Мој став

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Катарина Георгиевска

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Катарина Георгиевска.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Катарина Георгиевска: На свои 20 години, кога бев студентка во втора година на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје,  во текот на една ноншалантна саботна прошетка со другарки во градскиот парк во Скопје, застанавме на еден штанд кој нудеше информативни содржини за активности на еколошкото друштво Опстанок од Скопје. Тоа беше во далечната 1991 год., по што следуваше нашето зачленување и младински ентузијастички активизам во една прогресивна општествена дејност како што е заштита на животната средина и решавање на проблемите со загадувачите на територијата на градот Скопје. Бидејќи го зборувавме добро и англискиот јазик, за разлика од повозрасните членови, се вклучивме и во меѓународна соработка и кореспонденција. Само 2 години подоцна добивме покана од меѓународната организација Регионален центар за животна средина од Будимпешта, Унгарија дека сакаат да постават свој координатор кој ќе ги спроведува програмите на оваа организација и во нашата млада, независна држава. Иако бев веќе апсолвентка, без многу размислување одлучив да испратам пријава на конкурсот и храбро зачекорив по еден целосно непознат пат на одење на интервју за работа до Будимпешта (што многумина го оценија како сулуда идеја која може дури и фатално да заврши по мојот живот), разговор со извршниот директор на организацијата и тим лидерот за поранешните ЈУ-републики и притоа бев сосема искрена и самоуверена во одговорите! Од денешна перспектива, претпоставувам дека сум личела на младо, будалесто, еуфорично девојче, но, како што подоцна ми призна тим лидерот, токму искреноста, покажаниот ентузијазам и истражувачки дух биле елементите кои ги процениле како добар потенцијал. Интересно, но и јас денес кога треба да одбирам луѓе за соработка, ги барам овие особини. Тој момент на првичен занес и одлука го одбележи целиот понатамошен тек на мојот живот: работни ангажмани за меѓународни организации во областа на демократскиот развој на едно општество и особено заштита на животната средина. Во позадина на одлуките всушност секогаш стојат моите (сега веќе покојни) родители кои уште од мало дете ме воспитувале на независност, вредна работа, креативност, истражување, создавање и придонес кон општата благосостојба на заедницата. Дури и кога не би била разбрана и поддржана од пошироката околина за некои потези, најважните критериуми при изборот беа дали намерата е чесна и добронамерна.  

