Мој став

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Маја Ристова

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Маја Ристова, магистерка по право и адвокатка со своја адвокатска канцеларија. Едновремено е и Претседателка на Асоцијација на менаџери на Македонија.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Маја Ристова: Има многу такви моменти, но би споделила два. Моментот кога решив повеќе да не работам за друг, туку за себе и притоа ја отворив својата адвокатска канцеларија и моментот кога се роди мојата ќерка. Благодарна сум за овие нешта и многу сум среќна сум што постојат.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Маја Ристова: Храброст. Храброст да го кажат гласно своето мислење, храброст да живеат сами, храброст да носат одлуки. Меѓусебна поддршка. Кога велам “меѓусебна” мислам на жена према жена, нешто што е многу потребно, а недостига во нашето општество.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Маја Ристова: Навистина ми е тешко да издвојам еден совет, затоа што постојано советувам, дури и кога никој не го бара тоа од мене, но само поради тоа што мислам дека во тој момент би помогнала со тоа некому. Генерално, моите совети се во насока да се сакате и почитувате себе си, да се борите за свое посебно место под сонцето, да барате и очекувате да сте еднакви во општеството, да љубите со цело срце, да бидете хумани и да бидете благодарни за се што имате.  

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Маја Ристова: Да креираат систем во кои ќе им овозможат на жените да ги уживаат истите права како мажите во политиката, менаџерите да се избираат врз основа на знаење и компетентност, а не врз основа на родова припадност, да се заштитат жените од секаков вид на насилство, да се воведат мерки за помош и поддршка на самохраните мајки и мајките на деца со попреченост.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Маја Ристова: Не би преминала на издвојување и набројување на три работи. Одговорот би го конструирала поинаку. Би сакала моето дете да живее во слободно и праведно општество, каде не е важно политичкото уверување и припадност, општество во кое се цени стручност и компетентност, општество во кое луѓето имаат високи морални вредности.  

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Маја Ристова: Да чекорат низ животот храбро и самоуверено со крената глава. Да не дозволат стравот и несигурноста да ги уништи нивните соништа. Секоја препрека во животот да ја гледаат како предизвик, а секој неуспех како научена лекција. Никогаш да не се откажуваат од тоа што го посакуваат, затоа што стрмните патишта секогаш водат кон убави дестинации.