Општо

Софија Антониа Дацева победничка на „Зелени идеи“: Преработка на комињето во адитив корисен во прехраната

 

Еднакви.мк: Кажи ни нешто повеќе за тебе,  каде си студирала и каде работиш?

Софија: Се викам Софија имам 25 години. Имам завршено додипломски во Лондон по финансии и претприемништво. Всушност, уште додека бев трета година на факултет ми се појави желбата да основам своја компанија и да бидам претприемач, главно поради тоа што претприемништвото претставува голем предизвик и старт-ап компаниите имаат голем ризик, но истовремено нудат голем потенцијал за раст. Мојата прва претприемачка идеја ја добив веднаш по завршувањето на додипломските студии, но бидејки тогаш истата претставуваше само ,,идеја на хартија” одлучив да ги продолжам постдипломските студии во насока иновации и претприемништво при Универзитетот Варвик. Кога ги завршив постдипломските студии веќе имав развиено една иновација и бев спонзорирана со старт-ап виза од страна на Британската Влада. Владата заедно со Универзитетот Варвик ми овозможија да основам своја компанија во Англија, како и константно ме поддржуваат со секаква експертиза, со цел да ги разивам успешно моите идеи и истите побрзо да стигнат до комерцијализација.

Во моментот активно работам на два проекти меѓу кои едниот се состои во технолошки процес на покачување на точката на мрзнење на винскиот алкохол од -18°С на 0°С степени, додека другата иновација претставува мултифункционалниот адитив од комиње. Главните цели ми се да создадам компанија која ќе специјализира во развој на иновативни технолошки процеси во прехранбената индустрија кои ќе имаат додадена вредност за таргет клиентите и позитивно влијание врз животната средина.

Еднакви.мк:  Како дојдовте до идејата за преработката на комињето во адитив корисен за производи од прехрамбената индустрија?

Софија: Идејата за преработка на комињето се појави додека работев на првиот проект, односно покачување на точката на мрзнење на винскиот алкохол од -18°С на 0°С степени. Имено, овој проект ми овозможи да го воочам проблемот кои винариите го имаат со комињето, кое претставува нус-производ при процесот на производство на вино. Најпрво увидов колку големо количество на отпад се создава, потоа заинтригирана од тоа одлучив да го анализирам составот на овој ,,отпад”. Увидов дека всушност комињето има многу корисни карактеристики за човекот, вклучувајки голем процент на растителни влакна, антиоксиданси, феноли, витамини, а од друга страна истото секоја година останува неискористено и отстрането во депонии. Во исто време сакав мојата компанија да има позитивно влијание врз животната средина, посебно земајки го во предвид фактот што се почесто ја занемаруваме, а таа всушност е една од главните теми на кои треба да размислуваме сите и тоа активно. Па од тука, се разви и идејата за создавање на циркуларен модел и производство на мултифункционален адитив.

Еднакви.мк: Можеш да ни го објасниш овој процес?

Софија: Адитивот од комиње е во моментот во фаза на прототип и истиот има многу простор за развој. На кратко, тој претставува природен адитив кој се добива при процесот на преработка на комиње. Идејата е во технолошкиот процес, односно екстракција на антиоксиданси, обојувачи и растителни влакна во исто време, низ единствен процес, додека паралелно се отстрануваат и пестицидите. Крајниот производ ќе претставува еден адитив кој ќе има улога на антиоксиданси, растителни влакна и обојувач на храна, додека во моментот произведувачите од прехранбената индустрија користат три различни адитиви за да ги добијат овие својства. Дополнително, Вајс адитивот ќе биде природен и ќе претставува одлична замена за вештачките адитиви. Всушност, другото позитивно потенцијално влијание на Вајс адитивот е подигање на свеста кај конзумирачите за користење на природни наспроти вештачки адитиви, како и овозможување на компаниите од прехранбената индустрија за развој на поздрави производи.

Еднакви.мк: После победата на ваков натпревар , што би им препорачала на младите во Македонија?

Софија: Да победиш секогаш е супер. Кога ќе победиш се чувствуваш како да целиот труд кој си го вложил во работата се исплатил. Се разбира оваа победа не се однесува само на националниот натпревар. Победата честопати за мене е и надминување на тежок предизвик со кој мојот старт-ап се соочил, завршување во предвиденото време, успешен развој на производ и слично. Во нашата држава, како и во светот младите се полни со идеи, честопати многу креативни, но не секогаш се осмелуваат да го превземат ризикот и да ги остварат. Искрено, и јас кога се одлучив да ги реализирам моите идеи се чувстував многу несигурно, но доколку си упорен мислам дека секогаш се наоѓа начин. Токму тоа би им го препорачала и нив. Да се осмелат да превземат ризик и да го направат тоа што ги прави нив среќни и исполнети. Бидејки на крајот на денот, во работата поминуваме голем дел од нашето време и затоа сметам дека тоа треба да е нешто што навистина го сакаме.