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Катарина Георгиевска: Се повеќе се уверувам во мојата аксиома дека жените се тие што ги воспитуваат жените (нивните ќерки) и мажите (нивните синови). А како биолог, многу добро знам која е генетската и психолошко-емоционалната улога на мајката во животот на еден човек (било да е маж или жена). Во таа насока, мислам дека жените во Македонија мораат да се ослободат од општествените и религиозните предрасуди изградени во текот на феудалниот среден век од кој директно сме скокнале во социјализам, речиси без долгогодишна пракса на капиталистички општествени вредности, кои патем речено, покрај одредени негативни особини од социјалниот аспект, нудат и интензивен технолошко-економски развој, особено квалитетно образование. Ова го велам бидејќи има суштинско влијание и на трансформирањето на жената во Македонија: она ослободување од ропските феудални односи, но и прекумерната еднаквост рамо до рамо во првите борбени редови или физички тешки работни позиции во времето на СФРЈ. Со моменталната либерализација на глобално ниво која ја донесе и новата, дигитална ера, нашите жени допрва ќе ја градат својата независност, ќе се образуваат по нивен избор, ќе работат онолку колку што сакаат или сметаат дека им е потребно и ќе имаат можност да заработуваат и да живеат по сопствено убедување. Ако забележувате пософистицирани ликови кај помладите генерации, променети трендови на уредување на домовите (каде женската улога е особено важна), урбан стил на држење на ставата и начинот на комуникација кај жените, но паралелно и повисоко изразување на почитта кај мажите од помладите генерации, тогаш тоа е тоа. Се работи за промена и на генетскиот код, што е подолготраен еволутивен процес за кој неопходна е смена на барем 2-3 генерации. Тоа е природен процес, ние не можеме да го стопираме, може само да го забавиме со погрешни избори и одлуки. А погрешните одлуки се носат кога ќе надвладее стравот, несигурноста и ниската самодоверба. Ете ова се елементите кои секоја мајка треба да ги гради кај своите деца, за да изгради здрави личности кои уште повеќе ќе придонесуваат за развојот на својата земја во било кој поглед. Ова пак значи дека пред се, самата жена треба постојано да ја гради својата самодоверба, да чита разни информативни содржини и да биде ангажирана по сопствена воља со мали, ситни работи од нејзин личен интерес кои ја прават среќна и задоволна. Јас, на пример, во „слободното време“ многу сакам да изработувам накит.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Катарина Георгиевска: Една моја помлада пријателка пред неколку години требаше да донесе одлука дали да ја напушти нашата земја со семејството и да живее таму некаде во Европа. Пред да замине на двонеделниот „одмор“ на кој требаше да се запознае со земјата и да ја донесе својата одлука, јас и препорачав: кога сме на одмор, секаде ни е многу убаво. Но, кога треба да се соочиме со одговорностите на животот, не е секаде убаво. Ќе си земеш еден лист и ќе повлечеш линија на средината. Од левата страна ќе ги пишуваш работите што ти се допаѓаат, а од десната страна ќе ги пишуваш работите кои ти изгледаат многу подобри во Македонија. Ќе ги пишуваш и вредностите (пријатели, родители, „одење по кафани“, итн.). Се што правиш, и во музеј да влезеш, ќе запишеш. Потоа кога ќе се вратиш, ќе направиш бодување и ќе видиш кантарот каде ќе превагне. Кога жената се врати од „одморот“, по неколку дена ми кажа дека „задачата што сум и ја дала“ и била од животно значење.  И старите народни поговорки ни даваат огромна мудрост искажана со неколку зборови, но умешноста се состои во тоа да научиме како да ги практикуваме овие мудрости во секојдневниот живот.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Катарина Георгиевска: Прво, би донела многу ригорозен и прецизен закон против семејно насилство, за кој слушам дека токму во моментов се работи во нашата земја, и особено механизмите за интензивно и ефикасно спроведување. Не е доволно само да се пропишат повисоки казнени мерки, туку воопшто да профункционира целиот систем од откривање, препознавање и пријавување на било какво насилство, па се до навремена и соодветна реакција од страна на институциите и негово казнување. Особено е важно  да се обезбедат функционални механизми кои на пример уште при стапување во брак ќе и овозможат финансиска независност и стабилност на жената. Доколку жртвата сака да се одвои насилникот, таа не смее да трпи затоа што нема каде да живее со децата, или пак ќе нема кој да ги храни. На пример, во Австрија ако жената побара развод, таа, заедно со децата добива од сопругот кров над главата и солидна месечна финансиска издршка. Никој не прашува дали тој има „каде да оди и од што ќе се храни“. Со вакви и слични механизми, психичкото, емоционалното и физичкото насилство полека ќе се намалуваат како појави.

Второ, бидејќи доста работам и на полето на селскиот туризам, често пати се чувствувам натажена поради недоличната состојба на голем број од руралните жени во Македонија. 

Тие ги работат сите домашни обврски, се грижат за децата, ги работат макотрпно и земјоделските работи, но кога ќе дојде време за исплата на предадените производи и субвенциите, знаете ли на чија сметка одат парите? На мажот во семејството. Таа нема сопствена сметка, и последователно, треба, понекогаш и понижувачки, да моли за секоја нејзина потреба. Ова мора да се промени и тоа со законска регулатива, бидејќи само така, работниот ангажман на жената и во земјоделието ќе биде соодветно платен, а таа ќе има сопствена финансиска независност. Исплатите кај земјоделските семејства треба да се поделат подеднакво на целото семејство, вклучително и на женските членови кои учествувале во производството. Постојат одредени стимулативни мерки за поддршка на жените земјоделки, но токму ниското ниво на образование, (сеуште за жал) менталитетот на феудално ропство и строгите семејни догми, држат поразителен број од нашите жени во недостоинствен начин на живот.

