Вести

Здружение на бизнис жени по повод предлогот за продолжување на породилното отсуство

Во продолжение во целост го пренесуваме соопштението на Здружението на бизнис жени:
На ден 12.06.2017 година Здружението на бизнис жени одржа состанок на актуелната тема за продолжување на породилното отсуство. Како бизнис жени и како жени пред се, да се дискутира и да излезат со заеднички усогласен став, како реакција на предлог законската измена. Според членките на Здружението на бизнис жени, потребно е да се работи на проблемот за зголемување на наталитетот, грижата за семејствата и слични теми, но притоа треба да се води сметка и да се земат во предвив сите засегнати страни како и сите влијанија кои ке се добијат од иницијативата.
Кога се работи на вакви теми, треба да се разгледаат финансиските, макро и микро економските показатели, кои ке бидат бенефитите и губитоците на подолг рок, за кого се наменети овие промени и како ке влијаат на другите засегнати страни. Здружението на бизнис жени смета дека со зголемувањето на породилното отсуство може да има негативни импликации и да го уназади процесот на активно вклучување на жените на пазарот на трудот, ќе го зголеми постоечкиот дисбаланс во однос на вработени мажи/жени и родовиот јаз во платите, како и ќе ја намали амбицијата на жената кариерно да напредува и економски да јакне.
Секако, како жени, ја разбираме загриженоста и потребата да се биде повеќе со сопственото новороденче, но за тоа би требало да се најдат поволни решенија со кои ке бидат задоволени сите засегнати страни.
Од страна на членките на Здружението на бизнис жени, беа дадени повеќе иницијативи и предлози, како можни решенија:
– зголемување на бројот на градинките и прифатниот број на деца по градинка, но секако и со зголемување на персоналот и стручниот кадар, како и квалитетот на нега и згрижување, што ќе ја зголеми довербата кај родителите, посебно кај мајките дека децата им се сигурни и соодветно згрижени;
– стимулирање на користење на родителското отсуство и кај мажите/татковците и надминување на стереотипите по тоа прашање;
– воведување на флексибилно работно време и помал број на работни часови, во договор со работодавачот, за мајки со деца до 3 години, но со отворање на можноста и за минимален работен ангажман (наколку часа неделно) или работа од дома (за ИТ секторот или каде што е применливо), дури и во првите 9 месеци, без последица да се изгуби правото за надоместок при породилно отсуство;
– субвенционирање на трошокот за згрижување деца, каде што е потребно и оправдано (социјално
ранливи семејства, еднородителски семејства, семејства со 3 и повеќе деца);
– запознавање за можностите кои постојат, како мерката на МТСП со ваучерски систем за чување на деца до 6 годишна возраст, при што дел од сумата ја покрива државата, а останатиот дел си го плаќаат родителите, или ЕУ твининг проектот Alternative Child Care Services и др.;
– запознавање и на пошироката јавност, со предочување на можностите и предностите за започнување на социјално претприемништво или јавно-приватно партнерство, во пресрет на
потребите и во согласност со бараните стандарди.
Со таа цел, стоиме на располагање да бидеме вклучени во јавните расправи и дебати кои ќе следат, затоа што само со добро испланираани и согледани состојби можеме да направиме позитивни промени.