Мој став

Секојдневни Хероини – Кристина Пеповска

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Кристина Пеповска.

 

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Кристина Пеповска: Не би можела да одвојам конкретен момент којшто бил пресвртна точка во мојот живот, но сметам дека одредени одлуки му дадоа поинаков тек. Се соочив со различни предизвици и на приватен и на професионален план. Особено тешко беше да се вработам според професијата, имајќи ги предвид општествените случувања. Сепак, не се откажував да го работам тоа што ме исполнува. Инаку, по професија сум професор по англиски јазик и книжевност и имав можност да предавам во училиште. Но, не можев да останам нем набљудувач на работите кои се случуваа во нашата земја изминатите години. Затоа решив предавањето англиски јазик на млади луѓе да го ставам во „втор план“ и поактивно да влезам во општествено-политичкиот живот за да дадам свој придонес во менувањето на погрешно поставените работи во општеството. Имав среќа да бидам на одредени позиции кои ми дадоа директен увид во институционалните недостатоци, секојдневните егзистенцијални проблеми и реални потреби на нашите сограѓани. Тоа не значи дека се откажувам од професијата; напротив, си зададов нова мисија која вклучува партиско-политички ангажман со цел да направам промени во општеството.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е најпотребно на жените во Македонија?

Кристина Пеповска: Мислам дека на жените им треба истрајност. Храброста и одлучноста не им се непознати кога сакаат нешто да остварат. Но, понекогаш, поради сплет на околности не можат да го реализираат она што го сакаат. Многу често не наидуваат на поддршка, се соочуваат со препреки, па затоа и се откажуваат. Токму во тие моменти треба да се упорни, бидејќи силната волја да се успее во она што се сака е движечка сила и таа нѐ прави истрајни во намерите.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Кристина Пеповска: Кога им давам совет на блиските и пријателите, тоа е најчесто совет што си го давам себеси. Верувам во она дека сѐ се случува со причина, дека постои баланс помеѓу енергиите, дека подемите и падовите се неизбежен дел од нашето постоење. Животното искуство нѐ дефинира нас, нашето однесување и нашиот стремеж. Независно од моментите, треба да останеме истрајни, храбри, одлучни, упорени, посветени и трпеливи. Бидејќи кога нешто навистина и од срце посакуваме, тоа ќе си го најде својот пат да се оствари.

Еднакви.мк: Што би им порачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Кристина Пеповска: Одлучувачите, независно дали се мажи или жени, треба да им дадат повеќе простор на жените во општеството. Не треба ништо да сторат за нив; жените самите знаат и умеат да направат нешто. Жените можат да ги препознаат моментите и да направат пресврт. Затоа што имаат визија и идеја, но немаат простор каде да го покажат тоа. Значи, повеќе простор за жените во општеството, особено во политиката.

Еднакви.мк: Што би им порачале на младите жени кои сè уште се несигурни во себе?

Кристина Пеповска: Несигурноста не е својствена само за младите жени. Дури и повозрасни и искусни жени, во дадени ситуации, може да покажат извесна несигурност. Тоа не значи дека несигурноста е одлика на жените, воопшто. Самодовербата е таа која треба да нѐ води, затоа што кога веруваш во нешто, правиш тоа да се случи.