Мој став

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Македонка Крстева Тодоровски

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Македонка Крстева Тодоровски, адвокатка.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Македонка Крстева Тодоровски: Не би рекла дека постои еден таков момент, туку мислам дека врз секој од нас влијаат повеќе моменти во текот на животот кои не упатуваат во одредена насока која може да предизвика поголеми или помали промени врз нашите животи. Понекогаш тие одредени промени можат да изгледаат позитивни, односно негативни, но може да значат одреден животен пресврт дури и кога најмалку очекуваме.

За мене лично имало моменти кои посебно ме допреле, а се поврзани со одредени субјекти со кои сум длабоко емотивно конектирана, па кога се случуваат нешта на кои можеби ограничено можеме да влијаеме, ја согледуваме за момент немоќта на човечкиот фактор, а воедно и моќта на љубовта која е израз на божественото и успева да не воздигне да продолжиме понатаму во новите животни предизвици. Во такви моменти можеби и недоволно свесни за себеспознавањето доживуваме духовно воздигнување низ кое добиваме еден поинаков императив и лично сметам дека во една таква состојба секој од нас го доживува она што го наведовте како прашање, пресвртница или животна себетрансформација. Притоа, од особена и круцијална важност е да се трудиме да се трансформираме и стремиме кон вечниот контемплирачки извор на животот – љубовта, а притоа како епитаф да ни служи секогаш најдоброто и најчовечното од нас самите.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Македонка Крстева Тодоровски: Во однос на жените би започнала со тоа дека жената е своевиден симбол на убавото во една општа смисла, таа е несомнено посебно благословена од Бог, пред се да биде мајка, што е посебна привилегија и дар над даровите, просто тоа има божествени димензии.

Жената историски гледано била третирана на различни начини, секако во зависност од повеќе околности, но повеќе од факт е тоа дека никако неможе да се игнорира нејзиното влијание врз сето она што е значајно за едно здраво семејство, општество, па и подобар свет ако сакате.

Доколку се осврнеме на нашето македонско општество, сметам дека е потребно поголема информираност на жените во однос на нивната заштита, правата, како и поголема ефикасност на институциите во однос на истата. Кога би го постигнале тој степен на функционалност и делување, останатото би се решавало со поинакво темпо.

Инаку она што би го потенцирала во однос на македонската жена е тоа дека покрај универзалните вредности кон кои секоја жена треба  да тендира и се стреми, сепак треба да ја задржи својата автентичност, меѓу другото и традиционалните вредносни примеси кои се една своевидна персонификација на македонската жена во позитивна конотација, секако.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Македонка Крстева Тодоровски: Кога станува збор за совети, честопати се запрашувам дали советодавноста секогаш е полезна, првенствено како за себе си, така и во однос на другите. Но, тргнувајќи од себеси,  своите погледи, светогледи, искуства, како и знаења стекнати во една област се обидуваме да помагаме со советодавноста, без оглед дали се работи за стручен, личен или друг вид на совет.

Сметам дека пред се најважна е добронамерна советодавност која е издржана и се заснова врз универзалните морални принципи, кои воедно прават човекот да се издвојува од останатите живи форми. Тие се изразени на повеќе начини, од повеќе културолошки, ако сакате и идеолошки стојалишта, но остануваат трајно како такви.

Ако сакате примери, би можела да Ви наведам повеќе. Ќе наведам примери поврзани со мојата кариера како адвокат, ќе потенцирам од областа на семејно право кои биле во прилог и успешно се завршиле со зачувување на целовитоста на семејството, што особено ме радува. Со дел од нив се среќаваме и денес и сме во пријателска релација, иако претходно не сме се познавале.

За мене семејството е светост и еве можам да порачам како совет – секој од нас да вложи напори  да го негува семејството, затоа што успешно семејство значи среќни луѓе, а среќни семејства значат среќни општества и подобар и посреќен свет.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Македонка Крстева Тодоровски: Да ги слушаат повеќе жените 😊

Да, тоа ми дојде прво како одговор, доколку и звучи хумористично на прв поглед, сепак стојам на ставот – гласот на жената 

треба да биде СЛУШНАТ, РАЗБРАН и УВАЖЕН.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Македонка Крстева Тодоровски: Би променила многу повеќе од три работи, но да не звучам утопистички би навела три кои се реални и неопходни со предзнак ИТНОСТ за човештвото:

– да нема гладни и жедни во човештвото (со носење на декрет )

– би ги запрела сите деструкции и војни во светот, а со тоа би придонела за заштита на мирот во светот и планетата која живееме

-владеење на еднакви права, без оглед на пол, вера, боја, нација, социјален статус и итн…со што ќе ја поттикнеме меѓусебната почит, толеранција, љубов…

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Македонка Крстева Тодоровски: Бидете свои и следете го својот сон. Слушајте го својот внатрешен водич, интуитивноста контрибуира со нашето битие во целост, душата која претставува безвремен конкремент на битието го препознава вистинскиот пат по кој треба да се движиме во животот.

Да се биде жена значи да се живее со привилегија, секако истовремено со предизвици кои природно и припаѓаат на жената.

Искористете ја таа привилегија и живејте го животот танцувајќи, ВЕРУВАЈТЕ МИ, никој не знае, не може и не му прилега така добро да танцува како НЕА.