Општо

Марија Дима од Романија- победничка на Малиот Битолски Монмартр има и македонско потекло

Во март оваа година традиционално во Битола се одржа по 39ти пат, детскиот ликовен конкурс „Мал битолски Монмартр“  На конкурсот, кој траеше до 20 февруари, учествуваа околу 300 училишта, ликовни студија, градинки од 33 држави, со над 15.000 детски цртежи. Стручното жири од вкупно пристигнатите творби додели награди за учество, за колекции, златни палети и дипломи и селектира 717 најдобри дела за 38-та Светска изложба, која ќе биде поставена и отворена на 23 мај и ќе трае до крајот на 2020 година, а која секоја година е посетувана од голем број туристи и љубители на уметноста.

Највисоката награда гран при првпат ја добива 18-годишната Марија Дима од Букурешт, Романија, која е неколкугодишна учесничка на „Монмартр“, а оваа година испрати своја колекција од 20 дела. Еднакви.мк дознава дека Марја Дима има и македонско потекло па стапи во контакт со неа. Еве што таа ни одговори на нашите прашања.

Еднакви.мк: Од кога се јави љубовта кон сликањето кај тебе?

Марија: Сакам да сликам уште од мали нозе, на 12-годишна возраст цртав слики од цртаните филмови на sидовите на детските соби на децата на пријателите на моите родители. Во 4-то одделение  мојот учител ме насочи да се запишам  во гимназијата за ликовни уметности „Никола Тоница“ во Букурешт.

Еднакви.мк: Како дозна за Малиот Битолски Монмартр?

Марија: Во 9-то одделение, наставникот по сликарство побара од нас да сликаме на темата „Музичари“ за натпреварот Мал Битолски Монмартр во Битола, Македонија. Учествував со две дела во 2017 година и освоив два златни медали. Оттогаш, радоста за учество на овој прекрасен фестивал продолжуваше секоја година.

Еднакви.мк:  Ти имаш Македонско и Балканско потекло, кажи ни нешто за тоа.

Марија: Кажувајќи им на моите родители колку се убави местата во Битола, Охрид, Вевчани, татко ми и баба ми кажаа дека имаме роднини во Битола и во Охрид. Семејството на татко ми е македонско. Бабите и дедовците на татко ми живееја во Битола, Охрид, Дуростор, Солун, Плеса, Тирана и потоа мигрираа во Романија. Жал ми е што не зборуваме македонски дома, затоа што мајка ми е Романка. Но, јас го разбирам јазикот што го зборува семејството на татко ми и можам да кажам дека едноставно се заљубив во местата и луѓето овде.