Интервјуа

Весна Попоска – бунтовничка со причина

Весна Попоска (1988) е позната како бунтовничка со причина.

Дипломирала и магистрирала на правниот факултет во Скопје,  како една од најдобрите студентки на катедрата за меѓународно право во својата генерација. Во моментов се подготвува за одбрана на докторска дисертација на Воената академија, бидејќи нејзин фокус на истражување е допирот на правото со безбедноста. Од друга страна, работи како генерален секретар на најамбициозната приватна високообразовна установа во земјата- Меѓународниот Универзитет ВИЗИОН, од самото негово основање. Таа е дел од дата базата на експертки.мк . За професионалните и личните предизвици искуства, разговараме со неа денес.

Еднакви.мк: Весна, луѓето те препознаваат на повеќе начини: како феминистка, граѓански активист од протестите на шарената револуција и студентскиот пленум, како експерт за безбедносна и меѓународна политика и поддржувач на преспанкиот договор, како генерален секретар и борец за унапредување на автономијата на Универзитетите, но и како сестра на Кика- дете со аутизам. Како ти се препознаваш себе си?

Весна Попоска: Сите наши идентитети се нераскинлив дел од единствениот и се поддржуваат еден со друг, односно се конвергентни. Ако сте активист, сте активист за се. Јас по природа не трпам неправди, нити нефункционалности на системот. Сметам дека имаме обврска светот околу нас да го оставиме како подобро место отколку кога сме го затекнале, и тоа се рефлектира на повеќе нивоа. Веројатно последно споменатата улога- сестра на Кика, е „виновникот“ за сите други. За жал живееме во општетсво во кое секој што е поразличен тешко се вклопува, па така, во обид да постигнам промени за сите кои не можат да се борат за себе, таа битка се префрли на повеќе фронтови.


Еднакви.мк: Дали токму тоа е причината што наместо да заминеш во странство остана тука?

Весна Попоска: Да, токму така. Лично сметам дека најлесно е да избегаш од проблемите, а многу потешко да останеш и да се бориш и да придонесеш и тука работите да бидат подобри. Ако си заминеме сите, може да биде само полошо. Не дека не сум размислувала на темата- имав неколку сериозни понуди, но некако на крајот претежнуваше ставот дека „ вистински генерали не бегаат од битка“. Имав и одличен пример за тоа во моите родители- и двајцата живеат во истиот дух.


Еднакви.мк:Од каде правник „во љубов “ со проучување на сериозни безбедносни прашања како што се борба со тероризам и заштита на критична инфраструктура.

Весна Попоска: Правото е жива материја и секогаш треба да се проучува неговата развојна компонента. Тоа не живее само во книгите и судниците, туку многу повеќе во општествените појави. Да го парафразирам Радбрух- целта на правото е личноста, а на правната сигурност да овозможи развој и просперитет. Тероризмот ги напаѓа не само објектите, туку многу повеќе вредностите кои тие ги претставуваат – либералните вредности на кои се темели западната цивилизација. Затоа, предизвикот да се постигне балансот помеѓу слободата и безбедноста ќе биде  во блиска иднина уште посериозен предмет на истражување.  За мене, феминизмот е една од најдобрите алатки за борва со тероризмот токму од аспект на заштита на вредностите. Во врска со кривичната инфраструктура која станува објект на заштита во новиот контекст и во таа смисла одразува вредност, Советот за безбедност на  ООН пред само две години ја донесе првата резолуција во таа насока, што значи дека она што го истражувам јас во моментот е предмет на глобален интерес. 


Еднакви.мк: Како би го опишала искуството да се биде дел од создавањето на еден универзитет, особено што твојата институција е значајна во контекст на остварување на малцинските права?

Весна Попоска: Некој помудар од мене кажал дека да се создаде Универзитет е потешко отколку да изгради држава, и веројатно бил во право. Да се биде дел од една таква приказна беше огромен предизвик- доволно провокативен да биде прифатен, иако никогаш претходно не сум мислела дека ќе се занимавам со јавни политики и менаџмент во високо образование. Меѓународниот Универзитет Визион е домашно правно лице, единствено по својата природа, бидејќи потпаѓа под рамката на оставрување на правото на мајчин јазик за турската заедница во Република Северна Македонија, а заедниците кои се помалубројни од 20% имаат специфичен третман согласно Законот за виското образование и Хашките препораки во врска со образовните права на националните малцинства. Токму затоа и мојата лична одговорност- но и честа која ми беше укажана од страна на Ректорот, е уште поголема.


