Мој став

Секојдневни Хероини – Светлана Петковска

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени кои се жртвуваат секојдневно за среќата на луѓето околу неа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои никој не ги забележува ниту им дава простор да се искажат, а и те како го заслужуваат. Денес разговараме со Светлана Петковска.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Светлана Петковска: Во живот од 56 години, сигурно дека никој нема да посочи само еден момент, туку неколку. Кај мене се моментите кога:

а) за другарки секогаш одбирав попаметни од мене, од кои можев да учам.

б) Во моментот кога сватив дека средното образование кое го запишав (гимназија Мирче Ацев“ во Прилеп, не е доволно инспиративно за мене, на половина пат, заминав во друго средно образование во Битола

в) еден од најголемите учители во животот (можеби и пресвртница) ми беше членството во Сојузот на електротехнички факултети на Југославија, кога научив како да се организирам, како да станувам лидер и како да ги почитувам поинаквите од мене.

г) на 49 години решив да ја напуштам работата (сигурна работа како проектен менаџер во ЕВН) и да запливам во „несигурните“ води на граѓанскиот сектор, официјално како корисник на фамилијарна пензија, која беше во висина од 1/3 од мојата плата. Кога сите мислеа дека „ке умрам за леб“, јас знаев дека ке живеам како јас што сакам.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е најпотребно на жените во Македонија?

Светлана Петковска: На жените во РМ им е потребна ГОЛЕМА едукација (на секое поле), излегување од поставените оквири и поттикнување да прават она што мислат дека најдобро го можат и знаат. Едукација во секој смисол.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому и кому?

Светлана Петковска: Дебело верувај во себе. Да си веруваме еден со друг. Верувај ми!!

Еднакви.мк: Што би им порачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Светлана Петковска: Никој ништо не може да направи за нас, ако ние сами не си направиме. Тоа сум го почуствувала на своја кожа. Одлучувачите нека се грижат за себе, тие се минливи и менливи

Еднакви.мк: Што би им порачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Светлана Петковска: Бидете мудри, бидете свои, бидете добри. Само така ќе одите напред, а тие зад вас ќе веруваат во вас.