Вести

Дали треба на интервју да прашуваат за претходни плати?

     Ајлин Ризо обучувајќи професори по математика во јавните училишта во Фресно, Калифорнија дошла до заклучок дека нејзините колеги мажи се значително повеќе платени од неа за истите работни обврски. Барајќи одговор дошла до сознание дека главна улога за таквата нееднаквост игра платата која таа ја земала на претходните работни места што била помала од таа на колегите. Врз основа на нејзина тужба до Апелациониот Суд, во април оваа година судот донел одлука во нејзина полза, велејќи дека претходната плата не може да се искористи за да се оправда разликата во платите помеѓу вработените мажи и жени. Тоа е знак дека со ова се прават обиди за намалување на разликата во платите во однос на половите. Неколку држави, градови и компании во САД неодамна забранија да се прашува за историјата на платата. Тука се вклучуваат Масачусетс, Калифорнија, Њујорк и Чикаго, како и Амазон, Гугл и Старбакс.

     Жените продолжуваат да заработуваат помалку од мажите, поради различни причини. Дискриминацијата е една, покажува истражувањето. Жените исто така се сметаат подобни да работат на работни места со пониски плати како што се оние во јавниот сервис, нега и непрофитниот сектор – но и да земаат отсуство за децата. Работодавците често ја засноваат почетната плата на нечија претходна заработувачка, така што за секоја работа, родовиот јаз (родовата нееднаквост) во платите продолжува и станува навидум невозможно за жените да се израмнат со мажите.

     Некои експерти препорачуваат кандидатите да најдат начини за учтиво одвраќање, иако одбивањето да се одговори на прашањето за интервју може да биде ризично. Апликантите би можеле да го преформулираат прашањето назад кон работодавецот и да прашаат во кој опсег се движи платата или колкава била истата на претходниот вработен на таа позиција. Би можеле да кажат нешто како: “Сакам прво да научам повеќе за работата, за да имам подобра перцепција за мојата плата”. Или едноставно да се објасни на работодавецот дека информациите од таков карактер можат да доведат до родова нееднаквост во однос на формирање на платата.

     Забраната за прашување за историја на платата може да има и многу други позитивни придобивки. Може да се отвори поширок спектар во изборот на кандидати. На неодамнешно истражување спроведено на интернет каде половина од работодавците можеле да ја видат историјата на платите, а половина не, се покажало дека тие работодавци кои не ја гледале историјата на плата, разгледале повеќе апликации и поканиле повеќе апликанти на разговор. Дел од кандидатите имале историја на ниски плати, но бидејќи работодавците не биле запознаени со тоа тие постигнале подобри договори во однос на преговорите.

     Забраната за историја на платите е премногу нова за истражувачите да ги проучуваат ефектите поопширно. Но, други истражувања покажаа дека луѓето се под влијание на првичната понуда. Ова значи дека ако работодавците ја знаат претходната плата на апликантот и е пониска или повисока отколку што планираат да понудат, веројатно истата ќе влијае на нивната понуда.