Секако дека постојат игротеки (само во поголемите градови), но, би сакала да видам градоначалник во Македонија да уреди јавен простор во клуб за жени во кој ќе има игротека за деца, а жените ќе можат да се дружат, да посетат фризер или козметичар во истиот комплекс, да посетат одредена работилница на различни теми или играње танци, со еден збор, да бидат среќни и исполнети дека научиле нешто ново, а притоа да заборават на секојдневните обврски.  

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Катарина Георгиевска: Прво, би го сменила целосно образовниот систем во нашата земја. Од основните училишта, се до високото образование. Тоа значи дека ќе ги исфрлам сите учебници а со нив и соодветните наставни програми и планови. Сите тековни наставници ќе мора да прифатат дека 123% ќе го сменат начинот на воспитување и образување на децата со целосно интерактивна настава (правење дома Powerpoint презентација на некоја тема НЕ е интерактивна настава) без учебници и без испрашување како што тоа сега се практикува. Доколку некој не може да го прифати овој современ систем на одржување на настава, ќе биде замолен доброволно да го напушти работното место.

Второ, максимално брзо и системски ќе ја елиминирам сивата економија т.е. секој  приход на било каков начин, па дури и најмалата сума, ќе мора да биде институционално легализиран преку финансискиот систем во државата. Ова е огромна работа, но нели, ако се сака – се може. Сивата економија (за која неодамна слушнав дека се движи помеѓу 30 – 40% од вкупниот буџет / приходите на државата) е една од најголемите кочници за развој на нашето општество во било кој поглед; таа задира во сите сфери на општественото живеење, иако многумина мислат дека е „само дополнителен приход во државниот буџет“, што е многу, многу погрешно.  

Трето, интензивно би ги поттикнала т.н. јавни-приватни партнерства во сите сфери на општеството. Секаде каде гледаме дека „државната сопственост“ не ја води добро работата, тие услуги треба да се спроведуваат со приватниот или граѓанскиот сектор доколку пројават интерес. Вакви успешни примери во светот има многу, а кај нас само неколку (не толку успешни поради погрешниот пристап).   

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Катарина Георгиевска: Да ја признаат пред самите себеси сопствената несигурност и ако имаат сопствени уверувања дека „не можат“ да се соочат и справат со стравовите и ниската самодоверба, дефинитивно да посетуваат психотерапевти, групни работилници, да читаат многу соодветна литература и да запознаваат нови луѓе со кои ќе ги споделуваат стравовите и ќе учат добри лекции. Ѓубрето можеме привремено да го сокриеме под тепих, но на долга патека, тоа само ќе се зголеми, па и ќе почне да шири непријатна миризба. Така е и со нашите животи. Две работи научив на постари години: после секоја бура, дефинитивно огрева сонце и настапува спокој. Второ, среќата навистина ги следи храбрите. Животот секому ќе му донесе искушенија, тоа е природен физички закон, нема многу врска со религиозните филозофии. Секоја жена треба да биде практична и трезвено да размислува и во најтешките моменти. Во неодамнешен разговор со една монахиња, научив дека и очајот бил грев, и тоа многу голем. Затоа што во владение на очајот, всушност ја губиме вербата (во Бога т.е. во себеси), надежта (за подобро утре) и љубовта (која е единствената творечка енергија на овој свет). Затоа, драги мои, подгответе ги овие три оружја, подмачкајте го умот со добро образование и тоа е се што ви е потребно за да чекорите храбро напред низ животот.