Мој став

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Ивана Чешмеџиевска

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Ивана Чешмеџиевска.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Ивана Чешмеџиевска: Можам да издвојам две највлијателни прествртници во мојот живот. Првата е кога станав мајка. Родителството е доживотна авантура која никој не може да ви ја опише, бидејќи секоја е приказна за себе. Откако станав родител добив поинаква почит кон сите родители особено мајките. Втората прествртница беше кога добив втора шанса за живот по сериозно,  животозагрозувачко нарушување на здравјето. Во такви моменти по итна постапка добиваш моќ да селектираш важно од неважно, без разлика дали станува збор за луѓе или ситуации.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Ивана Чешмеџиевска: Мислам дека на жените во Македонија им недостасува некој секојдневно да им појаснува колку се вредни како битија. Жената има мал милион улоги во секојдневието; таа е ќерка, сестра, внука, братучетка, другарка, мајка, сопруга, сосетка, колешка… Таа е темел врз кој се потпира семејството, а во една поширока смисла и општеството. Во таа трка да ги реализира сите улоги достојно и својствено само за неа, жената ја подзаборава својата важност.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Ивана Чешмеџиевска: Најважно е да си сега и овде. Ние жените сме склони кон претерано размислување за да можеме да превенираме несакани ситуации . Треба да се научиме да функционираме во моменот. Земјата нема да престане да се врти ако заборавиме нешто 😊

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Ивана Чешмеџиевска: Да ја работат својата работа професионално и за добробит на сите. Да се трудат да направат систем кој што ќе функционира.

Да се стават за момент во позиција на најобесправените жени кои секојдневно ги опкружуваат. Жените кои секојдневно се борат да стават леб на својата трпеза,  да не добијат ќотек,  да не бидат омаловажени и малтретирани од своите претпоставени, жените на кои здравјето им е згарозено работејќи во нечовечки околности, жените кои се борат со некоја тешка болест за која освен психичка им треба и голема материјална поддршка.

И да не заборават дека еден ден можеби ќе си ги заменат местата.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Ивана Чешмеџиевска: Бесплатно високо образование, подобри услови за работа за медицинскиот персонал, и работно време од понеделник до петок за сите.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Ивана Чешмеџиевска: Несигурноста е скала во процесот на спознавање на себе си. Нема стабилен темел ако не се поминат сите скалила. Најнормално е човек да се чуствува несигурно понекогаш. Несигурноста доколку е конструктивна те наведува да го истражуваш светот околу и во себе. Коцките ќе се наредат кога ќе дојде време за тоа.