството, па потоа и во професијата. Тоа не значи дека тој процес не може паралелно да тече во сите сфери. Јас верувам дека тој што мошне добро го бидува во тоа што го работи, без разлика што е тоа, го бидува и по дома, и со своите деца и со колегите. Најважната работа е да сакаш. Да сакаш да ја работиш работата чесно и достоинствено, да вложуваш во себе, да сакаш да ги сакаш домашните, а тие да знаат дека секогаш си тука за нив. Умните жени се среќни со својата работа и имаат среќни семејства. Ништо многу сложено. Единствено за што замерувам е времето – премалку ми е колку што сакам да бидам со мојот внук.