Мој став

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Валентина Стефановиќ

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Валентина Стефановиќ.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Валентина Стефановиќ: Моментот кога сфатив колку е важно да се живее сегашниот момент. Минатото не можеме да го смениме, иднината е непозната.. И живеејќи го само сегашниот момент растеретени од товарот на минатото и од мислите за иднината, исполнети со љубов, разбирање, сочуство, креација… креираме нова иднина.

Животот го разбирам како игра. И во таа игра секојдневно се случуваат пресврти. Најмалите ситници можат да бидат пресврт со големо значење доколку ги приметиме.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Валентина Стефановиќ: Охрабрување и поддршка.

Охрабрување за прифаќање на  сопствените вредности, огромната енергија и креативноста што ја поседуваат и надминување на стравот за отпочнување на нешто ново и остварување на нивните визии.

Подршката им е потребна за да се охрабрат да ги направат првите чекори во која и да е насока.Сметам дека жената може најмногу да направи за жена.

Затоа апелирам до жените кои тоа го можат и умеат несебично да пружаат рака на жена на која и е потребна поддршка и насоки.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Валентина Стефановиќ: Ти си совршена креација на универзумот. Не дозволувај да те етикетира твоето его и исто така не дозволувај да те етикетира некој друг. Создаден си да бидеш љубов и да шириш љубов и разбирање. Не осудувај и разбери ја реалноста на другите. Биди хуман и благороден човек. Секој ден заблагодари се за тоа што го имаш и тоа што си, и секој ден подари нешто па нека е и само добар збор и насмевка.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Валентина Стефановиќ: Бидејќи сега сум во водите на претприемништвото, конкретно отпочнав со производство на рачно изработени сапуни од природни масла, можам да кажам нешто во тој правец.

Сметам дека жената претприемач која во овие тешки времиња решила да отпочне со самостојна дејност е многу храбра.

Секојдневно слушаме дека има поддршка за малите и средни претпријатија посебно за жените претприемачи  но јас сметам дека целиот процес треба да биде потранспарентен, информациите подостапни, да им се овозможи на жените полесно да добијат помош за почеток. Бидејки баш заради наидување на препреки во смисла (треба да платиш обука за да научиш како да аплицираш), многу жени се откажуваат уште на самиот почеток. Јас би им препорачала на одлучувачите да го поедностават стартот, да внесат ветер во грб, а обуки да имаат жените во конкретната дејност која ке ја работат која би била од стручни лица од областа и бесплатна се разбира.

Да се следи работата на претприемачот што значи поддршка со ослободување на давачки, даноци, царини, помош при пласирање на производ … односно давање можност да се застане на нозе.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Валентина Стефановиќ: Сметам дека жената е едно битие кое е обдарено да дарува многу љубов, нежност, таа е мајка, домакинка, учителка, тренер, готвач и што уште не во семејството а воедно и деловна жена која придонесува во семејниот буџет.

Три работи кои во овој момент во однос на жените би ги сменила се:

–  пократко работно време, 4 дена во неделата и 7 часа во денот,

– укинување на третата смена за жените кои работат во фабриките.

– бенифициран стаж за жените бидејки ќе повторам тие освен што се вработени се мајки, домакинки, учителки, готвачки…

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни восебе?

Валентина Стефановиќ: Овде ќе зборувам за жените кои сакаат да отпочнат и да се остварат преку своите вештини.

Според мене поимот жена е енергија. Секоја од нас поседува огромна енергија и треба само да ја канализираат во правецот на сопствениот фокус.

Да бидат храбри да се растеретат од било какви стравови, да не се плашат да го прават тоа што го сакаат. Само тоа што го правиш со љубов дава резултати.

Да не чекаат се да биде совршено за почеток, тогаш почетокот нема да се случи,

Да не одложуваат,  само да почнат.  

Да не се колебаат и не се срамат да побараат помош.

Да не се плашат од критики, на нив да гледаат  како патоказ на нивното усовршување,

Нека не ги обесхрабрува конкуренцијата, таа треба да биде нивниот мотиватор..

И на крај да бидат хумани, да донираат и помагааат секогаш кога се во можност.

Подарувајте љубов, таа се врака многукратно во секоја сфера на живеењето.