Интервјуа

Проф. Д-р Ленче Петреска, Ректорка на Меѓународен Славјански Универзитет „Г.Р. Державин“

Проф. Д-р Ленче Петреска е единствената актуелна Ректорка и тоа на Меѓународен Славјански Универзитет „Г.Р.Державин“ и една од вкупно две ректорки во нашата историја. Според неа, современиот концепт на образование подразбира доживотно учење.

Еднакви.мк: Веќе година и половина сте Ректорка на Славјански Универзитет. Што Ви се најголемите предизвици?

Проф. Др. Ленче Петреска: Мое верување е дека на животната патека секој нов ден носи некаков предизвик. Ректорската позиција во модерно време претставува динамична обврска и инспирација. Тоа посебно важи за универзитет чии стремежи се да биде флексибилен, отворен, креативен. Носечки предизвик ми беше и останува се што е добро на универзитетот, да се придвижи кон многу добро и одлично, да се напредува чекор по чекор, но и забрзано. Не е фраза туку факт смислата на образованието да се проткае со потребите, стремежите, желбите на студентите, според актуелни и перспективни барања. Се однесувам со почитување на принципот дека секоја потешкотија може да се реши, да се осознае така што брзо и безболно да се надмине. Приватно и лично се надевам дека останав природна, насмеана и помалку тивка и оти таква ме перцепираат и студентите и колегите, а и останатото опкружување. Нема да ви зборувам што претставува постојаната надоградба во образованието покрај животното искуство, но сакам само да напоменам дека постојано ни е потребен потсетник за тоа што навистина значи да имаме иницијатива да имаме инспирација, што значи да се оствари целта, што значи да се направи нешто за себе.

Еднакви.мк: Дали во текот на Вашето работење фактот дека сте жена Ви ги намали или зголеми предизвиците и како?

Проф. Др. Ленче Петреска: Да појдеме од тоа дека во минатото во нашата држава имало жени кои биле на чело на универзитети во својство на ректори. Можеби во одредени моменти тие биле во предност пред машките колеги и тоа со својата внимателност, прецизност, комуникативност. Всушност кога е жена ректор тоа е од полза за универзитетот, од причина што мислам дека во женската природа е поелегантно да доаѓа до посакуваниот резултат, се разбира со стручност, одговорност, аргументираност. Женскиот глас е помилозвучен, поприфатлив, а познато е дека добар збор железни врати отвара. Во моментов сум единствената жена ректор, но тоа не ја оспорува потребата од поактивна вклученост на жените на оваа функција. Имам несебична и отворена соработка со останатите ректори на универзитетите, како на државните, така и на приватните универзитети. Предизвикот е голем, но се надевам дека успешно ја менаџирам целокупната комуникација. Посебно сум задоволна што моите колеги немаат никакви предрасуди во нашата соработка. Како полесно прашање е што се залагам во актите на универзитетите трајно да се вметне дека нив можат да ги водат жени ректорки, а не само ректори. Јас цврсто верувам  дека придонесот ќе биде голем, за се она што е добро и корисно да биде имплементирано при што и ќе вроди со подобри резултати за науката и општеството како и за проширување на европските вредности и воочување на академските перспективи.

Еднакви.мк: Кои, според Вас, се предностите на Славјанскиот Универзитет?

Проф. Др. Ленче Петреска: Ние живееме во општество на знаење, а знаењето е најважниот ресурс на бизнисот кој го  дели светот на богати и сиромашни, на успешни и неуспешни.

Основната мисија на секој универзитет е пред се да создаде луѓе, професионалци и интелектуалци кои по завршувањето на високото образование ќе можат подеднакво да се вклучат во социјалниот и економскиот живот и значително да придонесат за развојот на заедницата. Нашата најголема предност е тимот кој го имаме создадено, кој секојдневно се вложува во унапредувањето и му овозможува на универзитетот брзо да се адаптира на промените, да биде во чекор со трендовите, за да може да иновираме и создаваме нови вредности. Дополнително, добриот тим создава позитивна атмосфера за студентите. Нашите стратешки цели се поврзани со позитивните студентски искуства и задоволството од процесот на студирање, како наш најголем приоритет.

