Интервјуа

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ-Елена Антоновска

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Елена Антоновска – Професионален коуч и обучувач.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Елена Антоновска: Такви моменти имало многу. Оној кој можам да го издвојам е моментот кога започнав да се занимавам со она што сега го нарекувам работа. Мислам дека никогаш ништо не е исто по тој момент. Секој ден гледам како ме менува мене и другите луѓе, таква каква што е – невообичаена.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Елена Антоновска: Храброст, а потоа се останато. Кога велам храброст, мислам на храброст за промена на стереотипите и менталитетот, предрасудите и претпоставките. Храброст за чекор напред, за градење интегритет, за независност, за свој живот. Жените имаат и онака доволно потенцијал, но се си мислам дека не го користат адекватно и во вистински цели.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Елена Антоновска: Мислам дека има барем еден таков за секој човек со кого сум се сретнала. Сепак можеби најважниот, ако генерализираме, е да се биде свој, да се живее сопствениот живот, да се биде човек. И уште повеќе да се биде слободен човек.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Елена Антоновска: Да ги подржат во смисла на едукација, финансии и развој на женското претприемаштво. Да го ревидираат системот на социјална заштита и заштита од сите видови насилство, и навистина да ги спроведуваат мерките за еднаквост на половите и правата и обврските по законот за семејство.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Елена Антоновска:

  1. Би сакала поквалитетно и поинакво образование
  2. Би сакала повисока свест кај луѓето
  3. Би сакала поголемо чувство за лична одговорност

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Елена Антоновска: Да го направат она за што сонуваат и да излезат од рамките. Ќе откријат еден поинаков, нов свет за себе и ќе бидат пример и за другите жени.