Еднакви.мк:Работиш на теми кои се некако предефинирани во машки род во локален контекст.  Каква е твојата перцепција за учеството и застапеноста на жените во јавниот и политичкиот живот кај нас?

Весна Попоска: За жал шовинизмот не  е мртов, дури би рекла дека доживеа и „преродба“ во контекст на една друга „Преродба“ чии последици долго ќе се искоренуваат. Иако имаше сериозни напори, уште долг пат треба да се изоди во таа насока. На пример, иако можно е да се поголем број на жени вработени во високо образование, бројот на жени кои се на одлучувачки позиции (ректори, декани) е значително помал. истото важи и за во политиката и за речиси сите сфери на делување и живеење- дури и тами каде што е постигнат паритет, жените поретко ги гледаме на позиции кои се вистински одлучувачки. Уште помалку, ги гледаме вистинските жени на вистинските места-политичките партии  како најголеми ресурси за кадровски прашања многу често ги користат квотите како формалност, не дозволувајќи им на најквалитетните да „испливаат“ на површина, како би можеле да ги држат „под контрола“.


Еднакви.мк:Кои препораки би ги дале за надминување на состојбите?

Весна Попоска: Тешко дека може да се даде единствен одговор. За почеток, би препорачала промена на статуите на партиите во насока на поголема демократизација и инклузивност. Понатаму, на земјата и треба системски пристап во градењето на кохерентни јавни политики. Се носат законски решенија „потамина“ без да се утврди пропоционалноста на предвидените мерки за надминување на состојбите, анализата на трошоци и потребите на средината. Многу повеќе преведуваме и препишуваме законски решенија кои не се компатибилни едно со друго, па настанува хаос во примената.  Во процесот на пристапување кон  ЕУ овие недостатоци ќе излезат на виделина и веќе нема да може да се „пикаат под тепих“.  Кога зборувам за кохерентни јавни политики, како приоритети кои на посебен начин ги зафаќаат жените би ги издвоила: здравство, социјална политика, иобразование. Функционирањето на правната држава и пазранта економија се подразбираат како предуслов и се дел и од Копенхашките критериуми и од препораките во извештајот на Прибе и водечките експерти. Трето, и за сега најважно- трансформација на медиумскиот простор.


Еднакви.мк:Што сметате дека им е потребно на младите жени и што би им порачале?

Весна Попоска: Потребни им се повеќе вистини идоли и повеќе вистински шанси, како и поддршка од околината.  Не им треба притисок од типот  „а свадба кога?“ иако се разбира дека и реализацијата во приватниот живот е важна. Видливоста на позитивните идоли е сито така важна, затоа ја поздравувам уште еднаш идејата на еднакви.мк за формирање на дата-база на експертки. Она што мене секогаш ме охрабрува е поддршката и вербата која во мене ја имаат партнерот, семејството, пријателите и колегите. Затоа многу е важно внимателно да си го избираат опкружувањето, да не губат време на непотребни работи и луѓе, како и да имаат верба во своите соништа и да го изнајдат вистинскиот начин да стигнат до нив- со напорна работа и добра мисла. Тоа подразбира и работа на многу нешта кои нема да бидат секогаш платени како што е практиканската работа. Праксата во организација каде „може да го купите занетот“ може да биде многу повредна од еден куп работи на работни места во кои не се пронаоѓате.  Напорната работа и добрата мисла во комбинација се најдобриот modus operandi. Во тој случај успехот доаѓа сам по себе, пред да бидете свесни дека сте го постигнале, затоа што успехот е процес и патување. Има нерамнини и турбуленции во попатното возење, но поминуваат. Затоа повеќе важно од вашите животни ситуации, е вашиот одговор на нив. Затоа мојата порака за крајот на ова интерјвју е- Врзете го појасот, полетуваме !