МСУ има голема одговорност, односно млади луѓе кои ќе ги поминат следните години на нашиот универзитет да се стекнат со знаења и вештини, во замена за идеи. Ставени сме пред голем испит, но, нашата цел и амбиција не смеат да се сведат само на успешно совладување на тестовите на издржливост. Наша цел и обврска мора да биде да чекориме напред, да остваруваме напредок и тоа пред се во оние области кои се најбитни за секојдневниот живот на студентите и научните работници. Ако сме успешни на тој план ќе имаме амбиент да се посветиме на другите приоритети.

Еднакви.мк: Вашиот универзитет е на листата на универзитети кои имаат голема и долгорочна соработка со други универзитети од регионот и пошироко. Дали мислите дека е тоа важно за студентите и академската средина?

Проф. Др. Ленче Петреска: Академската заедница е универзална и глобална, а да се биде студент денес значи да се биде жител на светот. Најголемиот мост за успешна соработка на државите во сите сфери на живеењето претставува образованието. На сите држави и се потребни знаењето, науката и интересот на младите, а тие претставуват носители на економски, општествен и социјален развој. Ние имаме одговорна улога во целиот тој процес на осовременување и затоа морам да ја истакнам важноста на академската средина како клучен фактор за  продукција на кадри кои ќе придонесат во јакнењето на 

конкурентската предност на државите на глобалниот пазар. Оттука, услов за понатамошен развој претставува соработка меѓу универзитетите на меѓународно ниво. Во изминатиов период нашата академска врска со повеќе  универзитети се продлабочува во сферата на наставна, научна и истражувачка работа, преку студентски размени, конференции, реализација на бројни проекти при што сето ова ќе придонесе во зголемување на квалитетот на едукација на кадри. Оваа силна соработка им овозможува на нашите студенти да разменуваат искуства со своите врсници од други земји. Тоа претставува важен елемент во процесот на студирање кој ќе им помогне и во развојот на нивните кариери.

И во минатото бевме и во иднина ќе останеме промотор во добрата регионална соработка со Универзитетите.

Еднакви.мк: Како универзитет во изминатиов период учествувате во Еразмус+ програмата. Што е последното на што работите во моментов во оваа програма на ЕУ?

Проф. Др. Ленче Петреска: 2019 година беше нашата прва година во Еразмус+ и од тогаш беа организирани мобилности на студенти и наставен и административен кадар во многу земји низ Европа. Нашата цел е студентите да можат да ги искористат бенефициите на програмата и затоа пружаме поддршка на Здружението на студенти на МСУ во процесот на подготовка на проектите. Годинава здружението е партнер во одобрени Еразмус+ проекти на здруженија од Италија и Романија, а последниве неколку денови професорите од Факултетот за психологија и членовите на здружението работеа на подготовка на проект насловен „Резилиентност преку креативно искуство / Resilience through сreative experience“, за кој чекаме резултати. Генерално, може да се каже дека се трудиме да ја зајакнеме соработката помеѓу студентите и наставниот кадар преку Еразмус+ проектите. 

Еднакви.мк: Што би им порачале на младите жени?

Проф. Др. Ленче Петреска: Своевремено, светски хит во литературата беше романот Алхемичарот од планетарно познатиот автор Паоло Коељо. Историска е пораката од ова вонвременско дело „среќата да ја бараме и да ја најдеме тука веднаш до нас и во нас“. Тоа би било една порака. Јас сум по природа непоправлив оптимиста и секогаш го гледам доброто, наспроти лошото.

Да веруваат во себе е и натаму незаменлива идеја. Верувам дека можат и животно и работно да се остварат со примена на оние елементи од научно заснованата SWOT анализа, односно да ги согледуваат и предностите и слабостите, шансите, но и заканите. И да веруваат дека секое утре ќе биде подобро од секое денес. Нашиот живот многу повеќе го обликуваат нашите очекувања и надежи, отколку нашето искуство. Верувајте…не е лесно, работа, кариера, приватен живот, препреки, искушенија, но вербата во себе и тоа што го работите е клучен фактор.

Постојат два вида на луѓе: првите се оние кои вистински работат и постојано учат и другите се оние кои ја собираат славата за туѓото направено. Потрудете се секогаш да бидете оние кои сте во првата група, зошто верувајте тука е помала конкуренцијата.